Мила, ми текна!

Од „Миле, ми текна“ до „Мила, ми текна“ – тоа е една од клучните промени од едниот режим со заробен ум до овој другиот што го наследува. Првиот си ги скрши забите на образованието, но да видиме што ќе се случува со вториот. За најавата за реформата во основното образование (и следствено, во средното и високото), која во јавноста стигна преку Јутјуб-платформата, некои тврдат дека е (не)намерно протекување (leak) од работната група за која не ни знаевме дека постои, кога и како е формирана и кој ја сочинува. Но само три дена потоа, министерката и нејзината десна рака веќе почнаа да зборуваат за наводна дебата во магла (а кој е виновен за маглата?), полна со шумови и бучава од која не се слушале аргументи итн. Замислете, подготвени се ова да го сметаат за почеток на јавна дебата (!?). Таа пак се одбива на социјалните мрежи, бидејќи ниту еден друг компетентен и соодветен форум на засегнатите страни (модерно кажано, со нивниот енџиоовски јазик, stakeholders) не е ниту отворен, ниту планиран. Ингениозните ликови и бранители на ликот и делото на Заев/измот се многу поконкретни: сите што се осмелија да реагираат се веќе етикетирани како хистерични и параноични и се подразбира – за назадни и незнајковци.

Ништо ново: длабока поделеност, атмосфера на нетрпеливост, во која секоја критика се смета за непријателска кон државата и слично. Внимателно проследив едно интервју на Мила и Бешка, а накратко заклучокот е овој: „дебатата“ (не)намерно започнала на 15 декември; досега МОН имало неколку консултации со родители, синдикати, ученици, а во наредните денови следуваат уште последните две (не знаеме со кого); потоа предлогот оди на усвојување во Владата пред Нова година. Велат, најсоодветно е потоа брзо да се премине во Собранието, каде што ќе се организирала јавна расправа за законот. Наставните програми ќе биле готови до март, кога почнува и дообуката на наставниците; имплементацијата започнува во септември со прво и шесто одделение. Толку експресно, што време за дебата речиси и нема, особено ако се знае како се водат дебати под палката на власта. Филозофскиот факултет, ама и другите т.н. наставнички факултети (од УКИМ и од другите универзитети) се фатени во „небрано“: некои кадри се ангажирани индивидуално од министерката, но на институционалното и колективно знаење никој не се потпира. Политичката опозиција е поцрна од самиот ѓавол, така што, драги родители, подгответе се да гледате како вашите деца стануваат објект на уште еден експеримент. Интересно, нешто слично спомна и Пендаровски, кој додаде дека тајмингот бил проблематичен затоа што јавноста е во тензија поради бугарското вето, па потфрлил владиниот пиар. Со други зборови, да биле попаметни со продавањето на приказната никој не би се сетил и не би реагирал и сè би минало без поголема реакција.

Нема родител што не сака подобро образование на детето. Ретко кој би ги оспорил нужноста и потребата од длабока реформа. Знаеме дека образованието е деградирано и како дејност и како професија, дека учебничката литература е лоша, дека секоја нова генерација излегува со помалку знаење од претходната. На факултетите тоа го чувствуваме на почетокот на секоја академска година. Децата се интелигентни, но со дупки во знаењето, немотивирани и ненавикнати на критичко мислење (надвор од кутијата). Понекогаш имам чувство дека државата прави сè за децата да го замразат учењето од старт. Тоа е неинспиративно, не буди љубопитност, системот е шематски и авторитарен, не открива или поттикнува таленти туку упросечува, па наместо мали Моцарти поттикнува Салиериевци итн. Се вадат вкалапени умови во согласност со некакви насоки и упатства, кои им се наметнати и на наставниците, бидејќи образовниот систем е еден од најригидните, најхиерархиските и најидеологизираните системи во општеството. Како можеме да зборуваме за „општество нa знаење“ (термин воведен од УНЕСКО пред 15 години), кога државата ја водат лица без елементарно знаење и култура, да не зборувам за визија или достигања вредни за респект? Видете ја кариерата на Мила: од социјална работничка (професија во која не верувам дека минала некое време) веднаш кооптирана во НВО-секторот, оттаму се вивнува во партиска политика, па до возраст од 30 и нешто години зад себе има Министерство за труд и социјала, вицепремиерска позиција за економија и сега образование! Нејзиниот шеф е полиглот од невидени размери, поп-рок историчар, и „роден дипломат“ – човек од кој се срамиме да кажеме од која земја доаѓаме. И да не набројувам… Почесниот докторат на Ахмети е само шлаг на тортата. Сосема соодветно!

