Македонскиот Орвел: дефлориран концепт на слободата

Низ реформата на безбедносниот систем повторно само се креира илузија за заштита на поединецот од сѐ поагресивното продирање на државата во неговата приватна сфера. Како да им верувам на реформите со малигнен човечки материјал, кој може да опстане само во контролирано и надгледувано општество? И ништо повеќе. Зарем да верувам дека реформата е сериозна ако зад неа стојат истите луѓе што беа мастермајнди на сите досегашни афери на незаконско прислушување во Македонија? Модерни воајери за кои не постои ништо свето…

Зарем по сѐ, некој има дилеми дека прислушувањето во Македонија е политички национален спорт? За рушење влади и начин да се остане на власт. Дали видовте дека некој ја спомна приватноста на граѓаните во контекст на објавувањето на незаконски стекнатите прислушувани разговори, т.н. „бомби“? Од толку загрижени „заштитници на човековите права“, никој, ама баш никој не ја спомена приватноста како зона на слобода, заштитна линија на раздвојување меѓу поединецот и државата, која му дава право на граѓанинот секогаш даѝсе обрати кога е загрозена неговата индивидуалност, дека понатаму од оваа линија не може да оди. Оваа држава не да може, туку отиде предалеку во следење и надгледување на граѓаните. Нормално, кога е во прашање приграбување на власта, незаконското прислушување и не е толку големо зло.

Она што ѝ се случува на Македонија со политички мотивираното јавно објавување на незаконски прибавените разговори, нивната дозволеност како доказ во кривичните постапки пред судот, потврди дека сме општество што е сериозно заболено. Инфицирано со политика и потреба за контрола. Жедно за одмазда и малограѓански порив да ѕирне во приватноста на другите. Општество што го наследи изворниот вирус на тоталитаризмот. Стариот добар вирус што беше инфузиран низ „тајната полиција“ во современото демократско општество, кое се обидуваме да го градиме во Македонија. Создадовме систем што го урниса нашето легитимно очекување дека нема да бидеме видени или слушани без наша согласност, а уште помалку без наше знаење. Систем во кој оние што ве надгледувале, слушале и следеле продолжуваат да се чувствуваат комотно, дури стануваат и херои, а граѓаните продолжуваат да се плашат дека некој таму се обидува да завладее со нивната приватност.

А, да. За малку ќе заборавев на реформата на безбедносниот систем во Македонија, а особено на „тајната полиција“. Зарем некој сериозно мисли дека низ формата на реформите ќе промени нешто суштинско во функционирање на „тајната полиција“? Дека ОТА, или Агенцијата за национална безбедност нешто ќе промени во поглед на политички мотивираното следење на граѓаните? Ќе го запре? Зарем може да очекувате реформа од оние што со години упорно се обидуваат да ве убедат дека државата треба да се штити по секоја цена, па макар тоа било за сметка на правата и слободите на нејзините граѓани.

Низ реформата на безбедносниот систем повторно само се креира илузија за заштита на поединецот од сѐ поагресивното продирање на државата во неговата приватна сфера. Како да им верувам на реформите со малигнен човечки материјал, кој може да опстане само во контролирано и надгледувано општество? И ништо повеќе. Зарем да верувам дека реформата е сериозна ако зад неа стојат истите луѓе што беа мастермајнди на сите досегашни афери на незаконско прислушување во Македонија? Модерни воајери за кои не постои ништо свето, како што се домот, семејството, вашиот приватен живот. Како да очекувам промени од оние со дефлориран концепт на слободата?

Само да потсетам. Се сеќава некој на досието „Рашомон“, досието „Темел“, „Големото уво“, или пак на досието „Креатор“, кога службено беа детектирани политичките злоупотреби во функционирањето на службата за државна безбедност? Го прочитал некој јавно објавеното тајно полициско досие на г. Јордан Петровски? Нашиот политички азилант во Канада. Се сеќава некој на веќе заборавеното и неодговорено обвинување на Тито Петковски дека четирите големи партии во земјата располагаат со уреди за прислушување и тајно ги следат своите ривали? Дали некој реагираше кога материјали од прислушувани разговори беа наоѓани пред врата, или во сандаче беше? А кој ќе се сеќава на детали. Дали некој презеде одговорност? Не верувам. Што се промени во работата на тајната полиција оттогаш? Ништо. Да, се надгради со „бомбите“ и реформите.

За жал, не успеваме да се соочиме и расчистиме со ваквата грда реалност, која ја живееме во транзицијата и со луѓето што ја создадоа. Формиравме јалови комисии, кои требаа да нѐ убедат во грижата на државата за нашата приватност и посветеност на концептот на правата. Лицемерство што дозволи вирусот на слободата да ги одмине граѓаните во Македонија. Разочарувачки е кога ќе сфатите дека со години „тајната полиција“ во Македонија, наместо да ѝ служи на државата, ја претвори во моќно средство на политичка контрола, жртвувајќи ги принципите на етичност и професионалност во нејзиното постапување.

Гледам во „бомбите“ едно нежно танго помеѓу агенциите за безбедност во Македонија и извршните директори на телекомуникациите компании. Владата може да води, но нејзини постојани помошни партнери во нелегалното следење на комуникациите и пиони во контролата над своите граѓани стануваат телекомуникациските компании. Бомбите навестија една нова архитектура за надзор што лежи под површината на наводно демократските општества.

Ваквата нова архитектура за надзор станува застрашувачка во контрола на животите на граѓаните и задушување на слободата во општеството. Ако не ја демаскираме, не дејствуваме брзо, таа ќе продолжи да расте во амбиција, големина и обем, голтајќи сè што ѝ е на патот, сè додека не остане ни „п“ од приватност. Искрено сум уплашен, а мислам треба да бидеме уплашени како општество, каде одиме. Во неконтролиран таен надзор во орвеоловски стил. Порано „големо уво“, денес „бомби“, што ќе биде утре.

Деновиве кога ќе ви стигне честитка за среќна Нова година на мобилниот, треба да знаете дека новата архитектура на надзор функционира. Затскриена зад убавите желби и наводната грижа за вас.