Менталитет – ментална слика (6)

(Скица за ментален портрет на Македонецот)

При крај сме, драг читателу, на темата што ако продолжиме понатаму ѝ нема крај, како што немаат крај ни македонските страдања. И не знам, по оваа долга, со историски реминисценции психолошка и онтолошка анализа, дали можеме најпосле да ја склопиме менталната слика на македонската колективна душа, менталниот портрет на Македонецот, кој, морам да признаам, и покрај сета јаснотија, е прекриен со метафизичката прекривка на едно магливо леонардовско сфумато како шифра на загатка и чудење. Предизвик не само за психолозите од фројдовска и особено јунговска ориентација, туку и за филозофите и поетите на кои, и според Сократ и Јасперс, чудењето им е основен импулс и храна на нивната имагинација. Така. Па знам дека сега очекуваш, драг читателу, и покрај магливиот слој, реков, на леонардовското сфумато да го извлечам на површина како кристал јасниот профил на менталниот портрет на Македонецот. Ајде, направи го ти ако можеш тоа. Тешко е и покрај примамливата едноставност. Сепак, мене тој портрет многу ми личи аналогно на свети Вартоломеј од „Страшниот суд“ средишната слика на Микеланџело во Ватикан во која тој на Исус, проектиран како пагански безмилосник (зошто, кога Микеланџело како никој друг во италијанската ренесанса бил верник?) му ја покажува својата одрана кожа како знак и симбол на своите, но и на страданијата на општиот човек, на човекот човештво (Шлаермахер). Неверојатно поклопување. Како да го сликал, имено, Микеланџело во ликот на свети Вартоломеј ликот на Македонецот.

Но не само во него, туку и во својот автопортрет, насликан под сфумато-прекривката на монументалната фреска толку скромно, каков и што бил тој за разлика од Леонардо и Рафаел, речиси невидлив во општата композиција на сликата. Толку невидлив што е откриен од историчарите форензичари на уметноста дури по столетија, во поново време. Лик крајно меланхоличен, компониран со лузните на душевното страдање. Старозаветно, како она на Јов, кое е исто така карактеристично и за Македонците.
Но било како било, одиме кај Микеланџело и Ватикан, драг читателу, и затоа за да кажеме дека македонската душа е космополитска и во верата, и не се ограничува во оковите на православието, како што сакаат да го сторат тоа тврдите теолози. Не. Христоликоста нема ограничувачка линија на круг. Или ако некој ја фиксира како таква, таа веднаш се искривува во елипса од внатрешниот напон што не трпи граница и се распаѓа, експлодира како бинг-бенгот во бескрај и вечност. Тоа. Но ти сега иронично ми префрлаш, знам, драг читателу, дека се кријам зад леонардовското сфумато на загатката. Не. Само со него го повлеков нејзиниот парадокс. Оти Македонците се исправени пред ребусот на Киркегард за верата, дека постојат две можности на тој план изразени со неговото онтолошко будистичко НЕ.

Имено, според данскиот христијански егзистенцијалистички филозоф, човекот е исправен пред две НЕ возможности: во можноста да не се верува, прво, и во невозможноста да не се верува, второ. Втората варијанта, и покрај сите сомнежи и депресивни психолошки состојби, ја усвоил хиперсензибилниот на болната егзистенција дански филозоф, а неа, таква, одамна пред него ја имаат усвоено и Македонците со тоа НЕ, кое и за нив како и за Киркегард не е будистичка нирвана на блаженство, туку неизлечива јанѕа и рана. Јанѕа и рана надвор од историското општо и лично егзистенцијално искуство. Не е будистичка бидејќи сепак ја чувствуваат длабоко во себе историската рана што не престанува да крвави и да се дозбогатува со нови и нови проширувања, особено сега кога Вавилонската перверзна дама Европа божем нуди обединувачки хуманизам и разбирање, а всушност најперфидно го фингира својот нов банкарски и секаков друг вид колонијализам врз послабите и сиромашните. Кај нас, драг читателу, историската рана што ја влечеме со долги столетија, сега, како што знаеш убаво, Вавилонската бриселска дама (во перверзна политсексуална врска, иако до бескрај импотентна, со Вашингтон) нејзините простори на болката ги прошири дури до зад границите на бескрајот. Секако, знаеш, со Преспа 2018 г. кога ја закла со нејзината просветителска гилотина идентитетската глава на Македонците, Името, фрлајќи ја неа за сопствено садистичко задоволство во сребрената чинија на нејзината нова, сега наместо ерусалимска бриселска Саломе.
Но сепак редно е да извлечеме кусо резиме, иако не и на англиски, за ЕУ-амбасадорите на неколкуте моќни европски колонијалистички сили кај нас, а пред сè и за тивката, но извонредно исполнителна на намерите на Пентагон, Кејт, преведено на руски Катарена, а на македонски Ката, или деминутивно Кате, при што секако не мислиме на една наша акедемичка што во стилот на Грците, одделувајќи ги од генеричката генеза, Македонците ги вклопи во нивната теза како славофони само за да не се антички. И нека. Бидејќи до таму стигнала. Нејсе, конечно менталната слика на македонската колективна душа.

