Морков и стап или мед и млеко?

Според Клоди Стајнер, американски психолог, интелегенцијата, особено емоционалната интелигенција, која е примордијална, на хомосапиенсот му служи главно за да ги натера другите од својот вид да соработуваат за некаква заедничка цел без уцени и присила. Ако гледаме сѐ што ни се случува во последните триесет години, мора да се согласиме дека нашиот основен проблем е во тоа што не сме успеале како луѓе, како група, како заедница, како нација да соработуваме на што и да е без уцени и присила. Ама за што било. Факт е дека за да се случи тоа, треба да постои некој во или надвор од заедницата што создава мотивација, главно низ личен пример, која ќе повлијае, ќе иницира и ќе ги мотивира другите да прават некаква заедничка работа заради остварување определена заедничка цел. И тоа не е лесно, да се разбереме. Гледаме како се постигнува тоа заедништво насекаде по светот. Многу тешко. И многу време, знаење, енергија и сила се вложуваат во тој процес на создавање заеднички убедувања. Да не се лажеме, не постои група, заедница, општество, народ што има општо верување и општо обединување за сите општи цели. Нема такво нешто. Освен во лажниот идеализам на македонските политичари, кои, сум го кажал тоа и досега многупати, но мора да ги повторуваме работите за да бидат запаметени, во недостиг од идеи за подобро денес и подобра Македонија ни ветуваат подобро утре во подобра Европа. Начините на убедување на заедницата да работи заедно за заедничка цел се различни и најчесто тие се комбинираат.

Грубата дефиниција што кај нас се прераскажува и интерпретира како успешен европски модел на убедување е со магарето, кое за да почне да се движи, напред му се врзува морков, кој го мами, а во задницата се удара со стап, за да не се врти и враќа назад. Бидејќи во Македонија политиката стана место и професија за оние што немаат никакви други квалификации и вештини во животот, немаат морални и етички вредности, грижа на совест и емпатија за другите, кои карактеристики психолозите и психоаналитичарите ги дефинираат како особености на идиоти, а нивното поведение за идиотизам како основна форма на глупавост, тие низ јавниот говор и политичкиот наратив ја користат гротеската за „магарето, морковот и стапот“ како пример што треба да се примени врз Македонија и Македонците. И триесет години ја употребуваат оваа синтагма секогаш кога сакаат да покажат дека знаат како треба да менаџираат со граѓанинот и со заедницата кога треба да се реализираат заеднички цели, особено ако се дел од оние норми во форма на закони што во Собранието на Македонија имаат таканаречено европско знаменце, односно тоа се дел од директивите на Европската Унија што ние мора да ги усвоиме и применуваме, по скратена постапка. Што утврдивме дотука? Дека ние сме магариња што не можат да се натераат на друг начин да дејствуваат освен со нудење лага дека ќе бидат нахранети ако се пренесат себеси и товарот до местото што господарот со закана на стап го определил како цел. И она што е поважно, за ваквиот начин на дејствување постои општ консензус дека е европски, исправен и демократски. Тоа води до извод дека магарето се согласило да го лажат дека или ќе биде нахрането со морков (затоа што морковот е врзан и не му се дава да го јаде, туку му стои пред него како мотивација за движењето дека доколку го пренесе товарот, можеби ќе го добие морковот) или натепано со стап. Кажете ми некоја друга форма што некој ја понудил во Македонија, а која ќе нѐ принуди да дејствуваме за остварување некоја заедничка цел? Има тука уште една европска идеја за тоа, која, мора да признаам, има свое основно американско влијание и се смета за комбиниран евро-американски начин за мотивација за општествено дејствување и се дефинира како „владеење на камшикарот“.

Промоторот на овој, мора да признаеме, оригинален и иновативен модел на владеење на демократијата и правото, премиерот на северната новодржавна творба, ја дефинира како создавање авторитативен „камшикар надвор од нашата земја“, а тоа се Европа и Америка, кои со камшик ќе нѐ тепаат секогаш кога ние нема да се движиме кон целта што ја замислиле тој и неговата власт, а реализацијата му ја доделиле на камшикарот, кој тоа ќе го направи со тепање. И ова е првпат во историјата на империјализмот, локалниот изведувач да го повикува нарачателот со неговата сила да го заврши тоа за што тој, локалецот, во суштина е и поставен да го прави. Укорот е веќе добиен и локалниот намесник е вратен да го заврши тоа што единствено се бара од него: да го земе камшикот во своите раце. Операцијата „магаре и камшик“ е почната со проектот „Борба против ширењето лажни вести и доследно спроведување на договорите за добрососедство“. Значи, дотука можеме да разбереме дека ние сме магариња што треба да се тепаат со камшик?! Тоа е, драги мои. Нема зошто да се лажеме. Јас не знам други форми, начини, идеи, примери, аксиоми, што и да е друго што некој во овие три децении го понудил како принцип што ќе нѐ обедини заеднички да работиме за остварување некоја заедничка цел. Зошто е тоа така? Затоа што никој во овие години не успеал да понуди ниту една, ама ниту една реална и остварлива цел како материјална и духовна вредност што, доколку се движиме кон таа цел заедно, ќе ја оствариме и споделиме секој според вложениот труд во остварувањето, според принципите на солидарна заедница. Па, нема ли ниту едно нешто што ако не сите, тогаш барем најголем дел од нас, и покрај сите разлики во убедувањата и начинот на живеење, ќе нѐ мотивира да дејствуваме заедно за остварување на таа цел?

