Малите риби ги јадат големите риби!

Доколку малите риби сакаат да преживеат во океанот на големите риби, секогаш мора да ги обмислуваат своите чекори и да се служат со лукави постапки

Честопати можеме да слушнеме дека големите риби ги јадат малите риби, во смисла дека малите држави секогаш се жртви на поголемите држави. Затоа многумина веруваат дека кога една држава има ограничени ресурси, територија и популација е принудена да има поданички однос кон помоќните држави. Но историјата ги побива овие искажувања.
Во средината на 16 век, со една мала провинција во Јапонија, владееше самурај што во историските хроники е запаметен како Будалата од Овари. Споменатата будала беше ексцентрична личност што честопати можеше да се види во дружба со пониско рангирани вазали, дури и селани. Неговото однесување предизвикуваше контроверзии затоа што јадењето и шетањето со пониско рангирани луѓе се сметаше за нецивилизирано и некултурно во јапонското општество. Честопати неговите сојузници и непријатели велеа дека е идиот, а оттука потекнува и неговиот прекар – Големата Будала од Овари.
Во јуни 1860 година, Јошимото Имагава, владетелот на три провинции и еден од најмоќните господари, со армија од околу 25.000 војници се упати кон Кјото – престолнината на Јапонија, под изговор дека му помага на ослабениот шогун, а всушност целеше кон освојување на власта во земјата. Патот кон престолнината минуваше низ Овари, а будалата тврдоглаво со години одбиваше да се покори. Сите веруваа дека владетелот на Овари ќе биде поразен затоа што неговата армија бeше малобројна.
Кога пристигна веста за големата армија, настапи паника во Овари. Меѓутоа однесувањето на будалата беше ладнокрвно. Нареди да се изврши мобилизација на војската, а на своите вазали им соопшти дека ќе оди да одмори во своите приватни простории, без да определи конкретни дејствија. Многумина започнаа да негодуваат, дека сега не е време за почивка и дека е потребно обмислување на стратегијата, но господарот не го промени своето мислење.

Споменатиот самурај можеби беше сѐ и сешто, но не и будала, а идните настани го покажале тоа. Тој внимателно го набљудувал однесувањето на Јошимото, надевајќи се дека ќе направи грешка. Вечерта им нареди на своите војници да се подготват за битка и се упати кон непријателот. Јошимото и неговите војници поради својата бројност биле надмени и верувале дека лесно ќе се справат со самураите од Овари. Јошимото и неговите советници не ги сконцентрирале воените сили на едно место, туку ги поделиле и распоредиле на неколку места. Меѓу другото, Јошимото бил толку многу убеден во својата победа што дури на своите војници им наредил да се одморат во придружба на жени, алкохол и музика.
Господарот на Овари кога дознал за поведението на непријателот, решил да преземе решавачки удар. Јошимото и неговата свита биле сместени во еден храм каде што ја прославувале својата „победа“ и набргу без никакво предупредување биле покосени. Јошимото разбрал дека е измамен и наредил да биде прекината веселбата, обидувајќи се да ги реорганизира своите сили, но бил обезглавен. Како гром од ведро небо одекнала победата на Будалата од Овари над моќниот господар Јошимото, а во следните години кланот Имагава се распаднал.
Но кој е, всушност, Будалата од Овари? Станува збор за Нобунага од кланот Ода – самурај и водач што во историјата останува запаметен како човекот што ја обедини Јапонија и ги порази сите други воени господари. Победата над Јошимото, всушност, е првиот чекор кон освојување на власта од страна на Нобунага.
Тој ја наследи провинцијата Овари по смртта на својот татко и беше опкружен од моќни внатрешни и надворешни непријатели, а многумина веруваа дека ќе ја изгуби власта. Но Нобунага не се откажа и реши да истрае. Со своето однесување ги убеди вазалите и околните господари дека е будала и идиот за да остави впечаток дека не е опасен, надевајќи се дека ќе добие доволно време за да ја стабилизира и реорганизира власта. Многумина погрешно го процениле и на крајот биле уништени.

Во недостиг од ресурси, Нобунага со лукавство и итрина успеал да преживее.
Не секогаш големите риби ги јадат малите риби, всушност историјата нѐ учи дека честопати малите риби ги јадат големите риби, како што е примерот со Нобунага. Доколку малите риби сакаат да преживеат во океанот на големите риби, секогаш мора да ги обмислуваат своите чекори и да се служат со лукави постапки. Преживувањето не е обусловено од ресурсите, територијата или популација, туку од мудрото и државничко однесување.