Манипулација – рекет со чувствата на народот

Во модерното општество, во какво што мислиме дека живееме, манипулацијата сѐ повеќе се користи како главно оружје за остварување некои цели. Има секакви видови манипулации, тие постојат во секој дел од животот. Постојат во односи меѓу поединци, на работа, во љубовни врски, во брак, во приватни или во деловни односи, во склучени спогодби и договори, во партии или во влади, во царства или во кралства

Зборот „манипулација“ во основа е занаетчиски, мануфактурно-индустриски термин и првобитното значење му е ракување со некој алат или слично, вршење некоја работа или операција. Неговите корени се во латинскиот јазик и е составка од два збора: од рака и од дланка, и асоцира на полна дланка. Во преносно значење, добиено подоцна, зборот „манипулација“ е замена за нечесна работа, интрига или сплетка. Манипулант (манипулатор) е тој што се грижи за апаратите, за алатот, за предметите за обработка, односно тој што е задолжен практично да ја извршува работата или задачата. Во преносно значење манипулатор е човек што на нечесен начин искористува ситуации, податоци и луѓе за постигнување некакви лични, групашки, партиски или државни цели. Пократко, манипулатор е некој што е нечесник, интригант, сплеткар или нешто слично на тоа. Измамник од лесна категорија со тешки последици по манипулираниот, ако наседне на триковите на манипулаторот.

Пошироко, особено во политичка смисла, терминот означува употреба или злоупотреба на различни податоци или информации за „заведување на јавноста“. Според некои дефиниции манипулацијата е модел на однесување во кој некој ги користи човечката свест и емоции, ги користи меѓучовечките односи за да прикрие или да добие одредена информација, да изнуди согласност по некое прашање или, ако е потребно, да биде против некое решение. Со извртување на фактите да се добие нечија наклоност или оствари корист за себе или за идејата и делата што ги пропагира манипулаторот. Во современите политички услови постојано се зборува за разни облици на манипулација од поединци па до цели општествени групи и на тоа се гледа како на светски проблем. Што би се рекло: не е само кај нас, не е саде тука. Секогаш кога е нешто замаглено, заматено, измешано и замешано, кога се нема јасна ситуација, кога работите или датумите се развлекуваат во недоглед, една од првите асоцијации е дека тука со нешто или со некого се манипулира.

Како видови на манипулацијата се набројуваат: лажното претставување, лажните ветувања, замаглувањето на реалните проблеми, криењето документи, договори или финансиски извештаи, насочувањето кон небитни од битни факти, одвлекување на вниманието од основните животни проблеми. Многубројни се и средствата за манипулација со кои се потчинува волјата на манипулираните. Во политичката манипулација едно од најсуптилните, најефикасните и најмоќните е емотивната уцена, поточно, кревањето на емоциите, дури и на ниските страсти. Манипулацијата е во масовна употреба особено при изборни циклуси или други видови гласања и таа е дефинирана како „рекет со чувствата на народот“. Тоа е софистицирана метода што истовремено го воспева славното минато, ги истакнува возвишените но неостварени цели, ги подига на најгорна граница утопистичките планови и идеи. Од друга страна, во ситуации кога е потребно се разгоруваат и најинтимните чувства, во погон се ставаат „попростачки“ средства: се набројуваат навреди, етикетирања, се разгорува лажењето без срам и без перде. Тука може да се набројат и (зло)употребата на непријатни детали од приватниот живот и животот на потесното или пошироко семејство. Ништо од тоа може да не е точно, но во одредени ситуации може да биде полезно да се дискредитира противникот, да му се залепат што повеќе црни петна, неизбришливи дамки.

Вештиот, обучениот манипулатор со насочување на вниманието кон онаа порака што сака да ја објави и обзнани, со намера да оствари некоја цел, која не може да се реализира низ законски или поинакви регуларни процедури и постапки, применува разни средства и начини. Комбинирајќи реални ситуации и симболични настани, вистини и лаги, митови и легенди, мешајќи во исто време минато, сегашност и иднина, влијае на убедувањата, ставовите и однесувањето на поголем број луѓе доближувајќи ги до своите политички интереси или замислени цели. За да го крене степенот на доверба, да добие што поголем број приврзаници за своите идеи или намери не ги извртува само фактите туку и очигледната вистина. Применува разни методи за да го добие она што сака да го постигне. Напати сите околу него ќе ги „прави будали“ тврдејќи дека не го рекол она што повеќепати навистина го рекол, демантира дека нешто ветил, а не исполнил. Со злоупотреба на личности од историјата, со извртување зборови, датуми и настани секогаш ја носи водата на својата воденица, тоа е оној тип за кој се вели дека едно мисли, друго зборува, трето прави.

Кај суптилната манипулација манипулаторот своите цели ги постигнува со лигавење, ласкање, крупни ветувања, со ситни остварувања. Другите луѓе ги убедува преку прикривање факти и вистини, преку измами и злоупотреби на реченото, со лажно охрабрување. Не е непознато дека манипулацијата може да биде спакувана низ убави зборови, а кажана со насмеано лице, како што го прават тоа „шармантните манипулатори“ за разлика од некои недоделкани (и на лика и на збор), кои гласната закана ја сметаат за најефикасно средство. Успешната манипулација обично се прави во бели ракавици, од луѓе што се слаткоречиви и духовити, кои навидум се лизни-мазни, и на кои кога ќе им се укаже можност ја цицаат крвта до последна капка. Таканаречените „емоционални“ манипулатори се наредуваат во категоријата на најуспешни, но и најопасни, истовремено.

Манипулацијата е успешна само тогаш кога под нејзино дејство човек ќе ги смени своето мислење и своето однесување, поконкретно кога ќе ги прифати како вистини политичките определби или целите што ги наметнува манипулантот. Да не ги заборавиме и површните, примитивни манипулации, видливи и воочливи, кои манипулантот ги повторува како папагал, но и како такви даваат добар резултат.
Манипулативната психологија и манипулацијата со масите е вистинска наука, со точно одредени законитости и механизми за нејзино успешно остварување. Некој со природна дарба, со недефиниран карактер или добро изучен и извежбан може со години да манипулира не само поединци туку и цели народи, какви што има примери во постарата и во поновата историја. Политичката манипулација била и останала битен дел од технологијата на владеењето. Стручњаците што ја следат оваа проблематика тврдат дека во денешно време просто е невозможно таа да се избегне. Во најново време едно од најкористените средства за манипулација станаа медиумите и социјалните мрежи, како во светот, така и кај нас.