Можни сценарија за иден развој на македонскиот изборен систем (2)

Иако се чини дека се стабилизираа актуелните шест изборни единици,
сепак тие се многу проблематични. Првиот проблем произлегува од нелогичната географија на изборните единици. При цртањето на овие шест изборни окрузи се гледало само да се постигне еднаков број на избирачи по изборна единица, па споени се општини или делови од општини коишто немаат никакви регионални културни, економски или политички врски. Најчуден пример е Скопје…

„Големите го претпочитаат малото, а малите го претпочитаат големото“ вели политичката наука за однесувањето на партиите при реформата на изборниот систем. Односно, големите политички партии се залагаат за помали собранија, помали изборни окрузи и помали квоти за избор на пратеници (еднокружниот мнозински систем е идеален за поголеми партии). Додека, пак, помалите политички партии се залагаат за побројни собранија, поголеми изборни окрузи и поголеми квоти за избор на пратеници (пропорционален модел за распределба на местата). Уставот определува македонското собрание да има помеѓу 120 и 140 пратеници, но изборниот законик никогаш не мрдна од бројката на 120 парламентарци, од воведувањето на демократијата, па до денес. Бројот на пратеници во Собранието, при изработката на изборниот модел, е многу значајна варијабла. Собранието треба да биде доволно големо за да може да ги застапи сите спротивставени гледишта во едно општество, но притоа и доволно мало за да се избегне непотребно расфрлање со буџетските средства. Политичката наука определува дека идеална големина на претставничкото тело за да се постигне најширока можна застапеност би била кубен корен од бројот на жителите. Примената на ова правило во Македонија значи дека Собранието треба да има 125 пратеници, што е безмалку идентично со актуелниот број на парламентарци, па тука не би требало да се интервенира. Во изминативе четириесетина години одвреме-навреме се појавува идејата за намалување на големината на Собранието на 90 пратеници.

Според иницијаторите на ваквите замисли, помалото собрание ќе доведе до поефикасен парламентарен дом, помалку избрани функционери и пониски трошоци за буџетот. Доколку овој концепт се примени со постојниот изборен закон, тоа ќе значи дека во актуелните шест изборни единици ќе се избираат по 15 пратеници. Една проста математичка симулација на досегашните шест изборни циклуси пропорционални избори, при избор на 15, наместо на 20 пратеници по изборни единица, покажува дека безмалку ниту една од помалите политички партии не би влегла никогаш во македонското собрание. Не би влегле ни Љубисав Иванов-Ѕинго, со СПМ, во 2002 година, како ни ПДП и НДП, ни Левица во 2020-та, ни ПЕИ во 2005-та и 2008-та, ни ГРОМ во 2014 година, ни НДП во 2011-та и во 2014-та, а ни ДОМ во 2005 година. Единствено би се провлекле НСДП и ВМРО-НП во 2005 година со по еден пратеник, односно Беса и Алијанса во 2016 година, исто така, со по еден пратеник. Ова би се случило затоа што природниот праг за влез на партиите во Собранието сега се движи околу бројката од околу 4 проценти од гласовите, а доколку се избираат по 15 пратеници во секоја изборна единица, тогаш природниот праг би бил над 5 проценти. Така што, со намалувањето на бројот на пратениците во Собранието би се намалила и бројката на политичките партии застапени во парламентарниот дом.
Второто прашање, при сеопфатната промена на изборниот модел, би било околу големината на изборниот округ, којшто кај нас се нарекува изборна единица. Во нашата досегашна парламентарна историја ние сме имале изборни окрузи каде што се избира само по еден пратеник (во 1990, 1994 и делумно во 1998 година), изборен округ каде што цела Македонија е една изборна единица (делумно во 1998 година), како и сегашните шест еднакви изборни единици. Иако се чини дека се стабилизираа актуелните шест изборни единици, сепак тие се многу проблематични. Првиот проблем произлегува од нелогичната географија на изборните единици.

При цртањето на овие шест изборни окрузи се гледало само да се постигне еднаков број на избирачи по изборна единица, па споени се општини или делови од општини коишто немаат никакви регионални културни, економски или политички врски. Најчуден пример е Скопје, коешто е една целина, а поделено е дури во три изборни единици. Вториот проблем е потребата од постојано усогласување на изборната географија, според демографските трендови, па изборната карта константно се менува. Овие измени предизвикуваат и нерамноправна распределба на мандатите. Најобилно оваа аномалија ја користи ДУИ, коишто традиционално имаат најмал број на гласови по пратеник. Така што веќе е созреано мислењето дека треба да се пристапи кон промена на изборната географија и придвижување од актуелните шест изборни единици кон некој друг модел. Најзастапувано гледиште во јавноста е цела Македонија да биде само една изборна единица, но ова решение, исто така, има свои слабости. Првата слабост се однесува на регионалната застапеност. Односно, со претворање на Македонија во една изборна единица, нагло ќе порасне влијанието на Скопје, коешто и онака е неприкосновен политички центар во државата, на сметка на застапеноста на преостанатите региони во земјата. Исто така, Македонија како една изборна единица дополнително ќе го засили влијанието на партиските централи и на партиските раководства, а една од главните цели на секое залагање за изборна реформа кај нас е токму да се овозможи демократизација на самите политички партии. Од овие причини, не би било лошо да се разгледаат и некои алтернативни опции. Нееднакви изборни единици, коишто би ги отсликувале регионите во земјата, е едно од можните решенија. На пример, осумте плански региони во Македонија може да послужат и како осум изборни единици, но со различен број на пратеници избрани по регион. Примената на бипропорционалниот изборен модел, најновиот „хит“ во изборното законодавство, каде што се задржува целосната пропорционалност на ниво на целата држава, урамнотежена регионално, би ги решила и сите нееднаквости со тежината на изборниот мандат, дури и при воведувањето на ваков изборен модел.
Друга можна алтернатива би било воведувањето на персонализираниот пропорционален модел, каков што постои во Германија и во Нов Зеланд.

Таму целосно е зачуван пропорционалниот модел, каде што целата земја е една изборна единица, но половина од пратениците се избираат во едночленски изборни окрузи. Како би изгледало тоа во практика кај нас? Македонија, при примената на персонализираниот пропорционален модел, покрај постоењето на една национална изборна единици, би била истовремено поделена и во 60 едночленски изборни окрузи. Потоа, секоја партија би предложила затворени партиски листи со 120 кандидати на национално ниво, како и кандидати за секој од 60-те едночленски изборни окрузи (овие кандидати мора да се најдат и на националните изборни листи). Граѓанинот би имал два гласа, еден на национално ниво и еден во едночленските изборни окрузи. Прво би се пресметале гласовите на партиите на национално ниво и бројот на пратеници по партија. Потоа, во парламентот ќе влезе секој пратеник избран во едночленските окрузи. Доколку партијата добила повеќе пратеници, отколку што се избрани во едночленските изборни окрузи, тогаш преостанатите пратеници влегуваат преку утврдениот редослед на затворените национални партиски листи. Со употребата на овој изборен модел се урамнотежува потребата од застапеност на сите региони во една заедница, со принципот на пропорционално претставување на национално ниво, а нема подобро преференцијално гласање од победата на кандидатите за пратеници во нивните локални едночленски изборни окрузи.
Тука дискутирав само два елементи, коишто мора да се земат предвид при идната изборна реформа, а во следниот текст ќе се позанимавам со самиот изборен модел, како и со изборниот праг, пред да дојдеме до можните предлози за идниот македонски изборен модел.