Па, пак и пак таа се сведува на тријадата за која веќе стана збор, драг читателу: љубов, понизност, проштевање, христолика во основа од почеток докрај. И веќе рековме дека во неа крахира, докрај се первертира во (само)понижение ементот понизност како скромност на невозгордеаното нарцистичко и егоистичко битие, кое и денес ѝ е иманентно на оваа ариевска супрематистичка цивилизација. Добро, љубовта и покајанието не се первертираа, но страдаа поради первертирањето на понизноста (скромноста и искреноста) во (само)понижение, која до безмилост ја користат околните хиени што навалиле на нас. А македонската ментална слика на колективната душа и понатаму, без користење на историското искуство, останува иста: љубов, понизност, проштевање.
Ама понизноста, самопонижението пред сè кон канибалистичките сосед и евроамериканските сатрапи отиде до бескрај. Тоа е понижување чија болка којзнае дали и до кога ќе ја издржиме. На што се должи таквото самопонижение што го доведе до крајна патолошка точка нашиот стокхолмски синдром на заљубеност на жртвата во џелатот. Патологија што доведе и до нашата идентитетска ликвидација речиси без посилен отпор, во Преспа, како кротко стадо одгледувано во Иродовата цивилизација за клање и на крајот одведено и заклано во нејзината подвижна касапница, сега востоличена кај нас.
Сето тоа, драг читателу, ни дава за право на хипотезата дека менталната слика на Македонецот е можеби сериозно заболена и низ неа се провлекува по средина патолошката нишка, како што веќе и рековме, не само на самопонижение туку и на самодеструкција што произлегува од него. На многу планови, особено во поновата историска лабораторија сме тестирани, и таа патологија на македонската душа е потврдена. Преспа 2018 г. беше само радикалниот, финален тест. Оти самодеструкцијата кај Македонците, ако сакаш конкретен, најконкретен пример, драг читателу, јасно како во неподмитливо огледало се огледа во канибализмот меѓу двете комплементарни македонски политички партии СДСС и ДПМНЕ, за што најголеми профитери кај нас се Албанците, кои благодарение на тој македонски канибализам во облик на самодеструкција ги воспоставија темелите на Илирида.

И проблемот е, за да се појасни поубаво патолошката македонска ментална слика, во тоа, драг читателу, што, архетипално илустрирано, тука во македонскиот пример не се работи за ситуацијата Каин и Авел, туку уште полошо, порадикално, бидејќи нема невин, за ситуацијата Каин и Каин. А целата штета од тоа е на товар на колективната генеричка душа на Македонецот, полна со рани од синдромот изроди и изродништво. Оти, зарем не беше ужасен фактот дека, кога го водеа македонскиот народ како стадо одгледувано за клање во идентитетската касапница на цивилизацијата на Брисел и на Вашингтон во Преспа, ни еден од партијата на премиерот што загази во калта на фашизмот не се побуни, иако е таа преполна со божемни интелектуалци. Курафте-интелектуалци, како што би рекол Амди Бајрам. А да се јавеше некој таков храбрец македонската историја, ако преживее, ќе го запише(ше) со златни букви. Ама сите тие беа и останаа кукавици. За вечен срам. А не помалку од нив беа, перверзни малодушници и оние од таканаречената формална опозиција, што постои колку за да си играме според западен терк демократија. Тие што ни еднаш додека нè колеа идентитетски, полошо отколку физички да нè колеа со нивната „просветителска“ гилотина, не излегоа стоилјадно и трижпати повеќе на протести за да ги префрлат наопаку квислиншката влада, па ако треба и зданието на Кале што ги управува и нив далечински како безличен телевизор. Тоа е вистината, драг читателу, на која сега ѝ се чуди и Гоце, заедно со Јане и преостанатите херои саможртви сè до Ченто и Панко Брашнаров.