Европската Унија како место за остварување на нашата материјална благосостојба и Европа како простор за реализација на нашите духовни потреби беа таа цел. Очигледно, и покрај огромната пропаганда, вложени стотици и стотици милиони евра и долари, притисоци, заплашувања, немири, па дури и војни, таа цел повеќе не постои! Да бидеме реални, не постои затоа што била нереална, лажна, измислена и непостојна, бидејќи никогаш ниту магарето ниту камшикарот знаеле каде е патот, како се патува и зошто се патува да се стигне до таа цел. Жалам, но сега е сосема јасно дека верувањето во Европа и европските вредности е покомплицирано и потешко за разбирање дури и од христијанството и верувањето во задгробниот живот и рајот што таму ќе го најде секој, но по смртта. Нам Европа ни се нуди како рај што ќе го заслужиме откако претходно ќе умреме, не само физички туку и материјално и духовно и како поединци, но и како нација. Од нас се бара комплетно откажување од земните верувања и прочистување од сите други стекнати сознанија за себеси и за заедницата што ние сме ги создавале за време на животот на земјата Македонија. Тоа е вистината. И доколку не се согласиме да го направиме тоа, тие се закануваат со исклучување од општење со другите од нашиот род и вид, казни, глад, сиромаштија и камшикувања. И секако, нема тоа да го направи Пилат Понтиј во името на императорот туку нашиот Ирод Антипа, домицилно селско царче, кое за да ги задржи за себе дробната сила и власт, ќе го нарече магаре, ќе го камшикува и ќе го распне на крст секој оној што ќе се спротистави на тоа да се движи по патот на илузијата наречена Европа. Ние ова, драги мои, го живееме.

Верувањето во Македонија и Македонецот станува грев за кој треба да бидеме наречени „магариња што не се движат кон од нив поставената цел“ и казнети со камшикување. Верувањето во себеси, во сопствената личност и убедување и, основно, во тоа дека не си „магаре што треба да оди таму каде што тие ти определуваат“ станува забранета работа, ерес што ќе биде осуетена и казнета доколку некој тоа им го зборува на другите или го практикува на себеси. Македонија, драги мои, ќе стане религија, а Александар, Делчев, Груев, Сандански и другите богови во кои ќе веруваме, на кои ќе се молиме, ќе им пишуваме евангелија и ќе им креваме храмови. Да не тривијализирам, но сосема е јасно дека не знаат што прават. Не знаат дека овој притисок води кон создавање една мала, но убедена група во постоењето на нешто што реално го нема, а тоа е земјата Македонија. Тоа во овој момент декларирање заради пркос и почит кон себеси и личното достоинство, доколку продолжат така, ќе прерасне во фанатизам и уверување за кое нема да се бара доказ за неговото постоење. Тоа може да прерасне во религија, онака како што е тоа јудејството, и да се создаде македонство како религиозно убедување за припадност кон заедница во прогонство. Македонија, драги мои, ќе ја направите идеалната ветена земја во која тече мед и млеко по примерот на Израел, а Македонците маченици со кои треба да сострадуваме заради нивното страдање за нас и нашето спасение. Се плашам дека сосема е нормално, за да стигнеш до целта што е нереална, која не постои, цел што веќе и самата себеси се одрекува дека постои, и ако тоа патување до неа се остварува со морков и стап, човечки е да го прифатиш постоењето на онаа другата цел: по свое убедување да стигнеш до дома, до Македонија, каде што се нуди мед и млеко.

Да се вратиме на почетокот, кај Стајнер Клоди, кој уверува дека емоционалната интелигенција служи за тоа како да ги натераме луѓето да дејствуваат заедно без уцени и присила! Како? Можеби и вака. Со уверување на оние што можат да влијаат врз примитивниот ум на устоличениот водач дека уцените раѓаат единствено и само опортунизам, а присилата непопустлив и себежртвувачки отпор. Има ли некој очи да види и уши да слушне? Мора да има. Мора да верувам дека верувам. Ама верувам ли јас во ова што го зборувам? Не знам. Ова се духовни премиси на сѐ уште, барем сега и барем во овој момент додека го пишувам ова, слободен човек. Ерес ли е ова и богохулие? Веројатно да. Не се плашам ли поради тоа? Се плашам, да. И зошто го пишувам ако сум свесен за можните последици од ова? За да остане запаметено дека сме пишувале, дека сме настојувале и сме се бореле на секаков начин и со сите средства. Со сѐ што сме можеле. И знаеле. Зборувам во минато време. Секако. Нема да поправиме многу од ова што го растурија, а не знаевме како да ги спречиме во тоа. Но по нас идат други. Тие ќе знаат подобро од нас. И за нив треба да оставиме белешки, знаци покрај патот што води назад кон ветената земја на медот и млекото. И патем, фрлајте дрвја и камења на нас. Поинаку и не заслуживме.

Авторот е режисер и универзитетски професор