Можни сценарија за иден развој на македонскиот изборен систем (3)

Дебатата околу потребата за определување изборен праг сè уште е многу жестока, затоа што самото воведување ваква мерка некого исклучува од влез во парламентот. Сепак, германскиот уставен суд во 1990 година потврдува дека изборниот праг не се коси со демократските вредности на германскиот устав, затоа што „функционален парламент е повисоко добро од целосна пропорционалност“ (во Германија се смета дека непостоењето на изборен праг во вајмарска Германија било една од причините за рапидниот пораст на популарноста на некогаш маргиналната нацистичка партија на Хитлер)

Дали постои идеална формула за пресметување на изборните резултати при пропорционален изборен систем? На сите досегашни македонски избори, со употреба на пропорционалниот систем, од локалните избори во 1996 година, па до денес се употребува Донтовиот метод за распределба на мандатите. Тука Македонија го следи глобалниот пример, затоа што математиката за донтовиот метод е наједноставна и најразбирлива за избирачите. Постојат две семејства на методи коишто се употребуваат за распределба на мандатите. Донтовиот метод му припаѓа на семејството изборни количници. Тука по завршувањето на изборите и пресметката на бројот на гласовите се определуваат количници за секоја изборна листа, а партиите со најголеми количници ги добиваат мандатите. Кај Донтовиот модел секој изборен резултат се дели со 1, 2, 3 и така натаму, а за овој модел се вели дека ги фаворизира големите партии и не постигнува потполна пропорционалност. Втор најпопуларен модел на изборни количници е Сентлаговиот модел, каде што секој изборен резултат се дели со 1, 3, 5 и така натаму, а постои и изменет Сентлагов метод, каде што првиот количник е 1,4 или 1,2 наместо 1 (овде благо се фаворизираат поголемите партии). Математиката вели дека Сентлаговиот модел попрецизно се приближува кон целосната пропорционалност од Донтовиот модел. Во употреба се уште и данскиот модел, империјали, Хантингтон-Хил и естонскиот модел на изборни количници, а креативни математичари може да измислат уште многу други модели. Грубо кажано, данскиот модел најмногу ги фаворизира помалите партии (на ланските парламентарни избори би влегла дури и Глас за Македонија, со 0,31 проценти од гласовите), додека пак империјали и естонскиот модел ги фаворизираат големите (ВМРО-ДПМНЕ би добила уште по еден пратеник при примената на овие методи).

Второто семејство методи за распределба на мандатите се методите на најголемиот остаток. Математиката зад овие методи подразбира вкупниот број добиени мандати по изборна листа да се подели со квота што претставува број на гласови потребни за добивање еден мандат (кај наједноставниот Харов метод квотата е вкупниот број на гласови поделен со вкупниот број на мандати). При употреба на овој метод се добиваат резултати во форма на цел број и дробен остаток, па целиот број за секоја изборна листа станува автоматски број на добиени мандати, а преостанатите мандати се прераспределуваат според најголемите дробни остатоци, додека целосно не се пополни бројот на пратеници. Овие методи, со исклучок на империјали-методот на најголем остаток (различен од империјали-методот на изборен количник), ги фаворизираат помалите политички партии.
Покрај формулата за пресметка на изборни мандати, значајна карактеристика на изборниот модел кај пропорционалните изборни системи е и изборниот праг. Строго дефиниран изборен праг во Македонија е применет само за делумната пропорционална листа при изборите од 1998 година, кога е определен на 5 проценти на национално ниво. Дебатата околу потребата за определување изборен праг сè уште е многу жестока, затоа што самото воведување ваква мерка некого исклучува од влез во парламентот. Сепак, германскиот уставен суд во 1990 година потврдува дека изборниот праг не се коси со демократските вредности на германскиот устав, затоа што „функционален парламент е повисоко добро од целосна пропорционалност“ (во Германија се смета дека непостоењето на изборен праг во вајмарска Германија било една од причините за рапидниот пораст на популарноста на некогаш маргиналната нацистичка партија на Хитлер). Истовремено, тој ист германски уставен суд го укина изборниот праг за европските избори (со образложение дека европскиот парламент не претставува одлучувачко, туку само претставувачко тело). Компаративната политичка наука познава изборни прагови од 0,667 проценти (Холандија, иако математиката е малку посложена), па дури до 10 проценти (Турција), а често се случува политичките партии коишто ги претставуваат малцинствата да бидат изземени од потребата да го постигнат минималниот праг за да влезат во парламентите или, пак, за нив важи посебен и многу понизок изборен праг. Некаде, пак, постои повисок изборен праг за предизборните коалиции, како во Италија.

