Мојот дијалог со Црвенковски

Првпат по многу години, МАНУ организираше научен собир на кој беа присутни научни работници од различни провениенции и „табори“. Кога велам „табори“ не мислам дека ние однатре се делиме (секогаш), туку мислам на диференцијацијата на подобни и неподобни, која ја наметнуваат политичките центри на моќ. А слободата е кога си слободен да кажеш нешта што не им се допаѓаат на оние на власт, нели? Но како што обично и бива, ние од научните кругови бевме фрлени во сенка (и си зборувавме на Зум сами со себе) откако политичките личности (претседателите) веќе ја „киднапираа“ конференцијата, т.е. целосно го свртеа вниманието на медиумите. Кој ќе ти слуша наука? Мојот реферат беше за „Републиката и нејзините (не)општествени договори“, но на ден пред да го елаборирам, Црвенковски, Иванов и Пендаровски веќе ми ја „украдоа“ и темата: првиот повика на создавање национална платформа (бидејќи вака веќе не може), а вториот повика на нов општествен договор. Актуелниот претседател, иако тврдеше дека држава имаме и таа е сигурна, сепак кажа две контрадикторни нешта: прво, дека граѓанско помирување е невозможна работа, а второ – дека е потребен национален и државен консензус. Овде, сепак, повод ми е дел од говорот на Црвенковски, т.е. нешто што додека го слушав ме натера да се насмеам горчливо и да си речам „нели ви кажав!“ (I told you so). И не само што го кажав (поточно, кажував во подолг период, додека сè уште ме канеа на јавни дебати) туку и го напишав, а кабинетот на претседателот го објави во збирката на соопштенија.

Имено, во рамките на серијалот „Дијалози за Македонија“, во една пригода (во 2008 год.) дојде до кус дијалог помеѓу мене и домаќинот. Темата беше Македонија и нејзините европски перспективи, воведен збор имаше Црвенковски, а модератор беше неговиот советник, проф. Мухиќ. Потоа се отвори дискусијата. Наспроти мојот обичај рефлексно да дигнам рака и меѓу првите да побарам збор, си реков: смири се, најпрво сослушај ги другите! Она што го претпоставував се покажа на дело: од првите двајца воведничари, па до наредните пет-шест говорници, сите до еден ја изговорија реченицата „Ние немаме друга алтернатива“. Кога конечно зедов збор, ова го предочив и реков дека од мојот претседател (кој и да е), како обичен граѓанин, најмалку што очекувам е во своето биро да има план А, план Б итн. – за сите сценарија со кои може да се соочи мојата држава, а не како коцкар сè да става на една карта (подоцна Заев тоа ќе го каже и стори буквално: играв all in!). Во меѓународните односи има премногу варијабли од кои зависи исходот, така што волјата на една (мала и слаба) земја може да се покаже сосема небитна за остварување на нејзините желби. Кон другите се обратив со зборовите дека таа (ТИНА) позиција не само што не е логична (ние ја живееме „алтернативата“ на ЕУ, да не се биде членка) туку е и фаталистичка и антиинтелектуална. Суштината на човековата потрага по решенија за себе и за својата политичка заедница лежи во креативноста, во отвореноста на умот, во подготвеноста да се разгледуваат различни опции. Со моите тези донекаде се сложија и Мухиќ и Црвенковски, па дури и ми рекоа дека без мојот различен став ќе немало дијалози. Црвенковски додаде (мислам дека точно цитирам, но може да се провери): „Билјана, ти завидувам што како професор и интелектуалец можеш да анализираш слободно и критички, да прогнозираш дека иднината на ЕУ и НАТО не се извесни и дека нештата може да се сменат низ годините што е можеби вистина, но јас имам држава за водење, и затоа се држам до планот А.“ Ете, требаше да минат 13 години за сопствените аргументи да ги слушнам од устата на сега веќе бившиот претседател, во време кога и „Ројтерс“ напиша дека ништо од проширувањето.

Подоцна пребарав медиумски извештаи од таа дамнешна трибина, а во еден од нив („Дојче веле“) пишуваше: „Професорката Биљана Ванковска од друга страна спореше со фаталистичката теза на опозицијата дека без ЕУ и НАТО, Македонија нема да ја има: ’Всушност во еден таков по малку фаталистички дух ми се чини е дефинирана и оваа трибина – или имаме интеграција целосна во она што ние го посакуваме, односно мнозинството го посакува или имаме целосна изолација. Јас не сум убедена и не верувам во црно-бели варијанти‘“.
Од мојот поопсежен труд (12 стр.) овде издвојувам делче: „Иако изреката потекнува од еден британски дипломат, сепак и за Македонија може да се примени советот дека не постојат вечни пријатели, туку само вечни национални интереси. Барањето за зачленување во одреден меѓународен или регионален клуб претпоставува асиметричен однос, на што постојано укажуваат дипломатите. Инфериорна е позицијата на оној што бара да стане член, а супериорноста на оние што одлучуваат е многу често поврзана и со употреба на двојни стандарди, непринципиелност, желба да се зачуваат единството на организацијата, солидарноста (која не мора да е заснована на принципот на правичност) и сл. Она што Македонија не успева да го сфати е дека целта на постоењето на секоја меѓународна организација е остварувањето на интересите на државите-членки, а не ширење на вредности, алтруизам, хуманитаризам и сл. Оттука и разочарувањата дека НАТО и ЕУ „не се однесуваат фер“ кон нас, што предизвикува не само чувство на самосожалување туку дури и дава поттик на разни теории на конспирација. Секоја меѓународна организација, повеќе или помалку, експлицитно дефинира услови за зачленување, но не постои арбитер што би пресудил дали тие пропишани критериуми се применуваат доследно или се растегливи, односно ригидни, зависно од земјата што претендира за членство… Научената лекција за Македонија би требала да биде дека влезот во НАТО/ЕУ е двонасочна улица, на која понекогаш правилата на движење се непринципиелни и нејасни. Некои работи зависат од нас, но многу други работи зависат и од оние што одлучуваат за членството: од степенот на нивната свест за тоа колку сме им корисни, колку се подготвени да ни прогледаат низ прсти за нецелосното исполнување на стандардите, или колку се ригидни кога наметнуваат услови, кои тие самите никогаш не би ги прифатиле пред своите народи и држави.

