Македонските цвеќиња за бугарските војници

Идејата за денешниот текст посредно ми ја даде еден сепарат од мојот школски другар и врсник Борис Ноневски, долгогодишен директор на Кинотеката на Македонија, вреден, упорен и педантен до перфекција истражувач на македонската кинотечна историја и на луѓето што ја создавале. Имено, во еден фрагмент од книгата „Историја на филмот во Македонија“ ја има обработено од филмографски аспект големата турнеја на султанот Мехмет Петти Решат во Источна Румелија (европскиот дел од Отоманското Царство) кога ја посетил и Битола летото 1911 година.
Вниманието на посетата Ноневски го има свртено кон фактот што движењето на султанот цело време било снимано од професионално ангажирани европски сниматели и фотографи. Низ зачуваните филмски ленти и фотографии се забележуваат масовноста и одушевеноста на народот при испраќањата и пречеците на султанот, таа висока, почитувана и ценета титула во империјата. Тој со голема помпа бил испратен од пристаништето во Истанбул, го поздравувале илјадници одушевена маса. Таму каде што патувал со воз бил пречекуван торжествено, на сите попатни станици и во поголемите места. Во Битола, тогашен Монастир, каде што го снимал и Милтон Манаки, не само што се насобрал цел град да му изрази одушевување туку биле исчистени сите улици, варосани сите куќи на главните улици, се вееле знамиња, во негова чест биле подигнати четири триумфални капии, а се одржала и воена парада. Во денешна Битола има останато силни траги (згради) од турско време, од триумфалните капии нема останато ниту тула.

Уште поторжествен бил пречекот при неговото пристигнување во Солун. Таму се собрале луѓе од сите околни градови, вклучувајќи ги Воден, Бер, Серес, Лерин, Битола, Гевгелија. Во масата меѓу луѓето немало разлика по националност, раса, вера, иако се препознавало кој е кој, кој носи на главата цилиндар, кој фес, кој калпак, кој шубара и кој е гологлав. Цел Солун, кој уште не бил грчки град, излегол на улица. И султановото враќање во Турција било како што му личи на еден султан. Од пристаништето на Златниот Рог испловиле сите бродови, го пречекале со гласни свирки од сирените, а бил насобран речиси стоилјаден народ. Колку што може да се дознае од неговите биографски податоци, султанот во тоа време бил само политичка фигура што формално го обединувала турскиот народ, но вистинската власт на империјата пред распаѓање ја држеле тројца паши: Енвер-паша, Талат-паша и Џемал-паша. Овој малку подолг увод беше потребен за да дојдам до суштината на темата, односно да дадам некои објаснувања по бугарските тврдења дека при доаѓањето на нивните војници окупатори и службеници администратори во Македонија во 1941 година биле пречекувани со радост од граѓаните, со музика и цвеќиња, не само со погача, сол и пипер. Не е никаква тајна дека и во бугарските и во македонските архиви постојат стотици фотографии од тие пречеци. Такви слики сум видел и кај некои мои ресенци што ги покажуваат само приватно, речиси нема македонски град во кој понекоја фамилија не држи такви слики и од царот Борис. Како што некој во некои скришни ќошиња од својот дом сѐ уште држи портрети од Сталин или од Тито, како што не малку луѓе во Бугарија сѐ уште се клањаат под сликата на Тодор Живков.

Некои од сегашните бугарски политичари и историчари тие настани и фотографии ги користат во сегашниот спор меѓу Бугарија и Македонија како аргумент во докажувањето дека нивните тогашни војници и полицајци биле пречекувани како ослободители, а не како окупатори. Таквите тврдења може многу лесно не само да се оспорат туку да изгледаат дури и смешно, зашто постојат фотографии и за нивното панично бегство при крајот на војната. Не може да се користат како факт дотолку повеќе што многу од тие манифестации биле наместени, иако не може да се оспори и делот од вистинска поддршка на оние со бугарски чувства или национална определба.
За лажната слика на масовни изливи на чувствата на народот, за неговата лицемерност и превртливост, може да се наведат неколку примери од Библијата и историјата. Кога Исус Христос влегувал во Ерусалим бил пречекан од маса народ, шпалири од луѓе по улиците што биле послани со цвеќиња и зелени гранчиња. Народот извикувал „Осана, осана“, што значи „Да живее, да живее“, гледајќи спасител во неговото појавување. Само неколку дена подоцна бил осуден, а по барање на истиот народ што го пречекал со овации бил распнат на крстот. Редица цареви, кралеви, султани, папи, архиепископи, дури и прочуени јунаци, кои биле славени и глорифицирани, на кои им биле укажувани сите почести и салтанати, на крајот биле затворани, убиени, отруени, гилотинирани, задавени или стрелани, на некои гробот не им се знае до денешен ден.

Не мора да се оди предалеку, тука се примерите и од блиската историја. Не треба да се докажува дека каде и да се појавеше Адолф Хитлер беше пречекуван како спасител на новиот свет, како човек рамен на Господ, за на крајот, скриен во бункерот, да заврши во човечка беда. Или Сталин, кој не само во Русија беше воздигнуван на највисоки историски пиедестали, а по смртта доживеа срамно понижување. Низ многу филмови, холивудски и европски, сме гледале автентични или филмувани настани од величествени пречеци на германските нацистички водачи и војници во Париз, во Рим и во други градови. Парижани со цвеќе ги пречекаа Германците при окупирањето, со исти сорти цвеќиња и радост, речиси на ист начин ги пречекаа своите војници и Американците при ослободувањето.
Никому не му беше чудно ниту необично што Јосип Броз-Тито како претседател на Социјалистичка Југославија во секое место во бившата земја беше пречекуван со радост, со песни и игри, а по смртта да биде изложен на најприземни, беспоштедни критики. А Тито, каде и да се појавеше во светот, редовно го следеше маса од тамошни жители со искрено одушевување. Од Индија до Кина, Кореја до Соединетите Американски Држави, чии претседатели му укажуваа искрена почит. Што да се рече за Бугарија и за Тодор Живков, кој 35 години беше на чело на бугарската комунистичка партија и држава, беше алфа и омега во бугарската политика и држава. Каде и да се појавеше Бај Тошо му беа приредувани величествени пречеци и испраќања. Цвеќиња, букети, венци, музика, паради, тоа беше иконографијата, сценографијата што го следеше саканиот татко на бугарската нација. Има илјадници такви фотографии, сигурно такви има и во личната архива на Бојко Борисов, кој му беше еден од последните телохранители. И Живков беше славен, но потоа и тој распнат на крстот на бугарското општо незадоволство, умешно криено во неговото време.

Зборот ми е дека не може фотографиите од пречекот на Бугарите да бидат аргумент за нивната ослободителна, неокупаторска улога. Ниту пак тврдењата дека по нивното протерување, по нивниот пораз во Македонија биле убиени илјадници луѓе. Такви сведоштва не постојат, ниту писмени, ниту усни. Писмените може да се избришат, да се скријат, запалат или едноставно да исчезнат, но усните преданија остануваат. А за наводни колежи на Бугари во Македонија такви не постојат, некој барем ќе паметеше и ќе го кажеше тоа, сѐ уште има живи луѓе што ги поминале воените голготи. И досега бугарската страна тие аргументи сигурно ќе ги користеше во сите поранешни спорови, во сите поранешни дебати и разјаснувања меѓу двете страни. И историчарите, не постојат историчари што би биле глуви, што би се оглушиле од таква граѓа и во докажување на вистинитоста или лагата во неа.
Наметнувањето на филмовите и фотографиите со македонски цвеќиња за бугарските војници не држи вода како доказ за меѓусебна пламена љубов и разбирање, за еден несреќно поделен народ. Тие венеат пред вистината.

[email protected]