Моралниот слом на едно општество

Нема влада што не ја следи крупна афера, која не била подложна на криминал, мито и корупција, која помалку, која повеќе. И безмалку сите паднале по скандали во чиј епицентар биле големи пари, евра или долари, милионски тендери, продажби на претпријатија, изградба на патишта, разубавување на Скопје (2014) и земање масни лични провизии. И со редовно, неизоставно учество на некои бизарни типови, како покритие за криминалот, за кои човек се чуди од кое подземје се појавиле и како и зошто високите функционери дозволиле да им се залепат, да им станат интимуси

Уште на почетокот морам да си признам, прво себеси, потоа на читателите, дека ми станува сѐ посложено да се определам за што да пишувам, да одберам некој нормален мотив и пристојна, позитивна и релаксирачка тема. Во оваа подвижна лудница, метафора со која може да се оквалификува политичката ситуација во Македонија, речиси сѐ изгледа безвредно, некорисно и, што е најстрашно, речиси непоправливо.
Нецели триесет години од воведувањето на повеќепартизмот, од прогласувањето на независноста и од меѓународното признавање на државата, Македонија (Северна) денес е далеку од изворните уставни, државни, политички и морални принципи, поставени во деведесеттите години од минатиот век, како надеж за една перспективна иднина во новиот милениум. Не само што е сменето името, не само што неколкупати е сменет Уставот, што по војна што по волја, не само што се сменувани партиите на власт, сменета е и моралната слика на општеството, на граѓаните во него. За жал, на полошо, не на подобро. Освен реалните надежи за НАТО и фиктивните за ЕУ, Македонија нема изградено цврсти државотворни темели, ниту има оформено водечки политички елити, што би ѝ гарантирале некоја светла перспектива. Се разбира тука не се исклучуваат ветувањата за милијарди евра, кои народот ги гледа како политичка фатаморгана, поучен со искуство од поранешните мегаизмами од тој тип.

Триесет години наместо во рационална и национална борба за стабилизирање на државата внатре и етаблирање надвор, Македонија се движи низ политички афери, низ корупциски скандали, низ криминогени лавиринти во највисоките политички, економски, правни и други јавни општествени сфери. Без разлика која партија или коалиција е на власт, кој ја составува Владата, кој е претседател на државата или претседател на Владата, кои се претседатели на водечките партии. Сликите се повторуваат, разликите се во нијанси. Од почетниот ентузијазам, од почетната ветена промена, од почетните денови на нова искра надеж, полека, полека сѐ се топи како снег од јужно ветре. Остануваат само црните траги на нечистотијата не како физичка слика туку како сведок за моралниот слом на едно општество и за немоќта на државата да се извлече од сопствената кал.

Македонија е држава во долга криза со низок интензитет, во децениска неуспешна транзиција. Сите, одвреме-навреме, постигнувани успеси самата власт речиси експресно ги минимизира, обезвреднува и поништува влегувајќи во сферата на криминогената практика. Нема влада што не ја следи крупна афера, која не била подложна на криминал, мито и корупција, која помалку, која повеќе. И безмалку сите паднале по скандали во чиј епицентар биле големи пари, евра или долари, милионски тендери, продажби на претпријатија, изградба на патишта, разубавување на Скопје (2014) и земање масни лични провизии. И со редовно, неизоставно учество на некои бизарни типови, како покритие за криминалот, за кои човек се чуди од кое подземје се појавиле и како и зошто високите функционери дозволиле да им се залепат, да им станат интимуси.

Со последните афери, пред сѐ со „Рекет“, во кои се замешани власта, партиите, опозицијата, најспецијалниот и другите обвинителства и судови, разни криминалци, полицајци, тајни служби, полуполудени и пролупани новинари, пробисвети и педери моралниот слом поприма димензии на морална паника. Само уште се чека во целиот овој галиматијас да се појават (а ќе се појават) и пиздите (не како полов орган) и курвите, (да ми простат до небо читателите), но не како претставнички на најстариот занает туку како тип карактер од македонски ендемски тип. Тогаш мозаикот ќе биде оформен и целосен.

За разлика од природната човекова паника, што е страв од некаква ненадејна лична или општа закана или загроза, во политиката е позната и моралната паника. Теоретски, со нејзините синдроми се опишува ситуација во некое општество во кое врз основа на неколку вистинити настани или инциденти, прикажани на преувеличен, сензационалистички начин, се создава или се настојува да се создаде уверување дека на власта ѝ се заканува паѓање, а на државата смртна опасност од внатрешни или надворешни непријатели. А таа опасност може да се отстрани единствено со радикални и, по правило, со репресивни мерки, со користење полиција, со апсења и со други недемократски мерки и средства.

Креирањето морална паника послужува како алатка за одбрана на послабите, кои се плашат за одржувањето на својата власт и на својот систем на вредности. Тоа најчесто се случува во ситуации кога едно општество минува низ сериозна криза, кога владејачкиот систем нема способности, не може или не сака да ги објасни и прифати новонастанатите општествени појави и движења или кога поединецот (владетелот) губи контрола над работите и луѓето. Особено кога народот е сиромав, незадоволен и кога се чувствува измамен. Кажано со малку посложен јазик, моралната паника се јавува почесто кај оние општества што не се способни да се приспособат на големи промени и дека таа, иако навидум е изолирана и минлива епизода, сепак е составена од низа симптоми на пошироки општествени, економски и културни проблеми и тензии.

Уште едно мало појаснување. Моралната паника почнува со некој вистинит настан на кој му се даваат големи димензии. Штосот е во тоа што не е најјасно кој ја предизвикува – политиката, медиумите или јавноста? Таа има споредбени елементи со земјотрес. Некое време откако ќе се случи главниот „потрес“ почнува „затишје по бура“ и губење на интересот на јавноста за проблемот што предизвикал паника. Во најголем број случаи по краткотрајното занимавање со последиците, нештата набрзина се забораваат и речиси никогаш нема целосно да се објаснат, а камоли да се осветлат докрај вистинските причини за создадената паника. Такви се искуствата во други држави, такви се и во Македонија, на многу примери. Според теоретичарите, поимот „морална паника“ означува социјален феномен на претерана реакција на медиумите, полицијата и на други државни институции или на широката јавност. Не мора да значи дека од влакно се прави ортома, како што може да значи дека од ортомата се цепи влакно по влакно за на крајот да не остане никаква трага.
За крај уште еден додаток (податок) во врска со митолошкиот бог Пан. Според речникот на симболите, изразот „Големиот пан е мртов“ преминал во јазикот за да го означи крајот на некое општество чиј поредок се распаѓа. Во тој свет човекот ја покажува својата расипаност, богатиот се затвора во својот егоизам, нечесниот и подол слуга подготвува заговор против господарот, луѓето од законот веќе не ги разбираат приципите на правдата и носат погрешни одлуки. А народот со разочарана душа и помрачен ум, размислува и молчи. Според некои филозофи, изреката „Пан е мртов“ означува и дека општеството стигнало до дното.

[email protected]