Медениот месец заврши уште пред да почне

За старт, новата влада треба да заборави на комодитетот од сто дена за запознавање на новите министри. Тие времиња поминаа. Во меѓувреме, очекувањата на граѓаните од нејзината работа и ефикасност во справувањето со предизвиците се поголеми од кога и да е. Притоа како клучни приоритети се наметнуваат итни мерки за спас на економијата, здравството и образованието

Новата влада се очекува да биде избрана во следните денови. Во меѓувреме очекувањата на граѓаните од нејзината работа и ефикасност во справувањето со предизвиците се поголеми од кога и да е.
Овој пат стапувањето на функција на новата влада е во исклучително тежок период, период на светска пандемија на ковид-19, за која никој не знае кога и како ќе заврши, а уште помалку какви последици ќе остави врз целото општество. Македонија веќе е силно погодена од корона-кризата, а прогнозите за есен само дополнително ја зголемуваат загриженоста дека ситуацијата би можела да се влоши и да излезе од контрола.
Мандатарот Зоран Заев најави амбициозна владина програма, со која очекува да го амортизира ударот што го задава пандемијата, за да се зачуваат работните места, да се одржи економијата, здравството да не потклекне пред новиот налет на вирусот, кој од есен се очекува да биде засилен со сезонскиот грип и респираторните проблеми предизвикани од загадениот воздух.

На листата приоритети е и образованието, кое со години се урнисуваше и каде и во минатото и сега се прават и премногу експерименти, на штета на образовниот процес и она што се нарекува вистинска едукација и наобразба на учениците.
Значи, она на што треба да се вложат сите расположливи капацитети во државата во периодот што следува е максимална и посветена работа и координација не само на владата туку и сите други институции, политичките партии, невладиниот сектор, стопанствениците, научната фела, едноставно на сите што на еден или друг начин може да помогнат или да понудат решенија. Надлежните институции и министерства овој пат мора многу почесто да го слушаат гласот на бизнис-заедницата, која најдобро ја познава суштината на проблемите, за кои, секако, може да понуди и соодветни решенија.
За старт, новата влада треба да заборави на комодитетот од сто дена за запознавање на новите министри. Тие времиња поминаа. Згора на тоа, половина од владините министри се старо-нови, така што нема некоја посебна потреба од адаптација и запознавање. Условите (здравствени, економски, социјални образовни итн.) едноставно не дозволуваат каков било комодитет.

Фокусот на кој сега треба многу посилно да се посветат треба да биде врз економијата, здравството и образованието. Тоа се трите столба од кои зависат иднината и просперитетот на државата.
А тоа може да се направи со добро промислени мерки, кои ќе треба да се донесат уште на стартот, без да се тера „меден месец“.
Најпрво и најважно ќе биде како да се спаси економијата.
Претходната влада испорача три економски пакети за ублажување на последиците од пандемијата, иако факт е дека некои од тие пакети и мерки не соодветствуваа со реалните потреби на компаниите. Бизнисмените алармираа дека треба да се направат посериозни финансиски интервенции ако државата сака да ја одржи економијата во кондиција.
Деновиве беше објавено дека и една Норвешка влегува во рецесија, претходно тоа го направи и Велика Британија, а ништо подобра не е ситуацијата и во Германија, главниот трговски партнер на Македонија.
Ако овие земји, кои инјектираа огромни финансиски средства во своите економии, не успеаја да се спасат од рецесија, тогаш може да се замисли што ја очекува сиромашната Македонија доколку уште веднаш и со сериозни и осмислени мерки за помош не се интервенира во спасот на домашната економија.

Токму затоа не треба да се забива главата во песок, туку треба веднаш да се скенираат состојбите во индустриските гранки и сектори, да се утврдат реалните потреби на фирмите и да се понудат финансиски пакети за помош што ќе дадат ефект.
Ако не се сослушаат забелешките на компаниите, тогаш крајот на 2020 година може да дочекаме со затворање фирми и отпуштање работници, што ќе резултира со целосен крах на економијата, а тоа директно ќе се одрази и врз иднината на земјата.
Втор сегмент на кој посебно треба да се обрне внимание е здравствениот систем.
Она што е извесно е дека повторно ресорот здравство ќе го води истиот министер, Венко Филипче, така што нему не му треба приспособување.
Е, токму овој здравствен систем треба итно да почне да се подига на здрави нозе, за да може да го издржи налетот на пациенти наесен, кога коронавирусот ќе се „здружи“ со сезонскиот грип, со другите респираторни болести предизвикани од загадениот воздух, но и со преостанатите хронични болести.

Изминатиот период се покажа дека македонското здравство ваков посериозен налет не може да издржи, но ако своевремено повеќе се инвестираше во борбата со загадениот воздух и поквалитетно здравство, можеби бројот на пациенти со респираторни и хронични болести ќе беше многу помал, а животниот век на македонските граѓани ќе беше на ниво на средно развиените европски земји.
Токму затоа, паралелно со борбата со пандемијата, потребни се и сериозно реформирање и реструктуирање на здравството, за да се овозможи ефикасна здравствена заштита во секое населено место во земјава.
Не смее да се запостави или заборави и образованието.
Со години Македонија тонеше сè пониско според успехот на учениците, а кадрите што излегуваа од образовниот процес, со мали исклучоци, ретко можеа да одговорат на современите предизвици. Оние малку исклучоци уште од старт завршуваа грабнати од странски компании, кои веднаш го препознаваа нивниот потенцијал.

Сега е шанса да се удрат темелите на едно ново образование, кое ќе продуцира високоедуцирани кадри, кои ќе можат да одговорат на поставените задачи. Токму од нив зависи иднината на земјата, луѓе со знаење и визија, чија единствена цел ќе биде Македонија да ја направат подобро место за живеење.