Мала лага, голема лага, попис!

Една стара духовита ама умна досетка добро ја опишува состојбата со пописот, кој уште неодржан, а веќе е сомнителен: „Постојат лаги, проклети лаги и статистика.“ А работата тука е уште посложена, бидејќи дури и она што наводно треба да биде „обична статистичка операција“ (како што технократски и бирократски се нарекува пописот на населението), кај нас одамна е политика. И не обична политика, туку политика на идентитетите, како и политика што треба да покаже не само „кому му припаѓа земјата“, туку и „кој е кој“ (т.е. каков идентитет има). Политиката на пописот на населението во Македонија има долга предисторија, уште од времето пред конституирањето на македонската држава со АСНОМ. Историските трауми од присвојувањето на Македонците и сместување во различни графи, во зависност од позицијата на моќ на попишувачот, се нешто што (за жал) ја оптоварува егзистенцијата на земјата дури и денес (на пример, во преговорите со Бугарија). Впрочем, ова добро го чувствуваат на своја кожа и припадниците на македонското малцинство во соседните држави, без оглед на серија меѓународни извештаи на независни експерти од ООН и други меѓународни организации. Едноставно, за нив таква слобода на изразување или нема или е непожелна, па преовладуваат стравот, самоцензурата и конформизмот. Но да се вратиме на она што е актуелно тука.

Последниот попис во рамките на бившата СФРЈ е оној од април 1991 година, само месеци пред распадот на федерацијата. Тој веќе ја најави темната сенка што ќе се протега врз земјата сè до денес. Албанците на целата територија на СФРЈ повикаа на бојкот, така што и во рамките на Македонија тој беше целосно бојкотиран. Заводот за статистика ги процени податоците преку статистички проекции, користејќи ги податоците од пописот во 1981, и ги објави резултатите; албанското население изнесуваше 21,7 процент. Меѓутоа, уште пред објавувањето на прелиминарните податоци, албанските политички фактори започнаа меѓународна кампања во која тврдеа дека Албанците сочинуваат најмалку 40 проценти од населението (700.000-800.000). Во едно поглавје објавено во книга од 1996 година, Виктор Фридман укажува дека албанските барања за повторување на пописот биле поддржани и од Грција. Од друга страна, се јавува и хорот на претставниците на другите националности, па според вкупниот збир излегува дека Македонија има фантастични две-три милиони жители. Тоа е апсурдниот резултат на евидентното жртвување на статистичката прецизност заради добивање политичка моќ и хегемонија во тукушто осамостоената држава. Албанските напори дадоа резултат, па една година по прелиминарните резултати од 1991 година, претседавачот на Работната група за човекови права и малцинства во рамките на Меѓународната конференција за поранешна Југославија, Герт Аренс, побара вонреден попис надгледуван од „меѓународната заедница“.

Според Фридман, овој чекор ги легитимизира барањата на албанските политичари, кои се повикуваа на дискриминација. На тој начин, уште на самиот почеток ваквите предлози помогнаа во детерминирањето на македонско-албанскиот конфликт, кој станува трајна карактеристика во сите периоди – и трае до денес. Во текот на преговорите за вонредниот попис, албанските политичари настапуваат со ултиматум, односно со процент (25 проценти) што би го прифатиле како минимум под кој пописот би го сметале за фалсификуван. Како сведок на случувањата, Фридман пишува дека Меѓународната мисија за набљудување на пописот настапувала со недоверба, па дури и со негативен став кон македонската влада: „Поради тоа што пописот од 1994-та се одржа како резултат на албанскиот бојкот на пописот од 1991-та, во Меѓународната комисија за набљудување на пописот имаше тенденција да се гледа на жалбите од страна на Албанците како на основани, наместо како на едно нерешено прашање. Поради тоа, Меѓународната комисија за набљудување на пописот честопати гледаше на македонската влада како на виновна доколку не се докажеше дека е невина.“ Тој го заклучува очигледното: пописите во суверените земји не се предмет на набљудување од меѓународни организации, додека пописите во колониите се надгледувани од страна на колонизаторите. Пописот од 1994 година беше извршен под притисок и со финансиска помош на меѓународни организации (првенствено Советот на Европа). Магазинот „Пулс“, повеќе од половина година по повторениот попис, го цитира амбасадорот Аренс, кој наводно изјавил дека „никогаш не постоела вистинска коегзистенција“, а националностите во Македонија „секогаш воделе паралелен живот“.

