Моралот и политиката

Актуелната политика очигледно е медиумски писмена и итра и практично наполно свесна за принципите и технолошко-информацискиот карактер на стварноста. Негативните кампањи, според политичките експерти и аналитичари, одат во нагорна линија и стануваат редовна појава како што се приближуваат термините за избори. Референции и спотови од скандалозни дуели меѓу некогашните ривали, со атракција монтажа се внесуваат во актуелниот политички контекст, и сето заедно сѐ повеќе заличува на видеоигра, политички ентертејмент, валкана кампања… илузија на колективна исправност

Кој мисли за моралот, нека оди во манастир… Напротив, кој оди без морал во политиката, порано или подоцна завршува во предавство или злосторство. Спласнуваат „граѓанскиот ентузијазам“ и онаа силна димензија и неоправдано нараснатата надеж што со баражната аудиофонска ескалација ни ја наметнаа и ја всадија во нашите кревки информациски тела политичките игри без граници. Медиумските вртежи во блогосферата, жанровски разновидните етиди и кампањи, виртуелните движења на отпорот како да го губат здивот. Во тој обред сличен на транс, драмскиот набој и сите тие „силни визии“ и ветувања спласнаа и се заокружија само како просечни епизоди во низата виртуелни празнења на стварноста низ масмедиумски симулации и аудиофонски продукции, во кој дефинитивно почнуваме да не разликуваме објект од субјект, вистина или лага.
Што се случи и што покажа и докажа последната епизода од серијата архи/тектонски референдумски и изборни патрдии. Слушањето и секвенционалното стопување на илјадници различни приватни разговори, светови, ставови, произведоа и резултираа со композитен политикантски видео- аудиодискурс, слично на мозаик, во кој високите тонови се скратувани и дотерувани, а ниските се издолжувани, сѐ додека сите содржини, сите политики, афери, спинови, илјада и една разновидни информации и радости, ужасни вистини, заблуди и фантазии, не добијат „политичка“ тежина. Ништо од сето замислено.

Актуелната политика очигледно е медиумски писмена и итра и практично наполно свесна за принципите и технолошко-информацискиот карактер на стварноста. Негативните кампањи, според политичките експерти и аналитичари, одат во нагорна линија и стануваат редовна појава како што се приближуваат термините за избори. Референции и спотови од скандалозни дуели меѓу некогашните ривали, со атракција монтажа се внесуваат во актуелниот политички контекст, и сето заедно сѐ повеќе заличува на видеоигра, политички ентертејмент, валкана кампања… илузија на колективна исправност.
Целта е да се покаже непостојаноста, превртливоста на крупните политички фигури во македонската плурална историја. Според некои аналитичари, ваквото постојано враќање во минатото, кое за нас е болно и неуспешно, нѐ влече назад и не ни дава да одиме напред. Тоа би можело да предизвика контраефект. Да, токму така – тоа е болно, но дали за сите еднакво, е прашањето што се наметнува и кое иницира континуирана дебата и потсетување за политичката одговорност и последиците од неуспешното и лошо владеење.
Новинарите и другите медиумски трудбеници, за разлика од лекарите и судиите, пред да го земат перото в рака, не даваат заклетва. Демек, слободни стрелци. Колку им доделил бог разум и мудрост, достоинство и морал – толку. Распашани револвераши, кои стрелаат – кој колку плати. Во стилот на онаа распојасена петпарачка божем новинарска братија, со искривоколчени резони, мисловни и јазични дефекти, гроза од недугавост и професионална босотија, а редовно присутна во некакви дебатни емисии за професијата. Некогаш тоа беа новинари бардови, на кои перото им беше свето жезло, но многумина брзо се престорија во гробари на слободниот демократски израз, се впуштија во политичките брзаци и водотеци.

Оние највредните беа произведувани во службеници во амбасади, конзулати, државни портпароли, шефови на партиски штабови, парламентарци, а некои спечалија и понекоја акција од транзицискиот плен.
Ваквиот драматичен пад на угледот на политиката и медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можно.
Сѐ повеќе и повеќе политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на иста политичка класа се натпреваруваат за работни места, а не за победа на идеи или во име на поголеми колективни интереси.
Во таква невротична „бомбастична“ и драматична реалност е и нашето живеење, кое е преплавено со политички и етички контрадикции – Гордиев јазол кој е загатнат и сплетен со „добронамерна“ помош однадвор и ни се нуди како мени. Многу луѓе се уморни од професионалната политичка класа, во чие дејствување во преден план е сопствениот интерес и која, од класа што се колне во име на народот, се претвора во бескрупулозна „класа за себе“.