Мојот прекрасен Охрид! (3)

По расправата за статусот на Охрид во УНЕСКО, како и во екот на туристичката сезона, проследена со вообичаени критики, ги реобјавувам моите три написи посветени на Охрид, првично објавени во август 2014 година. По пет години тие се можеби уште поактуелни бидејќи насочуваат кон стратегиски пристап за развојот на туризмот во Охрид

Охрид е неоспорно врвната туристичка дестинација во Македонија и меѓу десетте врвни дестинации на Балканот. Двапати, претходниот месец, коментирав дека Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи. За Охрид не може да бидат основна стратегија масовниот туризам или повремените жители, насоката треба да бидат два можни стратегиски пристапа: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи, кои меѓусебно се комплементарни. Во „Мојот прекрасен Охрид! (2)“ пишував за стратегискиот пристап на лесна пристапност, а во ова последно продолжение за врвниот туризам.

Прво мора да си одговориме што го чини Охрид најврвна дестинација. Секако тоа е езерото, но езерото не како плажа, туку како пејзаж, дополнет со Галичица и исклучителното културно наследство. Доволно е да ги прелистате клучните светски прегледи за туризам и ќе видите дека во презентацијата на Охрид нема капачи на плажа, туку ги има „Св. Јован Канео“, „Св. Наум“, „Св. Климент“… Тогаш, стратегискиот пристап за врвна туристичка понуда треба да се состои од заштита на Охрид, врвна угостителска инфраструктура и приказна, нарација.

Почетокот на која било туристичка стратегија за Охрид мора да е заштита на Охрид, заштита на езерото, заштита на културното богатство и заштита на националниот парк Галичица. За заштита на езерото значајно е постигнувањето на билатералниот договор за заштита на езерото меѓу Македонија и Албанија од 2004 година, за кој се грижат билатерален комитет и секретаријат. Секако, клучен проект за заштита на езерото е рехабилитација и надградба на постојниот колекторски систем и негова доградба кон „Св. Наум“ и кон Радожда и Албанија. И ова е проект што градот ќе нема сили сам да го изведе, туку ќе биде неопходна голема национална и меѓународна поддршка.

Заштитата на културното наследство не значи грижа само за надалеку познатите охридски цркви, туку за целиот стар град (Варош, Месокастро и Канео), како и други зачувани стари јадра на крајбрежјето. Први чекори се Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион од 2010 година и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење од 2011 година. Значајно е обновувањето на Античкиот театар, како и на Плаошник. Но интервенциите не смеат да запрат на тоа. Министерството за култура треба да формира фонд за реконструкција, кој со мешавина на меки кредити и донации би поттикнал реконструкција на куќите во стариот град и други стари јадра во автентичен стил. Итно треба да се сменат кич-фасадите на неколку хотели и куќи во стариот град. Охрид треба да го врати сјајот на стариот град како Дубровник или „Св. Стефан“.

На така дефинираната основна понуда мора да се надоврзе врвна угостителска инфраструктура. Охрид нема градски хотел од највисок ранг, наместо тоа стојат руините на некогаш славниот „Палас“, како и неколку други затворени објекти. Како што ги скратија роковите за решавање на старите стечајни постапки, властите мора да најдат начин да се реши судбината на „Палас“ и неколку други објекти.

Почетокот на која било туристичка стратегија за Охрид мора да е заштита на Охрид, заштита на езерото, заштита на културното богатство и заштита на националниот парк Галичица

Од друга страна, јасно е дека многу најавуваните странски вложувања во хотели не се случуваат. И јасно е дека со сегашната туристичка сезона во Охрид повратот на вложувањата во хотел е над 15 години и затоа нема ниту еден странец да вложи, а затоа со ретки исклучоци не вложуваат ниту домашните хотелиери. Поради долгиот период на поврат на вложување, неколку хотели завршија како сопственост на банките. Мора да се развијат специјални кредитни продукти за хотелиерство, каде што каматата не е клучното прашање, туку тоа е периодот на враќање. Сегашните кредити на 8 години се прекратки за финансирање градба на хотел во Охрид, потребни се кредити на 15 до 20 години. Во угостителската понуда не се само хотелите слабост, туку и рестораните. Секоја чест на неколку ресторани, но какви се состојбите покажува фактот дека за неколку врвни настани како НАТО-средбата, за менито беше задолжен угостител од Скопје. Така, на Охрид повеќе од информатички универзитет можеби му треба врвна кулинарска академија.

И на крајот, мора да се креираат приказни. Интересно е како Заливот на Коските, наколната населба кај Градиште за многу кратко време стана атракција. А веројатно е многу едноставно – таква глетка, таква приказна нема на друго место во Балканот. Мора да се креираат приказни, наративи за секоја туристичка целна група. За Холанѓаните приказната е „Свадбата во Охрид“ (De bruiloft der zeven zigeuners) роман на холандскиот писател А. ден Долард од 1939 година, во која тој ќе напише „Освен тоа, вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба врз стрмниот рид! И градот, каква ли прекрасна мешавина од обичаи и векови…“. Врз основа на книгата треба да се развијат прошетки и настани.

За Русите, Бугарите, Србите треба да се развива приказната за Охрид како христијански – православен центар. За параглајдеристите треба да се развие Галичица, заедно со Крушево, како најдобри параглајдерски центри во Македонија. За активните туристи, фасцинантни би биле пешачки и велосипедски патеки околу езерото и на Галичица. Или рибарење во Пештани и Радожда. Потребен е фестивал на црешата. Интересен е проектот за плажа кај Мешеиште, општина Дебрца, но… Како што напишав плажите не се тоа што го прават Охрид конкурентен, а Дебрца има многу повеќе можности во руралниот туризам, природен амбиент и добра храна.

Приказните на Охрид треба да се комбинираат со други приказни од Македонија и регионот. Патување по градовите на Виа Егнација или посета на манастирите на Балканот и слични приказни мора се преплетуваат, бидејќи препознавањето на Македонија како туристичка дестинација на глобалниот туристички пазар е тесно поврзана со Балканот.

За да успее која било стратегија од врвна до масовна, битен предуслов е личната безбедност. Трагедии како потонувањето на бродот „Илинден“ во 2009 година при што загинаа 15 туристи од Бугарија или, пак, убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ во 2010 година, секако, направија голема штета за имиџот на Охрид. Такви работи мора да се превенираат. Но мора да се превенираат и банални работи за заштита на туристите како вклучување таксиметар, што е реткост во Охрид.
Охрид ќе ја материјализира својата позиција како врвна туристичка дестинација, не со ад хок акции, туку со долгорочна стратегија.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Охрид