Можно ли е враќање на македонизмот?

Нашата држава е прекрстена и тоа е факт. Македонија не беше воено поразена од Грција ама потпиша капитулантски договор со кој прифати да се брише сѐ што е македонско во државава. Барем официјално, тоа значи дека нема ниту – Македонци. Неофицијално, пак, никој не може да ни забрани да се чувствуваме така за по дома. Проектот е американски. Колку што им пречевме како народ на Атина, Софија и на Тирана, уште повеќе не се вклопувавме во плановите на Вашингтон за Балканот, што е клучно за нашата судбина. По распадот на Југославија, САД се „царот“ во регионот и затоа сме ние жртва. Кој не го сфатил сево ова, не ги разбира процесите што се погубни за Македонците.

Ние веќе не смееме да ги користиме името „Македонија“ и придавките македонска/и/о, а Грција може да ги употребува кај што сака, кога сака и колку сака. Тоа кажува сѐ. Го добија монополот на овие термини, засега со мали исклучоци. Со тоа име тие имаат универзитет, аеродром, многу агенции… што не е оспорено со договорот и ќе си остане така. Кај нас нема да има ништо со предзнакот „македонски“. Сѐ се прекрсти или ќе следува – МАНУ, МРТ, МОБ, МИА… Макар во странство, нема да има македонско вино, музика, песни… Сѐ ќе добие ново име. Обезличувањето што ни се случува најлесно се разбираше преку фактот дека во земјата Македонија ќе има турски и албански театар ама нема да смее да има и македонски. Свесна за тоа, власта не го прекрсти МНТ ама бидете уверени дека е тоа само привремено, за да не се предизвика поголемо незадоволство. Ќе видиме колку долго ќе тактизираат и со химната. „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата…“ за нас е веќе забранета реченица.

Заврши тоа време. Такво сонце ќе може да се „раѓа“ само во Грција, не кај нас. Затоа не се свиреше химната при посетата на Ципрас. Мицотакис ќе му ги цитираше зборовите пред кои стоел мирно, што ќе беше погубно за политичкиот ривал. Задоцнувањето беше чиста лага. Впрочем, Албанците веќе го отворија прашањето за химната и промена претстои. Тие се упорни: бараа консензуален претседател, каков што нема во унитарна држава и, еве – го добија. Држава не се разбива прекуноќ, ниту друга, голема, така се гради. Треба време. Чекор по чекор. За морони тука нема место. Работите полека ќе си доаѓаат на место бидејќи целата оваа свинштина околу името е отворена и за задоволување на интересите на Албанците, кои се главни американски партнери во регионот. Со независно Косово, голема Албанија е речиси реализирана. Со еден потег, САД завршуваат две крупни нешта: ем ги задоволуваат националистичките апетити на Албанците, ем го затвораат „македонското прашање“. Затоа доаѓаат толку честитки од запад за нашата капитулација.

Сепак, да бидеме праведни. Навистина бришеме сѐ што е македонско ама барем го зајакнуваме националниот идентитет. Така барем тврди власта. Да го сотреш македонскиот карактер на државата и да тврдиш дека со тоа си го зајакнал македонизмот не изгледа баш логично ама кој верува, верува.

Денес, главното прашање е – што понатаму. Кои се патиштата по кои треба да одиме? Што може да се спаси од огромните загуби на кои сме изложени? Неоспорно е дека секој чекор во одбрана на нашите фундаментални интереси ќе биде речиси невозможен бидејќи нашата капитулација одлично им дојде на САД, НАТО, ЕУ…, кои долги години нелегално и со користење сила ја рушат Македонија токму за да нѐ доведат до оваа ситуација. Сега, откако си ги измија рацете, тие жестоко ќе бидат против какви било промени. Со капитулацијата ги решивме нивните проблеми ама не и тие дома, а уште помалку со соседите, кои се доведени до фаза на усвитување што долго ќе нѐ пржи. Нов е тука само фактот дека ние прифативме целосна вина за нивните вековни агресивни и иредентистички политики кон нашиот народ, а од 1944 година и кон нашата држава. Се согласивме дека наша грешка е што тие игнорираат дека ние постоиме како народ, дека зборуваме на свој јазик… Сѐ заедно, дека единствен проблем е нашиот неподнослив и неприфатлив национализам за кој толку често пишува Денко Малески. Соседите да тврдат дека не си тоа што си, а ти да се противиш, навистина е тежок екстремизам. Затоа им дадовме нов силен импулс да продолжат со своите политики бидејќи веќе започна дефинитивното бришење на Македонците. А измислиците на власта дека Грците сега ни се пријатели и стратегиски партнери се обична глупост. Тие ги реализираа своите максималистички замисли ама кај огромното мнозинство Македонци незадоволството е длабоко и трајно. Тоа ќе тлее и ќе се шири и ќе чека можност да се исправат направените неправди и срамното предавство. Во историјата сме имале многу слични ситуации од кои сме излегувале победници. Колку и да трае, така ќе биде и сега.

