Мала земја на работ од логиката

Излезе, Русјаков, дека ние го знаеме глупиот албино.
Зошто глупиот?
Затоа што паметниот е во Мексико.
Така ме заебаваат пријателите низ маало. Никогаш не ми пречело хумор на моја сметка. Јас сум многу пожесток во самоисмевањето. Кој не може да прифати смеа на сопствена сметка, нема смисла за хумор. А имав и јас свои закачки за паметниот албино од Мексико. На пример, кога стана власт. Напишав, не е сè така црно во владата, има и албино. Потоа, кога слушнав дека народ треба малку да се тепа, малку да се гушка, си реков, е жална и поделена Македонијо, две албина и тие разединети во ставови. А и сега, кога откачи рајата на социјални мрежи, по повод неговото заминување на одмор во Мексико, си помислив, кога ќе пораснам и јас сакам да бидам албино. Или требаше да бидам генсек… сè ми се измеша.
И на Фејсбукон исто. Се пишуваат секакви заебанции на негова сметка. Во прв план често е отсуството на пигмент. Забележав еден коментар во форма на предупредување. Зезајте се со човекот, ама оставете го албинизмот, оти тоа е инвалидитет. Тоа е вистина. Албинизмот во медицината навистина се води како инвалидитет. Под неговиот коментар јас допишав, поголем инвалидитет е да си албино, а да не можеш во Мексико.
А ха, Русјаков, пак политика.

А што да правам кога инвалид има право да коментира инвалидитети.
Какви сега инвалидитети?
Па, албинизмот инвалидитет, а политиката уште поголем.
Патем, не коментирам политика, туку си правам маркетинг-кампања. Наскоро ќе ми излезе роман. Во издание на „Арс ламина“. Името му е „Албино трип“. Едно весело патешествие низ моите албино-авантури. Само дел од нив, секако. Оти за сите немаше место. Луѓето се чудат, им пречи или сакаат да фаќаат сеир со она што не се вклопува во матрицата. Никогаш не ми пречело тоа, ама ќе бидам искрен, знае да биде неподносливо здодевно. Но здодевен е и Нордистан.
„Нордистан… мала земја на работ од логиката. Во неа тече мед и путер. Вирусите се истребуваат со тенкови. Полицајките што не ги тепаат ’пајаци’, имаат прекрасни гласови. Секоја година менуваат химна на ’Евровизија’. Се игра ’хангр гејмс’ на плоштадите. За сè е виновен некојси Миле. Живеат во ерата на новата нормалност. Економијата им варира во зависност од перцепцијата. Владее амбасадорска демократија. А јас сум нов амбасадор на Соединетите Американски Политички Коректни Држави и ќе треба време да ми се навикне перцепцијата“. Прв извештај на амбасадорот Марк Твен.

Уште политика, а Русјаков?
Не. Уште една книжевна себепромоција. Сатирична фантастична гротеска подготвена да се пишува летоска. Се вика „Нордистан“. Главен лик е Марк Твен, новиот млад американски амбасадор во малечката земја на работ од логиката. Овој Марк Твен не е оној писателот. Во политички коректната Америка тој писател одамна е забранет. Овој Марк Твен полека ќе стане писател. И отприлика вака ќе пишува.
Назад во реалноста. Ќе го парафразирам колегата Даглас Адамс. Реалноста е толку неподнослива што отсега ќе ја нарекувам Стенли. Стенли е како лош филм напишан од социопат. Европската Унија нема да пушта луѓе во своите граници чиј имунитет е нарушен од консумирање руски класици. Забрането ќе биде и за оние што во детството прележале кинески кунгфу-филмови. Сеедно што руските класици се покажаа како оние што најдобро лекуваат празнотија. Сеедно што кинеските кунгфу-филмови супер се справуваат со вирусот на депресијата. Во ЕУ ќе може да влезете само ако сте се лекувале со политички коректни мелодрами и сапуници.
Сето ова ми го соопшти гореспоменатиот дипломат Даглас Адамс, мој колега, амбасадор на Велика Прогресивна Британија во Нордистан. Тука е испратен по казна. При една рутинска медицинска контрола откриле дека во младоста се вакцинирал против политички коректниот апсурд со забранетата гогољовштина.

Ми требаше време да се навикнам на нордистанската политичка порнографија, затоа што јас сум научена на нежност и еротика, ми вели Силвија Кристл, нагалено Емануела, амбасадорката на Транскралството Холандија. Мојата прекрасна холандска колешка, во која мислам дека ќе се заљубам. И таа е тука по казна. Кренала глас против традицијата во нејзината земја, на демонстранти што одбиваат да бидат заморчиња во прогресивни експерименти, да им се пушта полиција што крши глави и гази со коњи.
Се надевам разговорите ќе ни бидат многу повесели отколку односите меѓу нашите земји. Ова е првата реченица што ми ја кажува амбасадорот на Руската некоректна федерација, Данил Хармс.
Нашите земји навистина се во лоши односи. Пред некој ден нашиот претседател го нарече нивниот – убиец. Па, уште се закани дека Русите за тоа скапо ќе платат. Нивниот претседател веднаш врати. Ти за себе зборуваш, му плесна в лице, може не те држи ум, ама биди жив и здрав. И го повлече својот амбасадор од Америка. Потоа од Куќата со боја што не навредува ниту една раса или родова определба се извинија, велејќи дека нашиов претседател измешал ономатопеја со словенска антитеза. Ама односите се влошени. Сепак, Данил Хармс ми изгледа како крајно весел и духовит, сигурно добро ќе се дружиме.
Ајде, ајде Русјаков, само ти терај си гротеска, ама готово е со Русија, Бајден ќе ја збрише.
Едвај чекам. Од Париз и Берлин помина долго време откако Русите не влегле во нечија престолнина.

Што мразам кога вака ми упаѓаат среде дипломатски протоколи. Ова им го кажувам на две прекрасни дами. Роксана и Есмералда. Амбасадорките на Француската Сексуална Револуција во Нордистан. Вдовици. Поранешни сопруги на Сирано и Квазимодо. И тие се тука по казна. Наместо да одберат прогресивни партнери, тие се заљубиле во романтични грди мажи, од новата нормалност прогласени за книжевни хомофобични стереотипи. Но најголем проблем е нивниот миленик. Еве ми се плетка низ нозе. Шармантниот Пепе Ле Твор.
Го забранија, вели Есмералда, ги плашел жените, а тој само флертува.
Им правеше на феминистките, ле пррр, феминистки, ле пррр, додава Роксана, па они кренаа хистерија.
Како и да е, им велам, мислам дека добро ќе се забавуваме тука среде оваа мала земја на работ од логиката.