Насилството од влезот

Понекогаш на некој многу чуден и банален начин се навикнуваме да живееме рамо до рамо со насилството. Се привикнуваме да живееме врата до врата со насилниците. Се навикнуваме да ги среќаваме жртвите, секој ден, во лифт, во влез, на паркинг, во маало, на работа, на лекар. Се навикнуваме да ги одминуваме и да ја завртуваме главата на другата страна

Навршија 16-те дена активизам против насилство врз жени и девојки. Симболично, нашата влада беше обоена во портокалова боја. Голем број политичари и други јавни личности се вклучија во оваа глобална кампања чија цел е да се издигне општествената свест за постоењето на овој проблем. За насилството врз жени и девојки постојат многу истражувања и анализи и иако не сакам да пишувам низ призмата на процентите и статистиката зад кои стојат вистински луѓе, ќе го споменам само ова. Имено, истражувањето спроведено во земјите на Западен Балкан говори дека до 40 проценти од жените страдаат од физичко насилство, а над 50 отсто од психичко насилство. Со други зборови, секоја трета жена што се наоѓа во трговски центар или во ресторан може да биде жртва на родово базирано насилство, а секоја втора е тероризирана во својот дом.

Вознемирувачки и алармантни информации. Секојпат кога ги препрочитувам ме заболува глава. Добро е што барем се зборува јавно зашто за овој проблем многу долго се молчеше во јавноста. А молкот и стигмата им се сојузници на насилниците. Секојпат кога ќе се најдам во разговор на оваа тема, сите се децидни во своите ставови дека немаат толеранција за овој вид насилство. Сите се силни на зборови. Но, во секојдневниот живот нештата се малку поинакви.

Летоска, додека си заминував од домот на една пријателка, во влезот каде што живее, наидов на страшна сцена. Млада девојка на која не би ѝ дала повеќе од триесетина години стоеше приклештена на ѕидот, не помрднувајќи се од местото зашто еден дечко со подлактицата ја беше притиснал под врат. Ја притискаше толку силно што таа едвај дишеше. Забележав дека лицето ѝ беше виолетово и дека ѝ течеа солзи, но тоа што ме зачуди е што девојката не се обидуваше да му се измолкне, туку стоеше и го гледаше милостиво. Јас се стаписав на таа сцена. Одамна не сум сведочела на такво насилство. Немав сила да се помрднам и ми требаше кратко време да си дојдам на себе. Тие двајцата не ме ни забележаа дека стојам на метар од нив. Тој наглас нешто и набројуваше, а таа се бореше за здив. Кога конечно сфатив што се случува инстинктивно викнав на цел глас и го фатив телефонот в рака. Дечкото налутено се заврти кон мене и во тој дел од секунда стварно помислив дека и мене ќе ме фати околу врат. Можеби ќе имав право, но, за среќа, лифтот застана на приземје и се слушнаа како излегуваат луѓе од него. Насилникот ѝ процеди нешто низ заби и го снема зад влезната врата. Се погледнавме со девојката, не знам која од нас две беше поуплашена.

При крајот на денот ѝ се јавив на мојата пријателка за да ѝ раскажам што ми се случило во нејзиниот влез. Сѐ уште видно потресена ѝ раскажувам за насилникот што комотно можеше да ја задави девојката сред бел ден во центар на градот, а таа ми одговара сосем ноншалантно: ,,А, знам за кого ми зборуваш. Тие се тепаат цел живот. Цел влез ги знае. Не е ништо ново“. Косата на главата ми се крена. ,,Како тоа сите знаат за нив? Знаат дека девојката континуирано е тепана, малтретирана и ризикува еден ден да биде најдена убиена?“, ѝ реков. Таа ми возврати: „Не, не нема сериозно да ја повреди. Ја сака, но ете така, насилен знае да биде некогаш“.
Јас бев во шок. Не можев да поверувам во тоа што го слушам. И не можев да поверувам со која леснотија го кажа тоа. Како типот да не ѝ дозволил на кафе да излезе, а не дека континуирано ја дави и ја малтретира во домот и во јавност.
Понекогаш на некој многу чуден и банален начин се навикнуваме да живееме рамо до рамо со насилството. Се привикнуваме да живееме врата до врата со насилниците. Се навикнуваме да ги среќаваме жртвите, секој ден, во лифт, во влез, на паркинг, во маало, на работа, на лекар. Се навикнуваме да ги одминуваме и да ја завртуваме главата на другата страна. Се навикнуваме на лажната утеха дека тоа не е наша работа и дека е подобро да не се мешаме. Се залажуваме дека ако не ги гледаме, тие не постојат.

Таа девојка беше една од трите жени, жртви на насилство од мојата неомилена статистика што ја набројав погоре во текстот. Таа девојка утре може да бидам јас. Таа девојка утре може да бидеш ти. Може да бидат мојата или твојата ќерка, сестра, братучетка. Не смееме да ја вртиме главата на друга страна. Против насилството треба да се бориме секој ден, почнувајќи од влезот.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје