Македонскиот народ не се брише со еден клик на „Њујорк тајмс“ (2)

Професоре, за да не заглавам во жив песок, во пропаганда на 19 и 20 век, против македонското битисување, ќе споменам некои настани, книги и списанија што ѝ се достапни на јавноста. Зошто паднавте во „пајаковата мрежа“ на политичката пропаганда на тие времиња? Зошто јавно сега паднавте во „искушение“ да го заробите македонскиот народ во бугарското минато? А може уште некој како вас да се појави и тоа да ни го направи за српското и грчкото време на минатото!
На 4 септември 1999 година во Торонто, Канада, во хотелот „Хилтон“ се одржа 77-та конвенција на МПО. Претседател на МПО, Крис Иванов, прилепчанец, Македонец.

Премиерот Љубчо Георгиевски ја предводеше македонската делегација. За тоа што се говореше, како бевме примени од македонската емиграција поопширно е пренесено, напишано на страниците на илустрираната ревија за иселениците „Македонија“, број 559 и број 560, од октомври 1999 година. На конвенцијата бев во својство на претседател на советот при Министерството за иселеништво. Тоа го имам објавено во книгата „Четврта емигрантска Македонија“, издадена од „Аз-буки“, Скопје, во 2007 година. По завршувањето на конвенцијата, заминав во седиштето на МПО, во градот Форт Вејн, држава Индијана. Ѓорѓи (Џорџ) Лебамов ме покани да видам каде почна МПО и печатењето на весникот „Македонска трибуна“.

Се сретнав со неговиот брат, адвокатот Иван Лебамов, кој едно време беше градоначалник на градот Форт Вејн. Со него зборувавме како да воспоставиме нормални односи и како да се одбраниме од антимакедонската пропаганда. Пропаганда од сите тајни политички центри на Балканот, а и „вгнездени“ во нашата татковина Македонија. За да бидат појасни „македонските работи“ и да ги разграничиме од валканата пропаганда, да го споменам Уставот на Сојузот на македонските политички организации во САД и во Канада, издаден во градот Индијанаполис, држава Индијана, во 1928 година.

Од уставот ја цитирам основната цел зададена за „секој полнолетен Македонец“: „Македонските емигранти во САД и во Канада, без разлика на народноста, верата, полот и политичкото убедување, создавајќи за потребата од здружена организирана дејност за ослободување на татковината Македонија, создадоа политичко-културна организација да се бори и да работи на легален начин, за издигнување на Македонија во една независна република во нејзините географски и економски граници, која најревносно ќе ги гарантира демократските, социјалните и економските права и слободи, задолженијата и привилегиите на сите свои граѓани.

Според членот 4 од Уставот, член на МПО може да биде ’секој полнолетен Македонец’ којшто ја споделува целта со организацијата“. Обемна книга „Македонски алманах“ издадена во градот Индијанаполис, држава Индијана, февруари 1940 година. Предговорот од ЦК на Македонската политичка организација на САД, Канада и Австралија. Последната реченица од предговорот гласи: „Како во минатото, така и во иднината, нашата достојна емиграција ќе жртвува средства за заштита на светата македонска кауза во средината на просветените американски средини!“.

Професоре, ценети читатели, ова што го споменав е преземено од оригиналот, без намера да се извитопери содржината на текстот или, пак, да се пречкрта некој збор, некоја реченица. Пред македонската јавност да споменам уште нешто. Бев предмет на опсервација на бугарските тајни служби. Но тие што ме следеа (В.П.) кај нивните шефови реферирале дека сум „тврдокорен Македонец што не може да се преобрати во Бугарин“! За мене неоспорно, секогаш кога сум одел кај моите роднини Македонци и пријатели Бугари, и во службена посета како државен обвинител на Република Македонија, сум бил примен срдечно и со искрена почит од највисоките бугарски државници.

Имав средба со наши врвни македонски разузнавачи (Т.Ш., Д.Н., И.Б. …) од југословенската агентура и ми раскажуваа како оперативно ја „неутрализирале“ македонската емиграција во странство, во одбрана на југословенството. Македонија претставува греж/јазол на Балканот што разумно треба да го отплеткаме во интерес на македонскиот народ и добрососедство со другите народи. Но не на штета, со промена на нашето историско и уставно име, Република Македонија, и со анатемисување на македонската нација. Сакате верувајте на пишаното или не, професоре, бивш министре, тоа е ваше право и право на ценетите читатели. Се надевам, во некоја пригода, пак ќе се видиме на патеката на надежта, на брегот на Вардар.