Многу медиуми, а само една вистина

Фамозниот „Фридом хаус“ одново јава. Во својот годинашен извештај – со „кренат показалец“ ги измери и премери медиумските слободи и неслободи – и по подолго време ја рангира Република Македонија две места погоре. Како ли е можно тоа, Република Македонија, „лулката на демократски медиумски традиции“, која е и рекордер по бројот на новинари и медиумски трудбеници, да е толку ниско рангирана, некаде на дното на ридестиот зовриен, непредвидлив Балкан.
И како што ќе се појават редовниот годишен извештај и оцена, како по правило се отвора /ко божемна/ дебата за состојбите во нашиот медиумски сокак. Површна, млака реакција и возбуда што се вели – да се пројде на редот. По некое исчудување, вџашеност, за падот или подемот /две места годинава/, понекој коментар на тема за рејтингот и степенот на доверба што го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода.
Според истражувањата и анализите за медиумските прилики и неприлики во Македонија на мал медиумски простор се распослани и работат повеќе од 200 медиуми. Освен „урнатиот мастадонт“, јавниот сервис, МРТВ, најголем дел од медиуми е во приватна сопственост. Речиси секој сокак, маало, општина има своја телевизија, во поново време портали, платформи, социјални мрежи. Многу медиуми, високи журналистички школи, институти – а само една вистина. Многу од трудбениците, новинарите и преостанатите профили во дејноста, немаат постојани работни договори или премолчено се согласуваат на некаков минималец, хонорар, компензација што е поизразено во регионалните и локалните медиуми и со што се создава социјална и економска несигурност.

Во минатото во монизмот – еднопартискиот систем, да се биде новинар во Република Македонија беше висок статусен симбол. Дa сe известува /ретко компетентно и да се коментира/ од внатрешнополитичките збиднувања, освен што овозможуваше физичка блискост до „другарите“ даваше чувство на надменост и опојна моќ. Многумина сe доживуваа себеси како „општествено-политички работници“ – нешто моќно, мистично, опасно за конкурентите. Во социјалистичката уравниловка тоа значеше повеќе од препознавање во маалските пиљари, можеби можност да се добие подобро парче месо во месарниците, со ретки исклучоци и отскок во дипломатска кариера. Плурализмот многу од нив го дочекаа политички еднонасочни, неподготвени, но и до невкус и гротеска готови да ги валоризираат своите вештини менувајќи партии, ставови, нагло без логика и интегритет.
Многу од врвни професионални пера и лица, во потрага по повеќе пари, се помамија и се разотидоа. Многу од нив запловија во политички води и вирови и одново ја одбраа улогата на општествено-политички работници. Со тоа прашањето за смислата за местото и улогата на дејноста силно е компликувана и тешко може да се дојде до соодветен одговор и логичен заклучок. На многумина „медиумски дејци“, застанати на работ и загледани во бездната на сопствениот редукционизам и материјализам, не им останува многу простор за пронаоѓање одговори за прашање за смислата, слободите и неслободите.

Живееме во време кога нам луѓето сѐ ни е сервирано претставено, поедноставено и ни е на дофат. Во печатот, електронските медиуми, социјалните мрежи и платформи секојдневно ни се презентираат готови мислења, економски и политички анализи и рејтинзи. Популарната култура нуди изобилство веќе подготвени вредности, а политичките и филозофските школи ги претставуваат сопствените тези како неприкосновени вистини.
Во македонскиот етер, во таа необична врвулица од национални, локални и какви уште не концесионери, се одвива процес на забрзано празнење на стварноста по пат на масмедиумски (од скоро и разузнавачки) симулации и перформанси.
Очигледен беше и останува фактот дека бројот на печатени и електронски медиуми, ТВ и радиоконцесионери, интернет-портали, е зачудувачки голем во однос на потребите на информирањето од една страна, но и во поглед на реалната содржина и дејства. Во ваквиот енормен раст и медиумска диспропорција се пронајдоа и други интереси и мотиви, па така парчосувањето и раситнувањето на медиумскиот простор продолжува и трае…
Континуирано лошата слика на дејноста сега дополнително е обременета со уште еден специфичен „бомбастичен жанр“, истражувачко-слушачко и прислушувачко новинарство. Однесување на извесни протагонисти, носители на дејствието на новите трендови во нашата медиумска хиперстварност, кои во име на повикот на јавноста често ги менуваа страните, ставовите, предничеа во создавањето конфузија и ниска магла. Многу од нив за „пусти пари“ „хранат и информираат“ и извесни странски аналитички инстанции, кои врз основа на нивните „објективни“ параметри оценуваат и пресудуваат за имање и немање слободи на говор, автоцензури. Тоа се извесната категорија локални мегамедиумски херои, некои постари, некои набрзина „остручени“ хистерични конвертити, кои вешто и со способноста, секому да му служат, сѐ и сешто да негираат и релативизираат под плаштот на псевдоалтруизмот, вешто се имплементираат и во оваа суптилна сфера на нашата реалност.

Со своите „експертски“, вербални, „професионални“ и ини бравури во име на слободата, демократијата работат за себе и ги балансираат сопствениот рејтинг и интерес, без пардон и без ниту грижа за последиците и општествената одговорност.
Со ваквото поведение се дезавуира новинарството, инаку ценета дејност и професија што секако има свое место, но како логично средство и учество во медиумите – не во форма на „опинион мејкери“, „спинери“, „креатори на јавното мислење“.

Според одредени сознанија, како и секаде во регионот има новинари што се вплеткани во политички бизнис-дејствија и одработуваат за политички и економски моќници и нивните плати се и по неколку илјади евра и имаат и акции во извесни транзициски приватизирани стопански субјекти, а преостанатите се снаоѓаат, работат за мизерни плати и одвреме-навреме ќе колвнат и понекоја трошка странски пари.
А што се однесува до редовниот извештај на „Фридом хаус“, за оние што од скоро го читаат, тоа не е ништо ново, ниту чудо. Заклучоците се повторуваат – ние сме и понатаму во зоната на делумно слободни медиуми.
За оние што од скоро ги следат и откриваат и толкуваат, ваквите и слични извештаи, ова е само уште еден во низата политички трикови, пресек – заклучок донесен врз основа на нашиот севкупен демократски, економски, политички, образовен, културен, но пред сѐ духовен деструктивен поданички кодошки менталитет и степен на развој, што во услови на глобална информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен.