НАТО во време на корона

Се сеќавате дека до неодамна убедуваа дека членството во НАТО ќе биде круна на успехот на земјата/Владата? Е па, наместо таа круна, сега се справуваме со корона (значењето на зборот е исто). Ќе беше вистинска иронија на судбината да се влезе во НАТО во време на пандемија, кога не само што се забранети масовни собири (за славење) туку буквално никому не му е ни грижа за тој наводен успех. Домино-ефектот ја стигна и Шпанија, која тукушто воведе вонредна состојба. Попусто бакнато пенкало, попусто знамиња, попусто огномети. Главната закана е од нешто мало, невидливо, што не познава/признава граници, раси, националности, вери… и кому не му е грижа ни најмоќниот воен сојуз. Ако научните работници од општествените науки повремено укажуваа на значењето на невоените аспекти на безбедноста (индивидуална, државна или меѓународна), политичките елити ги надвикуваа со говори за некакви „гаранции“ и „чадори“, за вечен мир и благосостојба, кои ќе дојдат сами по себе.

Погласните беа етикетирани и дискредитирани како непријатели на државата или дури соработници на странски служби. Така се фабрикуваше општествениот консензус и „светата вистина“ дека нема алтернатива за НАТО! Сега сето тоа паѓа во вода, бидејќи ни НАТО нема одговор на она што се случува и пред кое паѓаат цели држави.
Впрочем, првиот заболен во седиштето на НАТО беше регистриран одамна (сега ги има повеќемина), а заболен е и (нам добро познатиот) Хавиер Солана. Покрај имињата од шоу-бизнисот, веќе се нижат и тие од политичките естаблишменти (прв беше португалскиот премиер, кој се самоизолира, па сега канадскиот Трудо, Болсонаро, а очите се свртени и кон Трамп, кој бил во директен контакт со претходниов). Имињата на „обичните“ луѓе остануваат неважни (без оглед на причината од која умираат); како и во време на војна, тие се само статистика.
Од мојата колумна од пред само две недели („Љубов во време на корона“) до денес се разголија многу нешта, а најчудовишната теза е објавена во Британија: пандемијата ќе донесе економска корист ако изумре постарата генерација, која е само социјален товар.

Ваквиот став, заедно со оној од политичарите („жалиме, ама ќе изгубите многу сакани лица“), е плодна почва за најразлични теории на заговор дека сево ова е дизајнирано и мотивирано од малтуизијански побуди: „прочистување“ на пренаселената планета. Други зборуваат за дијаболичните договори на елитите, а трети за глобална диктатура. Така изгледа апокалипсата денес! Повеќе во главите на исплашените луѓе, кои од својот индивидуализам досега не го гледаа она што левичарите го говореа: социјалната држава е погребана, луѓето се оставени сами на себе, приватизацијата е немилосрдна, државните системи се неподготвени да дејствуваат во вакви услови.
Италија е епицентарот на пандемијата во Европа, но битката за „приматот“ не е завршена. НАТО е зафатено со „спасување“ на својата најголемата воена вежба по Студената војна со која решило да покаже мускули кон Русија, но и кон дури потенцијални непријатели. Иронијата на судбината сакаше да видиме две контрадикторни сцени: додека воената опрема и трупите на НАТО (главно од САД) се истовараа во Трст, на римскиот аеродром слета кинеска посада на медицински професионалци со неколку тони опрема за да ѝ помогне на Италија да се справи со коронавирусот. Сликата на луѓе што тукушто излегле од Вухан како доброволно влегуваат во ново жариште на другата страна на планетата, не може да ве остави без емоции (јас си поплакав, и од тага и од трогнатост дека надеж за човештвото има, „сепак се врти“). За тоа време, водството на ЕУ држеше прес-конференција за мерките што ќе бидат преземени за спасување на економијата (и пак недоволни)! Ниту еден збор за спасување на луѓето, за медицинска координација и сл. Впрочем, ЕУ се покажа во вистинската светлина како и НАТО: ним им е поважно спасување на капиталот, исто како што на НАТО му е најважно да демонстрира каква-таква воена сила во време на пандемија! За нации и луѓе што со генерации се дресирани да презираат, да се плашат и дури и да мразат сѐ што не е западно, ова дојде како шок! Солидарноста и хуманоста се доживуваат како шок, како нешто неверојатно, па дури и сомнително.

Додека Кина се бореше, Западот не престануваше да ја обвинува за сите зла, а сега токму Кина им помага на најзагрозените земји, вклучувајќи ги Иран и САД, и тоа на најконкретен начин. Можете да го наречете тоа мудра пропаганда или јавна/медицинска дипломатија (па дури и заштита на сопствените инвестиции на иницијативата Пат и појас), ама на пакетите што пристигнуваат каде што се најпотребни за спасување животи (и на најстарите луѓе, оние „отпишаните“) стојат ознаки со следниот текст: „Ние сме бранови на исто море, цветови од иста градина“.
Каде сме ние во оваа приказна? Доцна сфаќаме дека Кина не е нешто што асоцира на „провизиите“, дека таа е и сламка за спас. Разговорот на Филипче со претставници на кинеската амбасада првпат не се третира како опасно „свртување кон Исток“. НАТО е беспомошно и неспособно; ЕУ не им помага дури ни на своите најзагрозени членки (впрочем ако некогаш видовме што е целосно отсуство на солидарност тоа беше за време на врвот на должничката и мигрантската криза во Грција во 2015 година).

Со здравствен систем како нашиот, ама и со менталитетот, остануваме препуштени на среќата, на сопствената совест и дисциплина… и со надеж дека воениот буџет ќе се пренасочи кон здравството наместо за НАТО-авантури. Ова е клучен момент да се разбере дека најдобар начин да се заштитиш себеси е со заштита на другите. И за тоа го имаме (барем некои од нас) најлесниот начин: со седење дома во пижами по цел ден!
На младите, чија лекомисленост и саможивост се легендарни, треба да им се постави само едно прашање: дали си ги сакаат родителите и бабите и дедовците. Всушност, меѓу заболените сѐ почесто се споменуваат и млади луѓе. Со верниците оди потешко: не само што продолжуваат со обреди што носат огромен ризик туку и глаголат дека тоа е спасот, а не медицинските совети (чест на исклучоците).
Власта мора да реагира итно! Најтешко е со оние што „знаат сѐ“ – вклучувајќи и дека сево ова било измислено, немало мртви (зашто не им ги покажале на ТВ), дека со позитивното гледање на животот и недозволување некој да ги команда, тие со силата на духот и креацијата ќе излезат како победници над овој заговор. Овие се најопасни, особено што меѓу нив има и луѓе што се перципираат како паметни и успешни. Личат на оние што веруваат дека Земјата е рамна, а ако ги чуете нивните интерпретации ќе ви се слоши. (Само една информација: починатите во Италија се кремираат веднаш – а ние ни крематориум немаме… Впрочем, кога ви покажале жртви од војните на ТВ?)

Будноста и демократската контрола врз властите е повеќе од нужна; можностите од злоупотреба на вонредната состојба од влади/власти, кои се пословично корумпирани и бескрупулозни, се сосема можни. Ако има нешто добро во сево ова, можеби ќе видиме дека воените професионалци се потребни и за дома, а не за во Авганистан или за во Ирак. Сѐ додека струката/медицинарите имаат главен збор во однос на пендреците, имаме шанси да минеме со помали загуби и во животи и во демократска смисла.

Директорката на Кожната клиника не ја зголеми довербата кон здравството (како ни оние што за 8 Март се сликале во Барселона), но мораме да веруваме дека Филипче и другите знаат што прават. И да ги слушаме препораките. Не е време за меѓупартиски пресметки или искористување на несреќата за предизборно профитирање: власта треба да се воздржи од глумење супермен (особено носителите на листите), опозицијата треба да престане да нуди (великодушно?!) потенцијал од партиска комисија за здравство (лекарите се лекари, а потоа партиски членови), а ни параздравствени единици не се нормална работа во организирана држава!

Информатичката технологија ни дава извонредни можности за да ја поминеме полесно изолацијата, да се гледаме и да разговараме на дистанца и безбедно; а некои од нас можат да бидат продуктивни и од дома. Јувал Харари одамна зборува за тоа како ќе мораме да се менуваме и да наоѓаме нови професии или нови начини за вршење на старите, бидејќи иднината нѐ гази. Тој ја немаше предвид пандемијата, но ова е време на учење како да се живее и да се преживее на хуман начин во постапокалиптичен свет.

Самоизолацијата е рај за интровертите, велат. Навистина, не само што тоа е време за книги, музика, туку и за дружење со сопственото семејство (кое толку ретко се гледа/слуша вистински). А екстровертите нека поработат на себе, можеби ќе откријат добро друштво што не го знаеле. Сите заедно, пак, ќе мораме да научиме како да бидеме заедно на дистанца. Најголемата почит, благодарност и добра мисла се наменети за оние што не можат да си го дозволат луксузот на изолација, туку мораат да го опслужуваат општеството (од пекари, до лекари/сестри и чистачки и работници). Ми доаѓа на ум мислата на Сен Симон, што би се случило со светот кога одеднаш би ги снемало сите аристократи (богатите) и кога тоа би се случило со оние што работат/произведуваат. Можеби ова е моментот за ресет на системот во кој повеќе се вложува во смртта (оружјето) отколку во животот (здравјето). Тоа што Италијанците добиваат можност бесплатно да следат порнографски канал е најдобра слика за Ерос и Танатос.

За нас ова е особено горчлива лекција за тоа колку е бескорисно НАТО и колку е далечна Унијата. Но тоа сега веќе не е важно, колку соочувањето со фактот дека треба да покажеме и дека сме луѓе и дека сме (цивилизирана) заедница, која знае да се чува и себеси и другите, и која ќе научи дека сме бран на ист океан, цвет од иста градина без оглед на страната на светот.