Метонимискиот карактер на Македонија

Македонското прашање не е политичко прашање, како што е поставено сега, и затоа не е решено – тоа е народно прашање, кое ќе го снема тогаш кога ќе го снема македонскиот народ. Светот не го знае тоа, ниту го интересира, но Грците и Бугарите добро го знаат тоа и мошне се заинтересирани, а истото тоа важи и за Србите, на чиј „дел“ (рамноправен со грчкиот и бугарскиот по делбата во 1913 година) е создадена современата држава Македонија. Тоа го знаат и Албанците. Прашање е само колку го знаат тоа самите Македонци

Македонија не може да се запознае ниту да се разбере без нејзиниот метонимиски карактер. Основната ситуација на Македонија може да се илустрира со една митолошка приказна што сите добро ја знаат: тоа е приказната за Одисеј и Полифем. Знаејќи со кого си има работа, Одисеј однапред му соопштува на Полифем дека неговото име е Никој. Тоа не го прави затоа што е глупав, што нема име или не знае како се вика, туку затоа што е итар и што, метонимиски криејќи се зад непостојноста и безименоста, сака да се спаси и да преживее заедно со своите другари. Тоа целосно се совпаѓа со судбината на Макeдонецот и на македонскиот народ. За да опстанат, Македонците биле принудени да се изјаснат како она што не се.

Се поставувало, се поставува и ќе се поставува прашањето за историските документи што го потврдуваат или го негираат постоењето на Македонија и на Македонците. Историските факти се на страната на оние што имале држави и архиви. Македонците не треба да се бараат во фактите од архивите, туку во самочувството и самосвеста за своето постоење, како секоја нова душа што не знае што е кога ќе се роди, но потоа научува. Македонците во текот на поновата историја главно немале држава, црквата им била присвоена, па се изјаснувале метонимиски според она што било важно за нивниот опстанок, како припадници на Патријаршијата во текот на османлиската наезда, за да останат христијани, а подоцна како припадници на Егзархијата поради богослужбата и училиштата на свој (словенски) јазик. Именувањето „Бугарин“ или „Србин“ се појавува и пред формирањето на Егзархијата што е, исто така, метонимиско именување според регулативата во согласност со милетските или шеријатските закони на Отоманската Империја. Тоа е основниот аргумент за присвојувањето на Македонците од страна на соседите. Кон тоа треба да се придодадат трговскиот дух и бескарактерниот карактер на Македонците подложни на асимилација.

Се поставува прашањето зошто Бугарија и Грција не се откажуваат од присвојувањето на Македонците. Одговорот е прост: од интерес и затоа што без Македонците тие немаат своја историја. Бугарите направиле многу држави, но без Македонците и македонството што го привлекле кон својата кауза тие немаат за што да се фатат. Слична е ситуацијата со Грците. Старите Хелени создале книжевност, уметност, филозофија, врз кои се темели европската култура, но без големата држава создадена од Филип и Александар Македонски прашање е што би останало од сегашното античко наследство. Во тоа е фрустрацијата на современите Грци, ни тие немаат историја без Античките Македонци.

Единствената методологија на научниот пристап им дава соодветно достоинство на научните искази, но креативниот пристап, базиран и врз говорот на метафорите – а метонимијата е постарата сестра на метафората – полесно нè доближува до вистината. Не треба да се заборави дека слободната поетска мисла е претходничка и на науката и на филозофијата. Македонското прашање не е политичко прашање, како што е поставено сега, и затоа не е решено – тоа е народно прашање, кое ќе го снема тогаш кога ќе го снема македонскиот народ. Светот не го знае тоа, ниту го интересира, но Грците и Бугарите добро го знаат тоа и мошне се заинтересирани, а истото тоа важи и за Србите, на чиј „дел“ (рамноправен со грчкиот и бугарскиот по делбата во 1913 година) е создадена современата држава Македонија. Тоа го знаат и Албанците.

Прашање е само колку го знаат тоа самите Македонци, односно колкави им се силите да се справат со својата вековна метонимиска ситуација, зад која некогаш самите се скривале, а сега им е наметната од другите: да постојат, а да ги нема.

Фото: Игор Бансколиев