Мигрантската криза како оружје

Додека кај нас (квази)либералните аналитичари и новинари се мачат да најдат НЗС на тоа како најдобро да се изрелативизира сѐ поагресивниот вокабулар на Косово за голема Албанија, Кина решително презема чекори за решавање на проблемот со Тајван. Дали косовските политичари го прават тоа свесно или не е прашање што, барем засега, нас нѐ засега многу повеќе отколку она што се случува на Далечниот Исток во Пацификот. Тоа што загрижува е фактот дека кај нас ваквите испади за регионална цел не се непознати. Само колку за илустрација, насетувајќи ја реата од распаѓањето на комунизмот и тогашното геостратегиско поместување, словенечките и хрватските центрифугални сили имаа слични испади. Новиот геостратегиски натпревар веќе е во тек. Дали косовските елити сметаат дека е време да започнат со отворањето на картите или не, пак, е предмет на анализа што бара посериозен простор. Она што е интересно е што оваа изјава доаѓа во време кога се случуваат три сериозни потреси, кои од помислата на исходот будат морници. Прво, невоените предизвици како вооружувањето на мигрантската криза што ја демне источната граница на ЕУ, новите шаховски игри околу енергетската безбедност и сигурност и, конечно, намерите на Кина за решавање на проблемот со Тајван. На сите нив ќе им посветиме засебно внимание во наредните броеви.
Деновиве Белорусија, по теркот на другите режими што имаат поинаков пристап на нештата од либералниот свет (или според нив, се автократски), демонстрираше како невоени предизвици може да се доведат во безбедносен контекст и да го парализираат либералниот свет. Имено, режимите што, според Западот, се авторитарни развија политики преку кои знаат умешно како да ги вооружат цивилните вредности на либералниот свет. Во последниот бран на такви трендови видовме како Белорусија гневна на, според нив, нефер третманот што го има ЕУ кон нив, искористи метод сличен на оној на Турција, или на Мароко кон Шпанија.

За ваквиот исход постојат неколку причини. Една од тие е неуспехот на Западот да ја избалансира економската амбиција на дел од водечките земји-членки на Унијата за работна сила со јавното мнение и стравот што се појави кај истото тоа. Истата таа работна сила што му беше потребна на приватниот сектор и амбицијата за економски прогрес, стана закана по домашното население сама по себе. Следен проблем е што програмите за интеграција, како во Германија и другите земји од Унијата, се неуспешни оти се правени врз хуманитарна претпоставка. Имено, претпоставката за овие програми е дека граѓаните на овие земји од хумани причини ќе ги прифатат овие лица и ќе се солидаризираат со нив. Државата, пак, ќе го покрие трошокот за таквата адаптација. Цехот повторно ќе биде платен од граѓаните, за кои, според политичките елити, ова е тест на европската солидарност и хуманост како возвишена европска вредност.
Следен проблем консеквентно на тоа е современиот систем за менаџирање на бегалските кризи. Овој систем каузално е поврзан со претходната претпоставка, а тоа е дека граѓанинот во либералниот свет, кој има возвишени хумани вредности, ќе се соживее со страдањата и маките на бегалците. Како резултат на таа претпоставка граѓанинот – гласачот, нема да има проблем да гласа и го ополномошти политичкото водство да креира политика што ќе ги прифати овие лица.
Оттука, либералната претпоставка за солидарноста е единствениот генератор на одржливост или сврзувачка материја за тоа системот за бегалци на светско рамниште да функционира. Секако, ако таа претпоставка не е исполнета тоа го доведува истиот тој систем во криза и тој нема да функционира како што не функционира сега. Но како што една фраза од добрата стара бившојугословенска рок-песна вели дека љубовта теоретски звучи супер, но малку е поинаква во пракса, така и претпоставките за хуманост и со тоа солидарност во пракса се поинакви. Тоа е условено од неуспехот да се предвиди дека либералниот свет сепак е создаден од луѓе што на патот во еволуцијата не се толку далеку од онаа на оние што живеат во авторитарните држави.

Конкретно, стравот што за голем дел од Европејците е егзистенционален, се темели на проблемот со ризикот што го носи капитализмот. Профитот како основен мотив влијае на тоа поевтината работна сила најчесто да е причина за вработување луѓе без разлика на потеклото. Факт е дека за ова има исклучоци и факт е дека постојат работни позиции за кои се потребни квалификации и квалитет. Но факт е и дека овие позиции не се толкав проблем колку масовната потреба од евтина работна и нискоквалификувана сила. Дополнително, факт е и дека помеѓу мигрантите и бегалците има и лица со висока квалификуваност или мошне слична на западната работна сила.
Оттука, НЗС на проблемот се сведува на тоа ако Германец или Французин работи одредена работа за одредена цена (која треба да му го обезбеди одржувањето на високиот стандард, а со тоа и да ги осигури високите морални вредности), работник мигрант што доаѓа од полоши услови би ја работел за далеку помалку пари. Последното е единствено и поради тоа што самиот систем на инфраструктура и вредности на функционирање е попримамлив за лицата што се дојденци. Дополнително, програмите за интеграција, кои се површни и брзи, се ранливи бидејќи како и за сѐ во либерализмот се со рок. Тој рок е во циклуси од две до четири години поради изборните процеси, кои, пак, имаат потреба од одреден популизам што е продукт на современиот инженеринг на демократско освојување на власта. На тој начин, површните програми, кои беа тестирани ама не доразвиени, на секаде по светот одеднаш требаше да се применат и дома. И тука пак се плаќа цех. Наместо интеграција, овие програми креираат гетоизација.

Паралелно на тоа, таквите лоши проекти водени од неискусен граѓански сектор (со чесни исклучоци) создаде дополнителен проблем на пораст на радикализацијата позната како десноориентирана или пораст на национализмот, кој излезе дека само бил притаен во сржта на старата дама. Сето тоа, впрочем, создаде и можност за тоа противниците на либералниот свет да почнат да го вооружуваат изворот на тој подрив и уште повеќе да го манипулираат. Во едни такви услови, Белорусија не прави ништо друго туку како и Турција, Јордан и Мароко, според нив, легитимно смета дека може да користи алатки (исто како и Западот преку санкциите) да врши притисок за политички цели. Токму тоа е меѓу просторот што допрва ќе биде предмет на ранливост на либералниот свет и кој ќе создава притисок и контрадикторности од стилот прави што ти велам не гледај што правам.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.