Аљоша Симјановски

Во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, токму така, но добро е да се биде претпазлив во оваа сфера, бидејќи безмилосното распарчување и распродавање на етерот не е само она што нѐ поврзува со светот, туку во иста мера нѐ оттуѓува од него…

Добро е и упатно, одвреме-навреме, да се опсервира програмската понуда во медиумите на Македонија. Во време на силни заложби за зачувување на името, идентитетот, повеќето од македонските електронски медиуми како да кренале раце од сопствената реалност. Во сиот овој тридецениски транзициски период се натпреваруваат во некритичко и безмилосно разорување на кревкиот медиумски суверенитет, грижливо и макотрпно создаван со децении и како замена и евтина варијанта ни сервираат некритички, неограничени количества, преземени турски, американски, соседски, индиски програми – симулации и домашни, нископродукциски жанровски содржини… политички анализи и содржини, дебати без елементарен бонтон, полни со ароганција и агресија.
Во име на високиот рејтинг, секојдневно забрзано и перфидно атакуваат врз перцепциската толеранција и достоинството на гледалиштето, со несовесните и програмски шеми го распарчуваат безмилосно македонскиот етер, нанесувајќи притоа низа несогледливи последици од педагошки, лингвистички и идентитетски карактер.
Мал zapping/сурфање и брза прошетка по домицилните канали во македонскиот етер/ и анализа на програмските содржини и шеми, сѐ повеќе нѐ уверуваат дека со евтини продукциски трикови и атрактивна амбалажа се окупира вниманието на јавноста и се насочува во правец на медиумски неквалитетни сурогати и просечни странски продукции, кои стануваат замена за нашата реалност, наместо да се вложи во проекти во кои се репродуцира сопствената, што е и смислата и врвен приоритет на секоја сериозна телевизиска стратегија. Да се произведат и „продадат на светот“ програми, кои ја одразуваат „стварноста Македонија“, а не неконтролирано да се стават во „прајм тајм“ што повеќе полициски и тинејџерски сапуници од трета категорија што ја дезориентираат и парализираат јавноста во напорите да се себепрепознае и верифицира.

Македонскиот дел од етерот е силно испразнет од содржина и во континуитет долг период се полни со странски програми. Тоа е логиката на пазарот, изјавуваат приватните медиумски субјекти. Високиот рејтинг што го постигнуваат со емитување странска играна програма, во голем дел синхронизирана на македонски, носи убав дел од маркетиншкиот колач. Во одјавните шпици се додаваат и имињата на истакнати македонски артисти – првенци што го дополнуваат скромниот буџет со позајмување на гласовите… На изглед сѐ е во ред, сите задоволни, но…
Проблемот е што долг временски период немаме сопствена играна, образовна, документарна продукција. Тоа е онаа противтежа што е неопходна за да не дојдеме во ситуација сопствената реалност во целост да ја замениме со турска, индиска, американска. Проблемот е пред сѐ идентитетски. Токму во време на силни заложби за зачувување на името, идентитетот, во извесна смисла ја губиме битката однатре. Најпрвин во име на рационализација и демонополизација на МРТВ се укинаа формациите на ансамблите на народни, забавни, сериозни оркестри. Потоа се редуцира до степен на исчезнување продукцијата на играни драми, серии, креативни документарни филмови. Тоа доведе до силен пад на продукциската кондиција. Домашната продукција треба да претставува пресек на севкупното битие. Во неа се влеваат знаењето и енергијата на генерации школувани актери, режисери драматурзи, кои сега се расфрлени по ситни продукциски зафати, реклами и пропагандни референци, па така оставени на ветрометина, на милост и немилост, раситнети по ситните тезги ги трошат своето знаење, талент, младост.

Убав пример како се чува и негува домашната филмска и телевизиска продукција правилно трансформирана е во нам блиската Хрватска. Замислете пред некоја година /пред пандемијата/ Хрватска и нејзиното море беа топ-дестинација во светот. Да, но тоа се само дел од плодовите за што во Хрватска од осамостојувањето досега се вложени над четири милијарди долари, во технолошко осовременување и континуирана продукциска поддршка. Најпрвин за да се одржи тој сложен систем на државна пропаганда /не политичка/, верификатор на севкупното битие, а наедно и континуирано и квалитетно да се претставува пред светот како дел од глобалните вмрежувања во сегашните и идни времиња.
Кои и какви се причините во битката за домашна филмска продукција, која континуирано ја губиме наназад дваесетина години? Најпрвин се мислеше дека е тоа дел од некаков процес на трансформација на големите /вистински/ продуценти како „Вардар филм“, Македонската радио-телевизија, раситнување огромни средства на над стотина „продуценти“ во некакви докрај неразјаснети околности и конкурси, со резултати што ги знаеме сите, одат до границите на нашата татковина, на понекој фестивал, во придружба на агресивен пи-ар, а филмовите, такви какви што се и останаа.
Важно е да се истакне дека и нашиот домашен продукциски производ во поширока перспектива има и посложени задачи и значење. Филмовите, играните серии, документарците во првата фаза на експлоатација се производ што се експлоатира со стандардна динамика. Премиери, фестивали, промоции, репризи…, а потоа влегуваат и остануваат во депоата како ризница, артефакти, како оние што на секој чекор ги откопуваме во Македонија и на кои одвреме-навреме се навраќаме. Со време тие ја надраснуваат својата виртуелна улога и стануваат архивска граѓа – сведоштво за нашето постоење и историско паметење.
А она што не минало низ медиумскиот продукциски преглед – не постои, тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите.

Во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според степенот на доверба што го генерираат, токму така, но добро е да се биде претпазлив во оваа сфера, бидејќи безмилосното распарчување и распродавање на етерот не е само она што нѐ поврзува со светот, туку во иста мера нѐ оттуѓува од него и нѐ претвора во вид случаен автоматски придонес во комплексната и сложена зона на медиумски интеракции.