Мојот прекрасен Охрид! (2)

По расправата за статусот на Охрид во УНЕСКО, како и во екот на туристичката сезона, проследена со вообичаени критики, ги реобјавувам моите три написи посветени на Охрид, првично објавени во август 2014 година. По пет години тие се можеби уште поактуелни бидејќи насочуваат кон стратегиски пристап за развојот на туризмот во Охрид

Во коментарот што му претходеше на овој, коментирав дека Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, и не само тука туку и на Балканот, а од друга страна Охрид, како и Македонија, е соочен со трендот на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. Порастот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостиг од истражувања и анкети за причините за намалување на домашните, мојата претпоставка е дека тоа е поради сегментацијата на интересот на туристите од Македонија.
Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи?

Владините субвенции за странски туристи можат да бидат дел само од стратегија на најниска цена и привлекување гости на пониско ниво. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување, отколку како мерка за развој. Охрид како своја предност ги има културното наследство и националниот парк. Плажите на скоро 700 метри надморска височина можат да бидат дополнување на тоа што е предност за Охрид, а не основна понуда. Охрид не може да биде им конкурентен на масовниот туризам, во кој е вклучено сѐ, на Турција или на Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција. И градбата на станови за повремени жители не би требало да биде пристапот за развој на туризмот во Охрид поради деградација на природата и ограниченото влијание на туристичките приходи.
Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам или, пак, со привлекувањето повремени жители, во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратегиски пристапа: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапа имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.
Лесната пристапност на Охрид е опција за туристи што сакаат кратки и динамични одмори. Овие туристи вообичаено не се водат од цената туку од понудата. За нив се потребни инфраструктурни зафати и настани, многу различни настани за различна публика.

Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи?

Во очекување на евтини летови од охридскиот аеродром, кој би требало да донесе повеќе туристи од поголема оддалеченост, нашиот поглед треба да биде насочен кон соседите. Покрај Битола и Скопје, кои се на 1-2 часа возење, повеќе милионски градови се на кратко растојание од Охрид: Тирана е на 136 км или 2-3 часа возење, Солун е на 283 км или 3-4 часа возење, Софија е на 407 км или 6 часа возење, Белград е на 617 км или 7 часа возење, Приштина е на 250 км или 3 и пол часа возење итн. Лесната пристапност не значи само изградба на автопатиштата Скопје – Охрид, Охрид – Албанија и Охрид – Битола, за што ќе бидат потребни десетина и повеќе години, туку и грижа и сега. Ако на толку кратки растојанија има толку патарини, чуми ни се автопатиштата? На Ниш – Белград има две патарини, а на Скопје – Охрид, кога еднаш ќе биде изграден автопатот, по сегашната логика, ќе има осум патарини!? Доколку Јавното претпријатие за државни патишта не разбере дека не е решение осовременување на наплатните пунктови, туку нивно намалување или заменување со вињети, попусто сите вложувања во автопатишта. Исто така недозволиво е, како во оваа сезона, градежните работи на две свлечишта на патот Кичево – Охрид да се одвиваат со толку бавна динамика, без навремена регулација од полицијата во најголемиот метеж во сообраќајот. Како еден турист да се охрабри на краток одмор во Охрид, ако му се случува наместо за 2 часа, да му требаат 3-4 часа за релацијата Охрид – Скопје? Дополнително, во самиот град треба да се олесни сообраќајот и мора што поскоро да се обезбеди поголем паркинг-простор, вклучувајќи подземни или катни гаражи.

И на крајот, потребни се настани, многу различни настани за различна публика, поврзани со тоа што е предност за Охрид – културното наследство. Настани како Водици или Велигден. Досегашното искуство со одбележувањето на Водици потврдува дека организацијата на такви настани е добра за туризмот. Употребата на Античкиот театар како отворена сцена е добар пример на употреба на културното наследство.
Не е потребно „Охридско лето“, кое трае од 12 јули до 20 август, кога во Охрид секако има гости, туку Охрид мора да има целогодишна програма. Домот за културата „Григор Прличев“ мора да биде заменет со нов мултифункционален објект за културни настани. И евентуално на подолги патеки е потребна повеќенаменска сала за спорт и култура поголема од сегашната, најдобро во Струга, која може да биде место за поголеми културни настани во затворен простор. И на Охрид не му требаат концерти на Цеца, туку атрактивни концерти што не се достапни во регионот. И сето тоа треба добро да биде претставено регионално во Тирана, Софија, Ниш, Белград, Солун, Приштина.
Јасно е дека Охрид не ќе може сам да ги обезбеди потребните вложувања. Тука не говорам за автопатиштата, кои, секако, се во надлежност на Владата. Ќе биде потребна владина поддршка и за градската сообраќајна инфраструктура и за изградба на подземни или катни гаражи. Потребна ќе биде и поддршка од Министерството за култура за изградба на нов културен дом „Григор Прличев“, како и поголема финансиска поддршка за целогодишна и квалитетна културна програма. Потребно е да се поттикнат спонзорите или градот и државата, да поддржат атрактивни концерти.
(продолжува)

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mk @sklek