Мојсеј назначува судии праведници

Во човековото цивилизациско векување имаме библиско и современо живеење во општеството и државите. Зошто сега да се пишува и да се зборува за судиите праведници и за обвинителите праведници?! Едноставно, човекот е несовршено битие, каде што вагата на правдата и мечот треба да го одмерат моралното од неморалното кај секој човек. И за стореното зло да бидат казнети. По правдина на бога. По правдина на луѓето. Глобалното комуницирање на луѓето во денешното време ни донесе нов, уште посериозен опасен предизвик – борба против организираниот криминал. Од различен злосторнички ков и злодела: дрога, проституција, корупција, трговија со деца и луѓе, тероризам и што ти не.

Голем букет од различен криминал што ни го подаруваат вешто веќе изнервирани криминалци, мафија од разна сорта во средините каде што живееме и во светот. Во Библијата е опишана средба меѓу Јотор, мадијамски свештеник со Мојсеј. Што му посоветувал свештеникот Јотор на Мојсеј: „Ти застапувај го народот пред Бога, поучувај го за законите и одредбите, покажувај им го патот по кој треба да одат, упатувај ги во дела што треба да ги вршат. Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе што се бојат од Бога и праведни, кои го мразат поткупот. Нека му судат на народот во секое време“.

На Бога даден завет, донесени закони и десет заповеди од Бога. Од законите би ги цитирал библиските закони за праведност: Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот сведочејќи криво! Не поведувај се по мноштвото, за да правиш зло. Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние што гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот. Правилата споменати и другите неспоменати претставуваат порака на Бог во Библијата-книга на животот за сите човечки суштества. Тие претставуваат божја вистина и правда во човечката заедница.
И ние имаме закони и Устав во нашата македонска држава.

Се навраќаме на минатиот 20 век и сегашниот 21 век. Како судија имав можност во судски предмет да биде полномошник адвокатот Рафаил Черепналковски. Предметот тежеше 5.000.000 американски долари долг помеѓу спорните странки. Имавме можност во текот на постапката, службено и неслужбено, бидејќи бевме двајцата членови на Државната изборна комисија во 1994 година, да се среќаваме. Никогаш за предметот Черепналковски да поведе разговор да одлучам во корист на неговата странка. Одлучив за спротивната странка во согласност со законот.

Адвокатот Черепналковски никогаш не ми приговори за донесената судска одлука. Чесен, многу образован и правдољубив колега. Черепналковски потоа стана член и претседател на Републичкиот судски совет. Драго ми е што во мојата долгогодишна практика (судија, државен обвинител и адвокат) сретнав колега со такво високо човечко и професионално достоинство. Каде се сега судиите праведници и обвинителите праведници? Некои од нив вдомени во политиката, спонзорирани противзаконски, криминално со бонуси од народните пари на нашата држава. Каде е сегашниот Републички судски совет? Каде е човечката правда заслепена од политиката во нашата македонска држава?

Ставре Џиков, публицист