Овој рефрен во иднина ќе се повторува и од странските дипломати, од научните работници и експертите. Непомирливата етничка поделеност на земјата станува нејзина „потврдена“ одлика уште пред таа и да ги направи првите чекори во своето живеење како суверена политичка заедница. Резултатите од 1994 година фактички ги потврдуваат резултатите од пописот од 1991 година (со мала корекција кај албанската популација, која се утврдува на 22,9 отсто), така што статистичката операција попис е фрлена во сенка на тоа што тој стана фактор што помогна да се дефинира внатрешниот конфликт, кој во иднина ќе продолжи да тлее до конечната ескалација (2001) и уставно втемелената сегрегација врз основа на рамковниот договор.
Прашањето на пописот (и како што се најавува веќе договорениот процент од 28,5 отсто за албанската заедница) е „вообичаен бизнис“ (business as usual) на политиката на уцени од страна на ДУИ, слично како и со договорената амнестија (т.е. автентично толкување на Законот за амнестија во 2011 година) и Законот за двојазичност (од 2018 година). Од расправата во парламентот станува јасно дека исходот на пописот зависи од кодиректорот на Заводот за статистика (неговиот врзан потпис на резултатите), дека пописот е фарса инспирирана од етнодемографски инженеринг (како и територијалната организација од 2004-та), а не од потребата да се создаде кредибилна основа за креирање на стратегиите за развој и јавните политики на земјата. Од моментот кога Заев во интервју кажа дека, без оглед на резултатите од пописот, Уставот гарантирал стекнати права, т.е. немало ништо да се смени доколку некоја група е под 20 проценти – тоа беше јасен знак до каде е подготвен да оди. Дека се подготвени да одат до целосно газење на уставните норми покажаа повеќепати (Закон за двојазичност, божем помирување, промена на уставот), но и рамката на рамковниот договор ја моделираат во согласност со односите на моќ. Секако, посилни ќе му бидат „аргументите“ доколку за секој случај пописот биде наштиман, не само да има 20 отсто туку и повеќе од претходно.

Вака како што е поставен, законот е пародија и на правото и на пописот како алатка на модерните држави: тој е фактички избирачки список, затоа што ќе потпишува државјани, а не резиденти (жители), а и тие на „жими мајка“ со помош на лица што го знаат ЕМБГ на своите (вклучително земајќи си го правото да ја определуваат нивната етничка или верска припадност, што е грубо кршење на човековите права и меѓународните конвенции). Наштиман попис не може да има легитимитет, уште помалку практична вредност. За второво, па и тоа не е трагично: Македонија ниту има развојни перспективи, ниту рационални јавни политики, а и луѓе немеТ. Ни Македонци, ни Албанци – освен на хартија. Концепцијата за основно образование ви е најдобар пример како се градат кули во песок или воздух, со милиони позајмени од Светска банка. Партизацијата на секоја пора не бара попис и податоци за образовани и стручни кадри; за тоа си имаат партиски евиденции на војници и каплари. Ним не им требаат податоци, слика на општинските состојби, социјална карта на населението – тие живеат во некој свој замислен (интердисциплинарен и епистемолошки свет на Колозова, но и анационален на Бешка).

Логично се поставува прашањето дали Македонците ќе ја имаат храброста на Албанците од 1991-та и 1994-та и понатаму… до денес, до формирањето на втората влада во роденденска атмосфера. По најавите на опозицијата за евентуален бојкот, министерот за правда опоменува: Во тој случај процентот на Македонци ќе биде помал! Па што? Нели прават статистичка операција, а не етнополитичка? На тој начин Маричиќ го вади од џеб етничкиот адут, играјќи на картата на патриотизам (или е поточно национализам?) кај Македонците. Не само смешно, туку и дегутантно е кога ова го прави влада што ја одмакедончува државата низ мултивекторска и повеќеслојна надворешна и внатрешна политика без ум и компас. Оваа земја, простете е туѓа! – кажа поетот пред да загине. И погоди. Секој ден во секој поглед, таа е сè потуѓа. А што би рекла мајка ми (на близу 90 години): зошто ова сето „за малку“? Не вреди ни попис, а камоли договорен фалсификат. Уште малку (за десет години) ќе нема ни држава да врши попис. Или што било друго…