Земјите каде што не постоеше изборен праг, како Израел и Бразил, одлучија постепено да го воведуваат и да го зголемуваат, токму од причините коишто ги наведува германскиот уставен суд. Националните парламенти немаат само претставувачка, туку и одлучувачка ролја во политичкиот систем. Народниот суверенитет, односно владеењето на граѓаните, се канализира преку националните парламенти, па, оттука, тие мора да бидат целосно функционални. Во транзициските земји, пак, постоењето на изборниот праг претставува брана за влез на популистичките партии во собранијата и тест за тоа дали политичките партии се реално вкоренети во општеството и дали тие навистина одразуваат интереси на определен слој од граѓанството. Да не влегуваме, пак, и во коруптивните политички комбинаторики во Македонија, каде што некои актери сметаат дека полесно ќе дојдат до премиерски мандат поради умешноста во купопродажбата на пратеници за еднократна употреба.
На локално ниво, пак, треба да се задржи постојниот изборен систем каде што не постои изборен праг, од проста причина што извршната власт на локално ниво е отелотворена во градоначалниците коишто се непосредно избрани, па изборните совети имаат многу повеќе претставничка, отколку одлучувачка функција.
Изборниот праг игра улога и за самото постоење на партиите, па така во Мексико секоја партија којашто нема да добие повеќе од 1 отсто на гласовите автоматски се распушта, а нејзиниот имот го презема тамошната државна изборна комисија, додека, пак, другите земји воведуваат изборен праг за распределба на државната помош кон политичките партии.
Покрај оваа дискусија, кај нас во последните петнаесетина години се дискутира и за потребата од постоењето на отворени листи, односно можноста граѓаните да ги прераспределат местата на изборните листи, предложени од партиите. Поддржувачите на овие решенија сметаат дека политичките партии во Македонија се претвориле во султан-партии, па самите лидери им даваат предност на нивните пламени поддржувачи, за сметка на рационалните политичари. Според мене, и тука станува збор за типичната болка на македонската демократија, каде што постојат илузии дека само со едно магично стапче и изговарање на „абракадабра“ ќе си легнеме во Македонија, а ќе се разбудиме во Шведска (поточно во нашата замислена претстава за Шведска).

Точно е дека е потребна демократизација на партиите и за вдахнување нов живот во македонските партии, но отворените листи нема да го постигнат тоа. Многу поизвесно е дека „отворањето“ ќе го намали бројот на жени и на малцинства во избраните тела, отколку што ќе внесе рационални политичари внатре. Можеби би било поинтересно да се размислува за воведување партиски предизбори, спроведувани и контролирани од Државната изборна комисија, каде што партиските членови и поддржувачи ќе одлучуваат за распоредот на кандидатите на партиските листи, отколку да се оди на некои форми на делумно отворање на листите.
Последната точка од ова продолжение на оваа серија написи се однесува за непосредниот избор на градоначалници и на претседател на државата. И тука сме заробени во двокружниот мнозински систем, со чудна изборна квота од 40 проценти за вториот круг на претседателските избори. Можеби нема да биде лошо да се размисли за завршување на целиот изборен процес во еден изборен круг, било преку употреба на единствен пренослив глас или преку дополнителниот глас, како на изборите за градоначалник на Лондон. При првиот медот, единствен пренослив глас, граѓанинот ги рангира сите предложени кандидати, според своите преференции, потоа последователно се елиминираат сите кандидати со најнизок број гласови и нивните ливчиња се прераспределуваат, според искажаните преференции, сè додека еден од кандидатите не добие над 50 отсто од гласовите. Кај дополнителниот глас, граѓанинот има само две преференции, па во второто броење влегуваат само двајцата првопласирани кандидати, а гласовите на преостанатите се прераспределуваат според искажаната преференција (овој начин на избирање не се коси ни со македонскиот устав, затоа што постои автоматски втор круг).
Сите овие елементи треба да се земат предвид при идната изборна реформа, а исцртувањето на можните решенија ќе биде тема на заклучната колумна од оваа серија.