Ајде да ги ставиме во фокус наставниците. Со децении понижени, држени на минималец, третирани како потрошна стока и моделирани како партиски пиони (ако сакаат да си го задржат лебот), безгласни и кога експлоатацијата ги преминува сите граници. И сега мрморат и се фаќаат за глава од најавите, ама само приватно. Во новата реформа ќе има нова диференцијација, па наместо да се подобри социјалната положба на наставничкиот кадар, ќе воведат „класи“: наставници ментори и наставници советници – со повисоки плати. Значи, колку подалеку од училницата и децата, толку повисока кариера и плата! Оние на кои им ги доверуваме децата ќе бидат на истото дно, само ќе имаат уште поголем надзор. Како ќе се селектираат менторите и советниците, знаете веќе… Што е со родителите во земја што е на трето место на листата на најсиромашните држави во Европа? Мислите некој ги прашува? Новата програма ветува вакви компетенции по завршувањето на деветтото одделение: дигитална писменост, претприемништво, демократска култура и граѓанство, и личен развој. Дигитална писменост?! Навистина!? Па, во време на пандемија една образовна платформа не успеаја да постават успешно, а ќе граделе дигитална писменост!? За сите деца или само за градските и побогатите? Де не се оние неколку млади волонтери што деноноќно работат на донирање стари компјутери, ситуацијава би била уште поочајна. Претприемништво? Кај деца од основно училиште ќе вградите чувство за заработка и материјални вредности, ќе направите млади капиталисти? За кој црн пазар на трудот, за која црна (пардон, сива) економија? Демократска култура немаат ни „елитите“, а и најпросечен социолог и политиколог ќе ви каже дека таа е резултат на долги општествени процеси, а не на образовни директиви. Граѓанство во етнички сегрегирано општество, кое е етаблирано во Уставот како света работа? Личен развој кај деца што одат на училиште со скинати чевли, во училници без греење и санитарни јазли? Ај, знаеме еден ветуваше Данска, вие стигнавте до каршија – до Финска, а можеби и Естонија! Ма немој да ме…!

Она што верувам дека се подготвени да го направат е содржано во идеолошката мантра, за која и комунистите ќе им позавидеа: „Нашата идеја е да создадеме млади граѓани што се европски настроени“ – Мила Царовска, социјална инженерка. Според УНЕСКО, општеството на знаење генерира знаење, го споделува и прави достапно за СИТЕ членови на општеството, а со цел подобрување на положбата на човекот. Општеството засновано на знаење се разликува од општеството засновано на информации, затоа што информациите не се цел за себе туку се алатка и средство за трансформација во знаење и во активен капацитетот за трансформација на општеството и неговите членови во насока на преземање акции за менување на системот. И на лошите и неспособни елити… Нè замајуваат дека ќе изградат „ренесансни личности“, и кај наставниците и кај децата. Сезнајковци, со два столба и формула „три во едно“, без структуриран пристап кон знаењето. Интегративната интердисциплинарност чувајте си ја за на универзитет (иако Колозова може за два месеца да нè обучи на семинар со врвни европски колеги). На децата што ги прават првите чекори во осознавањето на светот и на себе им треба многу нешто, ама не грандоманија проследена со површност. Инаку, под ренесансна личност обично се подразбира сестран човек што во себе спојува интелектуални и креативни способности, личност што се стреми кон слобода, го разбира светот во кој живее и во кој може да го оствари она кон што се стреми. Накратко, ренесансна личност е исклучителен, универзален човек. Кај нас се сведува на сваштар и просечен човек погоден за пазарот на трудот кој почива не на знаење, туку на експлоатација на лица со практични знаења (ви текнува на реформата на Заев за две категории средношколци – тие за работа и тие за универзитет?).

Точно е дека најголема вознемиреност предизвика третманот на историјата, која од хуманистичка наука сега станува општествена, и ставена во неприроден спој со „граѓанско образование“ (што не е ни наука), но и со еден дел од географијата. Колегите од природните науки еднакво кубат коси кога гледаат каква кармакаша се прави со физиката, биологијата и хемијата. Ако воопшто има научна заедница во оваа држава, таа треба сложно да се дигне и да каже НЕ на ваква експресна „реформа“, која ниту е обмислена, ниту е разумна. Бидејќи кога некој (експерт) вади „бисери“ од типот „не сум толку стручњак за историја, ама немам дилеми дека треба да се учи заедно со граѓанско образование“ и „историјата не мора да се проучува хронолошки, ама ќе има работни групи, ќе си кажат“ – сфаќаш дека нужно мора да се фатиме за КОНТЕКСТОТ на реформата! Лично не сум за тоа балканските истории да ни бидат репер (како што вели една професорка од Србија, тие се повеќе како предвојничка обука отколку како хуманистичка наука и magistra vitae), но да изведуваш вакви акробации среде најдлабок идентитетски спор (и однадвор и однатре), треба да си будалетинка за да не ја видиш намерата. Особено врз основа на искуството од последните две-три години… Што вели една умна жена, народ што дозволил да го сведат на придавка и се држи за неа како давеник за сламка веќе е историја. А бидејќи самиот народ е веќе (во музејот на) историјата, тогаш нема потреба од подетално изучување на историјата во образовниот систем. Елегантно решено…