Нарцисите доживуваат помалку стрес и депресија

Иако нарцизмот генерално се смета како социјално негативна особина, таа не секогаш е социјално токсична. Или, што е подобро, нарцизмот треба да се разгледува како спектрална особина, како нешто што им овозможува на луѓето да се промовираат самите себеси и сопствениот интерес без да ги повредат другите

Нарцизмот подразбира еден вид потрага по задоволство предизвикано од суета или егоистично воодушевување за идеализираната слика за себе и сопствените атрибути. Оваа особина вклучува перфекционизам, самофалење и ароганција. Терминот доаѓа од грчката митологија, по која младиот Нарцис, вљубен во сопствената слика, се огледува во изворската вода и се воодушевува од она што го гледа.

Според психоаналитичката теорија воведена од Сигмунд Фројд, концептот за нарцизам е детално објаснет во неговиот есеј „За нарцизмот“ уште во далечната 1914 година. Постојат четири битни лични карактеристики кај нарцисоидните луѓе: лидерство/авторитет, супериорност/ароганција, самоапсорпција/самовоодушевување и експлоативност/право на тоа.

Во класификацијата на менталните растројства постои состојба означена како „нарцистичко растројство на личноста“, базирана на историскиот концепт за мегаломанија. Нарцизмот несомнено претставува социјален, но и културен проблем. Се смета како посебна темна дамка во персоналните црти, заедно со психопатијата и макијавелизмот. Да споменам дека во историјата многу од познатите лидери биле вистински нарциси.

Примарниот нарцизам се однесува на здрава самовљубеност, но сепак како особина нарцизмот вообичаено претставува проблем на личноста во односите со околината. Да нагласам, дека нарцизмот не е исто што и егоцентризам или егоизам.
Нарцисоидните луѓе имаат пониски нивоа на стрес и депресија, што може да имплицира дека оваа црта на личност во некои случаи може да биде и полезна. Во последната студија направена во Кралскиот универзитет во Белфаст научниците покажаа дека нарцизмот навистина е поврзан со ниско ниво на стрес и намален ризик од депресија.

Сепак, оваа група луѓе имаат дефицит на емпатија и не обрнуваат внимание на потребите и желбите на другите луѓе. Општеството негативно ги проценува овие црти, и тоа со добра причина. Но, како што покажува во своите истражувања психологот Папагеоргиу, во некој контекст, луѓето што имаат нарцистички квалификации, пројавувајќи грандиозна процена на сопствената вредност и способности, може да живеат подобро и посреќно. Токму поради тоа, нарцисоидните црти, кои секако дека сите од нас помалку ги поседуваме, постојат зашто ни требаат: само, треба да научиме да ги ползуваме без да дозволиме тие нас да нѐ користат!

Постојат два фундаментални типа нарцизам. „Вулнерабилните нарциси“ се многу често дефанзивни и акциите на другите ги интерпретираат како непријателски спрема себеси. Од друга страна, „грандиозните нарциси“ имаат пренагласено доживување на самоважност и опсесија за моќ и општествен статус. За среќа, само околу еден процент на луѓето во општата популација ги исполнуваат критериумите за клиничка дијагноза нарцистичко растројство на личноста. Затоа, пак, многу повеќе постојат супклинички или „нормални“ варијации на оваа особина.

Во текот на неколку години споменатиот научник заедно со колегите испитувале стотици возрасни луѓе за да состават валиден прашалник што би ги открил нарцистичките особини. Грандиозните нарциси имаат особеност да бидат ментално тешки, но сепак се доверливи. Тие имаат несомнен страв во сопствените способности да се справат со кој било предизвик што им се наметнува, што во истражувањата се покажува како намалено ниво на стрес и депресија. Во оваа смисла, нарцизмот не изгледа баш како високо самопочитување кога се работи за нивните сопствени способности. Но, во тешки ситуации, сите ние сепак имаме потреба од малку поголемо самопочитување, прифаќајќи го верувањето дека исправени пред некој предизвик имаме потреба да се соочиме со стравот во нас за сепак да успееме.

Самопочитувањето доаѓа од идејата дека „јас знам колку можам и исто така знам што не можам“. Затоа, соочувајќи се со некој предизвик, сепак треба да се зафатиме со негово надминување за да постигнеме нешто. Се наведува примерот на славниот боксер Мајкл Тајсон, кој рекол дека кога се наоѓа во рингот, тој почнува да се чувствува како Господ и во тие моменти никој не може да го победи!

Овој тип ментален став е токму она што луѓето треба да го форсираат кај себеси: да бидат правилно насочени во соодветни ситуации. Иако нарцизмот генерално се смета како социјално негативна особина, таа не секогаш е социјално токсична. Или, што е подобро, нарцизмот треба да се разгледува како спектрална особина, како нешто што им овозможува на луѓето да се промовираат самите себеси и сопствениот интерес без да ги повредат другите.

Затоа, не може да зборуваме апсолутно негативно или апсолутно позитивно за нарцизмот. Она што е битно е дека луѓето треба да бидат флексибилни. Во некои случаи, нарцизмот е нешто обратно од депресијата. И двете состојби произлегуваат од еден нереален поглед кон себеси, од кој едниот премногу одобрува, а другиот премногу осудува. Сепак, ако сте депресивен, никој нема да ве нарече монструм. Бидејќи нарцистичките црти се продукт на еволуцијата, неопходно е општеството да не ги демонизира премногу.

Со ова најново истражување на нарцизмот, Папагеоргиу се надева дека ќе ги убеди луѓето дека нарцисите не се без сомнение зли и дека остатокот од светот треба да биде поинклузивен за нив. Секако дека е потребно да се негува подобриот аспект на нарцизам, а да се потиснува оној лошиот. Наша е одговорноста како ќе го научиме тоа за нас самите, но и за општеството генерално.

Не советуваме дека нарцизмот е добра работа, ниту дека сите треба да бидеме нарцисоидни, туку само дека е неопходно да ја прифатиме нашата природа или биологија онаква каква што е. Зашто никој не е идеален, или исклучително добар. Во секого има и по малку зло, мала доза лошотија. Тоа го прави хуманиот род разновиден, интересен, со мотивација за промени.

(Авторката е педијатарка и психолог)