НАТО и јас/ние

Во 1991 година, Македонија беше практично држава без војска, за сега пред портите на НАТО да имаме обратна ситуација: војската нема држава, ами чува територија (од бегалци!) или ја користат за интервенции далеку од земјата. И едвај некој да се осмели да каже нешто за ова! Дури се кријат и испитувањата на јавното мислење, кои зборуваат дека поддршката за НАТО е под 50 отсто, а слично и за ЕУ

Во екот на претседателската кампања, јубилејот на НАТО минува по малку незабележано. Штета! Има тука толку „бисери“! Властите се трудат до степен во кој на крајот ќе нѐ/се убедат дека сме биле и основачи на Алијансата: организираа панели, изложби, објавија јубилејна поштенска марка (тријазична и од Северна, разбира се), одржаа концерт на воени оркестри итн. Сепак, кулминацијата на овој серијал е во две симболички пораки испратени преку два потега: прво, Министерството за одбрана објави конкурс за најдобар есеј за ученици и средношколци на темата „НАТО и јас“.

(На ова, со право, реагира првата детска амбасада „Меѓаши“, ама без ефект, бидејќи децата мораат да го засакаат НАТО, како што треба да се убедат дека се родени во Северна Македонија (вакви формулари веќе делат по училиштата, па таму веќе почнува фалсификувањето и на личната историја и за деца од седумгодишна возраст се тврди дека се родени во Северна). На социјалните мрежи, министерката излеза со слоган, сличен на оној на претседателскиот кандидат, „Заедно стоиме“, #НиеСмеНАТО. Така, постапката за наметната персонализација на НАТО и идентификација со него како со највисока вредност веќе тече, и на индивидуално и на колективно ниво, од најмладите до највозрасните. Покрај тоа што мигрантите (бегалците, поточно) стануваат тема на кампањата, сепак НАТО е главниот лајтмотив: се кршат копјата околу тоа кој колку му е лојален и го сака. Како да не беше доволно сето она што беше жртвувано преку Преспанската „пластична операција“, сведочиме на сѐ понови изливи на љубов и лојалност. Настрана што почнаа да се чувствуваат непријатно пред химната и политички некоректните стихови („Денес над Македонија“ и „Македонците се борат за своите правдини“ – иако жалната вистина е дека ни сонце нѐ огреа, ни за правдини нешто посебно се бориме), туку мораше да се редизајнираат воените униформи заради свеченоста. Кога на војник/офицер му се симнуваат ознаки и медали од униформите, тоа е обично чин на деградација и знак на најголем срам. Кај нас тоа се направи доброволно. Во подолг период, припадниците на АРМ се редовно понижувани, почнувајќи од ниската социјална положба, злоупотребата на гардата во кампањата за референдумот и нејзиното отсуство од протоколот при пречекот на Ципрас, а да не зборуваме за фијаското со гумите, чорапите и чизмите. Сега беа прекршени и сите воени протоколи. Во 1991 година, Македонија беше практично држава без војска, за сега пред портите на НАТО да имаме обратна ситуација: војската нема држава, ами чува територија (од бегалци!) или ја користат за интервенции далеку од земјата. И едвај некој да се осмели да каже нешто за ова! Дури се кријат и испитувањата на јавното мислење, кои зборуваат дека поддршката за НАТО е под 50 отсто, а слично и за ЕУ. Тоа, се разбира, нема никаква врска со некаков информиран јавен став за овие две организации/олигархии, туку е повеќе емотивна реакција на случувањата од минатата година.

Пендаровски ја трча претседателската трка од позиција на национален координатор за НАТО, и главната порака (како што можевме да чуеме во првата ТВ-дебата, но и на митинзите) е дека правото е неважно, тоа служи за да се стане декан на некој правен факултет, а во стварноста е потребна реалполитика за да се разговара рамноправно со Трамп, Макрон или Меркел. На тезата на Сиљановска за потребата од јуридизација на политиката, признаена и прифатена од сите научни и критички умови, еден колумнист-професор одговара со текст во кој (фројдовски) се слизнува и тврди дека таа се залагала за јустификација на политиката. А НАТО е сѐ освен за јуридизација на политиката: од 1999 година кога излезе надвор од меѓународното право, ама и многу држави-членки, вклучувајќи ги и САД, ги прекршија сопствените устави влегувајќи во ваква воена интервенција, па сѐ до уништувањето на Либија, инволвираноста во Сирија, скришната поддршка на Саудиска Арабија, која го масакрира цивилното население без никој да дигне глас и да се вознемири итн. Чувањето на границите на Тврдината Европа се милитаризира, а богами војската ја чува Француската Република од сопствените граѓани, кои протестираат со месеци во жолти елеци.

Затоа, мнозина поставуваат легитимно прашање: чуму НАТО и по 70 години. За каква цел постои и кого тоа чува или напаѓа? И кој ја плаќа цената за таквиот „мир“? Според железниот закон на олигархијата на (историски контроверзниот) Михелс, организациите тешко се менуваат, бидејќи умешно наоѓаат одново и одново легитимација и оправдување за своето постоење, ама и ширење. „Оној што вели организација, всушност вели олигархија.“ Изучувачите на неговото дело овој закон го сумираат во неколку тези: „Се јавува бирократија. Кога се раѓа бирократија, моќта расте. Моќта корумпира.“ Тоа најдобро ја илустрира 70-годишната историја на НАТО: организација, која според секој здрав резон требаше да се распушти по распаѓањето на Варшавскиот договор, не само што опстана, туку станува и „немирен старец“ во длабока возраст. На одбележувањето во Вашингтон, генералниот секретар Столтенберг безуспешно се обидуваше да внесе оптимизам и свежина со свечени флоскули пригодни за вакви пригоди: „Европа и Северна Америка постојано заеднички и под исто знаме им служеа на мирот и демократијата.“ Се разбира, објективната историска процена ќе даде многу поинаква слика за тоа што значат „мир и демократија“ во речникот и операциите на Алијансата. Свеченоста не беше многу весела, да не беше олигархијата ова ќе личеше на парастос на кој наследниците се караат за наследството и парите. Во таков момент на криза, оптимизмот и озарените лица на претставниците на Северна Македонија е дури и непристојна. Но тие се само обични послушници фасцинирани од моќта како жаба пред змија. И очекуваат некоја трошка од колачот, додека „лавовскиот“ дел ќе го плаќаме ние од буџетот. За разлика од оваа наместена радост (рачун без крчмара, би рекле Србите), во Германија се водат сериозни расправи околу барањето на Трамп за зголемување на буџетскиот придонес во Алијансата. Така, според безбедносниот експерт Карл Хајнц Брунер, ако Германија почне навистина да придонесува со 2 отсто од БДП за одбраната (околу 68 милијарди евра годишно), тој износ ќе биде многу повисок од она што го троши Руската Федерација на својата војска. Германската позиција е: за нашиот буџет не одлучува Вашингтон, туку Бундестагот. Северномакедонската позиција е: ние не одлучуваме за ништо, ние спроведуваме сѐ што ќе побараат од нас, па дури и валканата работа, како чувањето на нивните граници од бегалците, кои се производ на нивните милитантни политики и катастрофални интервенции. Од друга страна, дилерите со оружје се веќе разиграни: ѝ нудат на идната членка сѐ што може да се купи со пари, во вид на оружје! Бидејќи во НАТО треба да имаш и некакво, макар и парадно, вооружување.

Всушност, за оние земји што се најголеми произведувачи и извозници на оружје, НАТО е само еден голем бизнис-аранжман (видете што се случува на релацијата САД – Турција) меѓу членките, ама и меѓу членките и третите држави.

Во сенка на свеченостите во Скопје остана вознемирувањето од придвижувањето на „дури“ 500 бегалци од Атина кон Солун (и нашата граница). Се разбрануваа духовите и безбедносните структури и во НАТО-членката и во оваа „уште малку па членка“: оние што тврдат дека се најмоќни и најорганизирани, дека носат мир и стабилност, (наводно) и економски инвестиции, имаат сериозен безбедносен предизвик: во вид на невооружени цивили, кои намерно ги нарекуваат мигранти и кои се дехуманизираат до степен на нивно портретирање како терористи и монструми несоодветни за „нашата култура“, заради оправдување на репресивните мерки што се користат врз нив.

Притоа, растат ксенофобијата и паранојата, и се користат за политички цели во многу земји, па и кај нас. Ричард Фалк има право кога вели дека Европа ќе биде многу побезбедна и поспокојна доколку наместо алокација на средства за воени намени направи вложување во олеснување на предизвикот со бегалците, и од страната каде што се бара азил и од страната на изворот на проблемот, каде што војните и климатските промени направија некои национални хабитати невозможни за живот. Токму жариштата на бегалската и мигрантската криза се ненаселиви делумно поради индустријализацијата од Западот и поради крвавиот след на настани по крајот на европскиот колонијализам, а сега и интервенционизам.

НАТО ќе процвета со триесеттата членка (чија војска е понижена, деградирана и искористена), ама и ние ќе процветаме со НАТО. Многу поважно е што малкумина го поставуваат суштинското прашање за иднината и смислата на НАТО: дали Алијансата има корисна цел во постстуденовоениот период што би била вредна за сета економска цена, покрај политичката, а која е поврзана со ширење на воено-индустрискиот комплекс наместо со благосостојбата на луѓето и животната средина. А вчера беше Меѓународниот ден на здравјето (годишнина од формирањето на Светската здравствена организација). За ова нема ни коктели, ни сликање.