Менувам душа за фуснота и датум

Признавам! Јас сум стока товарена од вмровци и носена на гласање. Поддржувач на режим и диктатура. Платеник и мегафон на Груевски. Режимот ми даде 300.000, 400.000 и 700.000 евра, во зависност од тоа кој убав и слободоумен припадник на граѓанството луѓенца тоа го изнел како информација на Фејсбук. Ама залудни ми се тие силни милиони кога сум небањат. Некои нешта што тврдев дека ќе се случат се само во мојата со години немиена глава. Треба да ме стават во затвор и никогаш оттаму да не излезам поради злосторствата што ги сторив кочејќи ја блескавата иднина на урбаните граѓани.

Признавам! Јас сум манипулатор кој постојано ширеше лажни вести. Тврдев дека владата на Заев ќе биде марионетска влада, која треба да го укине постоењето на Македонија и Македонците. Измислував дека нивна единствена задача е промена на името, воведување двојазичност на цела територија, откажување од македонскиот јазик и историја. Намерно спинував за да ги збунам луѓето, тврдејќи дека ќе имаме октроирана власт од страна на изопачената моќ со една единствена цел, идентитетски геноцид на Македонците.
Признавам! Тресев глупости кога зборував дека Преспанскиот договор е геноциден акт, создаден и прифатен од нацисти.

Тоа што договорот го потпишале Грција и „другата страна“, не ја доведува Македонија во понижувачка положба спрема друга држава, за што се пропишани пет години затвор, туку, всушност, го зацврстува македонскиот идентитет. Е, како сега тоа? Па, така, кога утре некој ќе го чита договорот и ќе праша, добро, која ви е, по ѓаволите, вторава неидентификувана страна, ти ќе речеш Северна Македонија и, ете, си го потврдил нејзиниот идентитет. Што е крајно прогресивно, демократски и цивилизирано, оти ако не пишуваше „другата страна“, никој жив немаше да праша која ви е, по ѓаволите, другата страна.

Да не зборувам за националноста. Порано просто бев Македонец. И на што личи тоа? На ништо. Со блескавиот Преспански договор сум унапреден во граѓанин на Северна Македонија. Што, секако, е бетонирање на мојот идентитет. Не ви е јасно како? Затоа што и вие како мене сте небањати. Еве ви пример! Се запознавате со некој Џон. Го прашувате што е по националност? Американец, ви вели гордо. Бидејќи е неупатен. И не му е бетониран идентитетот. Оти Американец може да значи сенешто. Америка е широк поим. Може да биде од Средна Америка, од Латинска Америка, од Соединетите Американски Држави. Значи не си на чисто со неговиот идентитет. А ваму, те прашуваат што си по националност и ти гордо изговараш, граѓанин на Северна Македонија. И нема што тука да се двоуми соговорникот кога му е јасно дека по националност си граѓанин.

И не само тоа. Во тој прекрасен Преспански договор има нешто и за јазикот. Кој до Нивици погрешно се нарекуваше македонски јазик. Сега веќе нема да биде така. Сега ќе имаме фуснота. Ќе биде тоа македонски јазик што припаѓа на словенската група јазици, а го зборуваат граѓаните на Северна Македонија. Фуснота не е заебанција. Фусноти има во сите сериозни и умни книги. Па, така, Преспанскиот договор не само што ни го бетонира идентитетот туку и како луѓе нè прави поумни и посериозни.
Еве и пример! Влегуваш и се претставуваш. Јас сум Александар Русјаков од Северна Македонија, по националност граѓанин на Северна Македонија, зборувам јазик што припаѓа на словенската група јазици, а го зборуваат граѓаните на Северна Македонија. Бетониран идентитет. Плус не си сам, зашто зад себе, како домашно милениче, секогаш си влечеш фуснота.

Ти си, бре, сега едно безидентитетско дехуманизирано створење кое постои само за да си ги полни и празни цревата, бидејќи се откажа од сопствениот бит, зашто веруваш дека некоја унија и алијанса постојат за само тебе да ти ги полнат и празнат посраните црева.
Да, ама имам фуснота.
Признавам! Зборував будалаштини против договорот со Бугарија. Тоа е толку совршен договор што ослободува од стегите на поминати трендови. Како минатото, на пример. Им ја даваш целата историја на Бугарите, па тие сега нека си ја маваат главата со Грците дали македонизмот е хеленистички или бугарски. Ова им беше јасно уште на шарените „револуционери“, само јас глуп не можев да разберам. Ако Илинденското востание било бугарско востание за самостојна Македонија на Бугарите, тогаш и Шарената „револуција“ е бугарско востание на слободоумните Бугари за ослободување на Северна Македонија од македонско ропство. Но минатото е само товар за оние што мораа да побегнат во иднината, зашто ние небањатите ја окупиравме сегашноста. Многу поважно во договорот со Бугарија е јазикот. Оној што доби фуснота во договорот со Грција.

Со овој блескав договор фуснотата ќе добие надградба со која идентитетот ни преоѓа во армирано бетониран. Нашиот јазик сега е мајчин јазик (според МОН), инаку бугарски дијалект што припаѓа на словенската група јазици, а го зборуваат граѓаните на Северна Македонија. И така треба да стои во графата во ООН, наместо она простачко, неграѓанско и антиевропско, македонски јазик.
Затоа признавам дека терминот македонски јазик ни го попречува патот кон ЕУ, која сака да ни ги плаќа сметките.
Признавам! Бев идиот кога тврдев дека Гоце Делчев е Македонец. Малоумно е од моја страна тоа што инсистирав дека е логично некој што се борел за независна Македонија, што сакал да биде погребан во ослободена Македонија да се чувствува Македонец, оти ако се доживувал себеси за Бугарин ќе се борел за ослободување на бугарските територии под отоманска власт и нивно соединување со мајка Б`лгарија. Признавам, моево тврдење е нелогично. Многу полигични се ставовите на нашите врвни историчари и лингвисти Шеќеринска, Малевски, Зиков, Бучковски и Маричиќ. Многу пологично е Делчев како докажан Бугарин да се борел за Северна Македонија и нејзино зачленување во ЕУ и во НАТО.

Како што Крсте Мисирков се борел за стандардизирање на бугарскиот дијалект наречен северномакедонски јазик. А потоа Рацин започнал со создавање посебна азбука за тој бугарски дијалект. За сето тоа да го заокружи Блаже Конески, кој рекол дека бугарскиот дијалект е нашата татковина Северна Македонија интегрирана во ЕУ и во НАТО.
Признавам, грешев, ама се каам. Затоа, сега и јас, како човек без идентитет, ама со фуснота, како битие без бит, освестен дека сум граѓанин по националност чиј мајчин јазик е стандардизиран бугарски дијалект, се чувствувам подготвено да добијам датум од Европската Унија. Затоа што ми стана јасно дека само како дехуманизирано суштество со вградени фуснота и датум можам да побегнам од товарот на минатото и оковите на сегашноста, право во блескавата иднина.