Сите тие се чудат како можеше по нив да се роди едно такво не „столчено“ како што велеше рамен на нив Блаже Конески, туку кукавичко племе полно та преполно со изроди од кои којзнае дали некогаш и ќе се исчисти тоа. Евентуално ако по некој случај не воскреснат Гоце и Јане во сојуз со храбрите Асномци на кои маме им расплака оној од Муртино. А тоа ќе се случи, оти тие веќе се превртуваат во гробот и го наслушнуваат новото семе што ’рти во утробата на македонските невести, кои положиле заклетва дека веќе нема да раѓаат изроди, туку храбри и чесни чеда што како феникс ќе ги кренат повторно Македонците од пепелта на смртта во која ги ставија западните бриселовашингтонски „демократи“, балканските сатрапи и домашните до безброј изроди.
Тоа и така, втонат во длабока меланхолија на безнадежност, драг читателу. Познатиот српски антрополог Цвијиќ, кој исто така, како и ние со тебе сега, се занимаваше со антрополошката и ментална слика на колективната душа на Македонците, за жал, нив дијагностички многу прецизно ги дефинира како „флотантна маса“. Токму така. Исправно, оти и денес таа маса, со раскинато национално ткиво, плови те кај Србите, те кај Бугарите (со Гоце и кретенскиот договор за добрососедство), те кај Грците со Преспанскиот договор и подарување на Античка Александрова Македонија, па и дури кај Тирана, вглобени целосно во нивната цијашка платформа без никаков отпор. Напротив, со еден вид садомазохистичко задоволство, кое пак толку јасно ја отсликува патолошката црта на македонскиот колективен менталитет. Оти поединците што стојат надвор од тој кукавички менталитет, навистина се малку и осамени, уште и прогонувани и стигматизирани како националисти од квислиншката власт, Брисел и Вашингтон.
Тоа е тоа, драг читателу. Се надевам дека бев доволно јасен во повлекување на линиите на менталниот портрет на Македонецот денес, кој, за жал, не е оптимистички. Јас и ти би сакале да е, но не е. Во неговото психолошко и психијатриско расветлување мислам дека, и покрај сета моја почит кон него, до бескрај, би имал проблем дури и Јунг, кој влегува многу подлабоко од Цвијиќ и неговата површинска теза за Македонците како „флотантна маса“. Оти тоа е површината, но реалната слика на македонската ментална патологија е многу подлабока. Јас се обидов, колку што можам и колку што умеам, иако не сум ни психолог ни психијатар, а ни филозоф по формација, да нурнам во таа темна и без дно длабочина. И од неа извлеков дијамант од историската ноќ што не би го ставил на грлото на македонските љубовници и невести што го зачнуваат сега новото македонско племе, кое ќе раскрсти со кукавичлукот, изродите и изродништвото и ќе ги донесе конечно во Македонија Белите Мугри на Рацин, убиен и заради нив на Лопушник. Рацин што ни е поважен сега од Трамп со кого се во еротска интелектуално квазиполитичка екстаза некои наши кусогледи интелектуалци. Белите мугри со божествената светлина конечно ќе ја огреат и борделската Европа. Таа што ги силува во својот бордел и ангелите, кои во Содом ги спаси Лот, понудувајќи им ги на содомските педери во замена за нив своите прекрасни ќерки. Да. Ама борделска бриселска Европа, примерот со Македонците сведочи за тоа, ги силува покрај ангелите уште и ќерките на праведникот Лот. Да. Оти ова е цивилизација, драг читателу, што ги ништи светите траги и на земното и на небесното, за кои Хермес Трисмегист, чии свети книги Лоренцо ди Медичи имено ги најде во Македонија, а не во Египет каде што ги фрла Европа за да ја затре македонската трага, вели дека „Она што е горе е и доле.“

И целата византискомакедонска (оти Западот пак ги брише крупните македонски траги во Византија) сакрална естетика е, имено, сведена на тој принцип, на пресликување на небесното на земи како уметнички чин што доминира во црквите и другите сакрални објекти и предмети. А за македонската трага во тоа, драг читателу, говори и Жерман Базен, француски сликар и историчар на уметноста во неговата Историја на светското сликарство, која јас ја имам читано најмалку десет пати. Во неа тој, над десетина пати, зборувајќи за уметноста на Византија, ја исфрла во оптек формулацијата „македонски стил“. Внимавај, не грчки на кој е свикната како папагал дројзеновска Европа со нејзината „грчка вреќа“ (Д.Х. Лоренс) во која без селекција трупа сè, а во Преспа ја натрупа во неа, пресечена како на Јован Крстител од Ирод, со бриселската гилотина, и идентитетска глава на Македонците, но и со нивна вина поради нивната рамнодушност.
И што треба да се каже на крајот, драг читателу. Кој е лекот по ваквата дијагноза на менталната слика на Македонецот. Враќање на самопочитта, добро да се прочита Пулевски и да се вратиме на генезата, на праизворот обединети околу името, кое толку лесно и за ништо го продадовме како трговци во храмот. По големиот пад и срам патот за исправување е долг, оти со идентитетскиот колеж во Преспа 2018 г. паднавме под долната црта на самопонижението и самодеструкцијата. Сега, пак, треба да се почне од почеток, драг читателу. Дури и од почеток пред почетокот. Нема друго чаре. Оти, длабоко сум убеден дека Господ не нè заборавил како елемент во неговата Менделеева таблица на елементите.

(крај)