Македонското земјоделство има развој

Проф. д-р Борис Анакиев

Често се води оправдана расправа околу вистината за развојот на земјоделството, а во контекст и за оправданоста на директната финансиска поддршка. Владини институции и нивните поддржувачи изнесуваат податоци со кои сакаат да докажат дека има развој на земјоделството и дека потрошените буџетски средства за поддршка на земјоделството даваат резултати. Спротивставените стојалишта негираат дека има развој и дека неоправдано се трошат буџетски средства, бидејќи не се трошат за развој туку за други цели, за пропаганда пред избори, за социјални трансфери и др.

Изнесените аргументи од двете страни не можат никого да убедат ниту во едната ниту во другата теза, бидејќи се површни, делумни, неубедливи, а некои неточни. Пред да ги изнесам моите стојалишта по прашањето дали земјоделството се развивало во последните години и дали неговата директна финансиска поддршка е оправдана, морам да подвлечам еден факт што многу „познавачи“ на земјоделството не го знаат или го игнорираат. Имено, земјоделството е особено сложен економски систем, чиј развој не може да се искаже и оценува лесно и едноставно, бидејќи постојат голем број индикатори за неговата оцена, како натурални така и финансиски, а во последно време и придонесот кон заштита на животната средина, за здравствената безбедност на храната, регулативите и нивната усогласеност со истата таа на ЕУ и друго. Прашањето, пак, за финансиската поддршка на земјоделството не треба да се оценува само по резултати во производство, туку и дали е во согласност со условите на СТО, со стандардите на ЕУ, со тоа како влијае на висината на доходот и стандардот на земјоделците и слично.

Најразбирливи за поширок аудиториум се количествените, апсолутни и релативни показатели за важните производства, финансиски показатели од економски сметки и вредностите на извозот и увозот. Сите анализирани показатели подолу се според податоците од статистички годишници на РМ објавени од Државниот завод за статистика.

Пред да преминеме на изнесувањето податоци, кои покажуваат како се движат производствените и други резултати, да се потсетиме дека еден од главните фактори што имаат сериозно влијание на резултат во земјоделството е аграрната политика креирана од властите. Анализа на целата аграрна политика не е можна поради ограничениот простор, а не е ни потребно, бидејќи бараме елементи што придонеле за негативно влијание врз земјоделството. Првата сериозна грешка што се одразува врз приходите не земјоделците и рамномерно инвестирање во нивните стопанства се одредбите во Законот за земјоделството и рурален развој со кои се оневозможува регуларна наплата на продаденото производство, бидејќи 80 отсто од таа продажба можат да ја реализираат по 180 дена. Сериозна дискриминација и кршење на Уставот на државата. Оваа дискриминација на земјоделците е сериозна пречка нормално да се организира производството за следната реколта. Друга сериозна грешка на аграрната политика е искривување на моделот на ЕУ за директна финансиска поддршка по единица капацитет, а не по единица производство.

Во првите години од функционирањето на Платежната агенција, покрај поддршката на производителите на млеко по грло приплод на крава, се направи обид и со дополнителна поддршка по литар произведено млеко. Нашите испитувања покажаа дека мерката поддршка по литар млеко се одразува на откупната цена на сметка на земјоделецот, бидејќи откупувачите ја намалуваат откупната цена за износот на поддршка по литар. Така што земјоделците немаат полза од дадената поддршка 1, 2 или 3 денари по литар, а ваквата мерка претставува мешање во пазарната цена на производот од страна на државата. За да биде грешката поголема и масовна, од пред неколку години поддршка, покрај по површина на соодветната култура, се примени и сега се применува речиси кај сите поважни култури. Мерката се користи и како начин власта да им се додвори на земјоделците.

Покрај наведените негативни последици од поддршка по единица производ, има уште две причини зошто треба да се укине. Прво е што со ваква поддршка се дезавуира методот (системот) што го користи ЕУ. Второ, поддршката по количества произведено и продадено производство државата стимулира количества, а не квалитет. Земјоделецот се бори да произведе што поголемо количество и да го задоволи минималниот квалитет за откуп на производите, а не мислејќи на висок квалитет и на конкурентно производство.

Од друга страна, поддршката по капацитет (ха и грло добиток) е и за да се користат максимално производствените капацитети. Следната грешка на аграрната политика е пак во врска со финансиската поддршка и со тоа што се трошат средства за поддршка на голем број производи што немаат никакво значење за националните интереси, бидејќи се застапени со минимални површини, непогодни се за нашите услови или, како оризот на пример, не можат да конкурираат во извозот, а ја надминуваат домашната потрошувачка. Такви производства треба да се поддржат за да го напуштат производството и да се ориентираат на друго – рентабилно. Кај оризот е потребно апсолутно намалување на количествата за домашната потрошувачка, а со државна поддршка за воведување високодоходовни производства, како што се овоштарството, производство на месо, високородни сорти пченка, зеленчук и друго, бидејќи оризот по 1 ха троши најмалку 15 пати повеќе вода отколку најинтензивните производства што ги спомнав погоре. Дали не треба да размислуваме за рационално користење на водата за високодоходовно производство и за штедење вода кога светските експерти предвидуваат климатски промени што на нашиот простор ќе создадат пустински услови?

Сведоци сме на постојано недоразбирање и сериозни спротивставувања помеѓу земјоделците и откупувачите на примарните земјоделски производи што имаат највисоко влијание на вкупната доходовност на агрокомплексот. За ваква состојба се виновни три субјекти: земјоделците, откупувачите и министерот за земјоделство. Додека првите се борат за формирање реална пазарна цена, министерот сака да спроведе нечии интереси и недозволено го оневозможува слободното формирање на пазарната цена. Зошто непосредно пред откуп се донесуваат одлуки за интервенција со средства од буџетот по килограм откупен производ? По која основа државата го плаќа (откупува) грозјето од неликвидни приватни фирми? Затоа и денес (по 30 години пазарна економија) земјоделците бараат гарантиран откуп и гарантирани цени од државата!

Тоа, меѓу другото, се причини нашите земјоделци да не ги здружуваат средствата за набавка на репроматеријали, за истражување на пазарот и сл., туку ги „здружуваат“ желбите и идеите за вршење на, често и неоправдан, притисок врз државата. Оваа практика се разви дотаму што за еден производ, гранка, подрачје се формираат повеќе здруженија, некои и со отворени партиски пропаганди. Големо е прашањето колку од сите здруженија што се јавуваат во јавноста во време на откупот се формирани во согласност со Законот за здруженија на граѓаните и фондации? Имаше на хартија формирани земјоделски задруги за кои дознаваме дека државата ги поддржува со финансиски средства, но никој не знае, никаде не можеме да видиме какви се нивните економски активности и колкав е нивниот придонес во развојот на земјоделството и селото. Со оглед на нивната анонимност како економски субјекти на пазарот, големо прашање е дали ветените средства од ЕУ за поддршка за земјоделските задруги во земјава (близу 900.000 евра) ќе бидат рационално искористени. Ќе им требаат сериозна поддршка и помош ако сакаме да има позитивни резултати.