Обидите за надминувањето на Преспанскиот договор ќе траат подолго и нема да бидат лесни. Тоа во никој случај не можеме да го направиме сами. Кога ќе се создадат услови, соодветна стратегија треба да се направи со ангажирање врвни светски правни експерти, кои го познаваат системот на ООН. Тие би биле дел од некаков штаб во кој би биле и наши луѓе. За тоа се потребни власт и лидер, кои би биле подготвени да се борат за враќање на македонизмот. Начелно зборувајќи, во стратегијата ќе мора да има три дела.

1. Во првата фаза клучно ќе биде да не се применува ерга омнес функцијата на договорот од Преспа. Така би се вратил националниот карактер на многубројните институции, кои беа прекрстени и целосно би се користело историското име во рамките на државата. Тоа може да се направи унилатерално, без формално да се ревидира договорот, слично како што направи Грција со непочитување на Привремената спогодба според која не смееше да нѐ блокира на патот кон НАТО и ЕУ. Како и сега, и таа спогодба беше потпишана од министрите за надворешни работи, и тој текст беше исто така подготвен во Вашингтон… Ако тие можеа да го игнорираат за нас најважниот дел од таа за нас катастрофална спогодба, зошто да не можеме и ние сега еднакво да се однесуваме? Па нека нѐ дадат на судот во Хаг каде што ние ќе имаме едно чудо првокласни аргументи дека сме во право. Наш силен аргумент би биле резолуциите на СБ на ООН каде што името на државата е единствен нотиран проблем, а дополнителен аргумент би ни била и Виенската конвенција за меѓународни договори.
На домашен план, ќе треба да се преземе сѐ што е можно Уставниот суд, сепак, да се изјасни за прекршувањата на Уставот, поврзани со договорот од Преспа. Тоа многу би помогнало во борбата за враќање на македонизмот, а пред сѐ да се амортизира понижувачкиот систем ерга омнес. Така би започнала постепена ревизија на договорот. Противниците ќе бидат многубројни и дома и надвор ама држава и народ само така се бранат.

2. Вториот сегмент е надворешната употреба на новото име. Објективно, ќе биде речиси невозможно во краток рок од меѓународна употреба да се исфрли додатокот – „Северна“. Мора да постои подготвеност за подолг процес, а ние, во никој случај, не треба однапред да се откажуваме. Нашето премислување ќе предизвика бура во НАТО, во ЕУ и особено во САД и поради игнорирањето на ерга омнес. Ќе се соочиме со жестоки политички притисоци, уцени… Ќе ги употребат сите можни мерки за да нѐ спречат, вклучувајќи и разни форми на дестабилизација на земјата, дури и со рушење на таквата власт преку нивните агентури. Ќе имаат и аргументи бидејќи во ООН ние прифативме дека нашето име е проблем.
Тактизирајќи на тој план, треба да се остава простор за враќање на македонизмот во земјата со поништување на клаузулата за ерга омнес. Така, нема формално да го доведуваме во прашање ниту членството во НАТО, ако е веќе верификувано, ниту преговорите за влез во ЕУ, ако се тие започнати.

3. Третиот дел би бил враќање на името Република Македонија во Уставот, со објаснување дека (привремено?) во странство истото тоа ќе се користи со додавката – „Северна“. Тоа ќе биде исто така тежок проблем ем поради потребното двотретинско мнозинство во Собранието, ем поради позициите на албанските партии. Меѓутоа, наше е да се избориме за нешто што беше капитулантски загубено. Во основата, тоа значи поништување на сите нови амандмани на Уставот.

Новата извршна власт ќе треба веднаш да започне со одлучни активности во оваа насока. Бидејќи дотогаш, веројатно, ќе биде финализирано нашето членство во НАТО овие наши приспособувања ќе се рефлектираат на преговорите за влез во ЕУ. Тоа нема да биде голем хендикеп бидејќи тие преговори, кога и да започнат, и без тоа ќе траат околу 15 години. Наш неоспорен аргумент е дека целиот процес на прекрстување беше неуставен и како таков невалиден. Договорите обврзуваат, ама не се Свето писмо и можат да се откажат или ревидираат. Грција не ја почитуваше дури ниту хашката пресуда. И, никому ништо. Во претстојниот период сигурно ќе порасне свеста дека во прашање е опстанокот на македонскиот народ и дека мораме да се соочиме со сите предизвици, кои во никој случај нема да бидат пријатни. Ако сакаме да останеме како Македонци, друга опција нема да имаме. Во случај мнозинството да се помири со бришењето на македонизмот, поразот ќе биде само привремен. Со историски срам, недостојни на нашите претходници, кои ги жртвувале своите животи за нас, ќе чекаме да се појави вистински лидер.
Ако не се преземе сѐ за спасување на нашиот македонизам, сите ќе бидеме предавници и капитуланти.

(авторот е поранешен дипломат)