Очигледно Македонија се наоѓа во огромен заостаток во смисла на своето државно зреење: играјќи како коцкар што ставил сѐ на една карта, сега се прашува дали воопшто може да постои план Б, доколку „играта“ не успее. Не станува збор само за тоа дека навистина немаме форум/тело/аналитички центар што би работел на алтернативи за „најлошо сценарио“ или „помалку добро сценарио“, туку не функционираат ни институциите и службите што се задолжени за надворешната политика. Во ситуација на кохабитација до степен на конфронтација на двата носитела на извршна власт, која најдиректно се одразува на дипломатијата што е на „колена“, со партизирани кадри, полупразни амбасади, неактивност по разните дипломатски форуми – се наметнува прашањето дали државата навистина сака да се интегрира? Историјата изобилува со голем број примери на сосема мали држави (Рагуза била фасцинантен пример за тоа), кои како своја компаративна предност во меѓународната комуникација развивале вешта и разгранета дипломатска мрежа, со која умееле да ги амортизираат другите иманентни слабости на државата. Како може да изгледа планот Б? Кога станува збор за членството во НАТО, доколку од која било причина останеме надвор од Алијансата, можеме да се одлучиме за активна неутралност, која ќе ја запишеме и во својот устав. Со соседи што се членки или се под големо влијание на НАТО (Косово, не случајно, го сметаат за првата НАТО-држава) нема причина да веруваме дека тие би тргнале во воена пресметка, која би била флагрантно кршење на сите норми на меѓународното право, вклучувајќи го и Статутот на НАТО.
Ирска има таков статус, иако прашањето на конфликтот од Северна Ирска е токму на нејзиниот праг, а за него не бара никакви меѓународни гаранции. Втора опција би била билатерален безбедносен договор со САД (кога веќе сме го одбрале како свој сојузник) или со Турција. За повеќето вакви идеи инстинктивно се одговара дека се невозможни, иако никогаш не биле ниту елаборирани ниту испитани (низ тајни дипломатски средби и иницијативи). Она што е најважно е Македонија, како мирољубив актер, да ги задржи добрите односи и соработка со земјите-членки на НАТО, со ПзМ, а тука се и Советот на Европа, ОБСЕ, итн. – со кои нема да се нарушат релациите само затоа што не сме успеале да се зачлениме во Алијансата. Патот до ЕУ е и онака потежок и понеизвесен, што значи дека планот Б веќе треба да функционира. Доволно е да нè снајде судбината на Турција, што е доволна причина за размислување на малку подолгорочна стратегија за „премостување“ на периодот до евентуално полноправно членство. Дури и ако застојот потрае, Македонија нема причини да очајува затоа што досега не успеавме да ги искористиме ни погодностите што ги носи кандидатскиот статус (поради внатрешните слабости).
Самоодржливоста на државата не би смеела да се доведува во прашање само поради застојот во некои од интегративните процеси. За мала држава со популација од само два милиони жители, како за почеток на планот Б, доволно ќе биде да профункционираат институциите (вклучувајќи ја и кохабитацијата) и правниот поредок, да се елиминира корупцијата од највисоките ешалони, да се промовираат професионализмот и принципот на заслуги во регрутацијата на кадрите на сите нивоа. На дипломатијата треба да ѝ се даде должното внимание, низ подигање на квалитетот на кадарот и неговата планска распространетост низ светот, насекаде каде што може да се најдат трговски и други партнери. За жал, на овој план како главна пречка се појавува нефункционалноста во координацијата и комуникацијата меѓу двата носитела на извршната власт, а за партизацијата и да не зборуваме.

И 20 години по осамостојувањето, Македонија нема дипломатска академија, ниту пак стипендира кадри на елитни странски академии. Конечно, интеграцијата со светот започнува во соседството. Така започнала и европската интеграција, па затоа ние не треба да измислуваме топла вода за тоа како се создаваат зони на мир, демократија и економска меѓузависност. Во оваа регионална констелација, очигледно доминираат стереотипите и стравовите: сите сакаат во НАТО/ЕУ (како симбол на европскиот клуб), а никој не сака да биде дел на Балканот и да ги препознае регионалните интереси, кои нè поврзуваат повеќе одошто нè конфронтираат.“
Ете, така сум зборувала претходно со години… И што од тоа? Ништо, освен што ми залепија етикета на евроскептик – иако бев и останав еврореалист. Колку и да боли тоа: на Европа ѝ се прди за нас! Ќе си останеме колонија – без алтернативи.