Македонската идентитетска јазична голгота

„Една земја на југот, многумина сe обидуваат одново да ја уништат. Преку неа ќе се кршат многу копја. Заради неа народ е подготвен да војува. Жителите на таа земја неколкупати ќе бидат пред тотално уништување, но кога ќе минат тие премрежиња, војни и војувања, таа земја одново ќе се роди, а неа ќе ја води еден човек, кој отпрвин ќе биде омразен, а потоа сакан и почитуван. Таа земја многумина нема да ја сакаат и ќе се обидат да ја уништат на секој можен начин. Многу луѓе таму се алчни и заради многу вредни и драгоцени работи, многу крв ќе биде пролеана. Во таа земја се имаат случено многу војни во минатото. На крај таа земја ќе допре до самиот Бог и ќе биде почитувана од сиот свет“ – слови ракописано пророштво од древните книги.
Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес, ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија.
Со овие зборови македонскиот војвода Славчо Ковачев, исправен на сцената во салонот на „Славјанска беседа“, во Софија, есента во ноември 1900-та, со револвер „нагант“ в рака, ќе го означи почетокот на праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“, од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, произведение што во извесна смисла го антиципира почетокот на борбата за културна јазична идентификација
Во салонот на „Славјанска беседа“ таа ноемвриска вечер се случува почеток на вистинско македонско реално шоу, кое се одвива со несмалена жестина преку стотина години и трае и денес. Не престануваат обидите да се негира, банализира и тривијализира правото на едно поинакво сопствено и поопсежно толкување на македонската етногенеза и историја.

Упорно континуирано негирање на одделни делови на македонската историска супстанција, во чија заднина е проектирано историското влијание на бугарскиот, српскиот и грчкиот националшовинизам, кое оставило силен печат на поколенија Македонци низ светот, па и кај некои и дома. Но некако на сите тие баражни негаторски ескалации сѐ помалку им успева да ги заматат фактите и да ги запретаат нашата гордост и легитимното право на родољубиво чувствување на нештата. „Македонија е онаму каде што се бориме за неа“ е мотото врз кое се темелат гордоста и чувството на припадност на генерации родољуби, револуционери, активисти, кои, раштркани и расеани по светот, во сите епохи ја крепат материјално и духовно македонската кауза.
Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за многу кратко време изоди голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа.
Преубаво ни е името за да ни го остават. Оваа злокобна тегобност продолжува и го тревожи и Блажета Конески како пророштво, тескоба, трепет на еден од најголемите македонски дејци на 20 век. Тоа не е библиско претскажување или реквием за исчезнување на една држава и на еден народ, кои поетот гениј ги опеал за сите времиња. Тоа е пискот на таткото на „Тешкото“, на таткото на јазикот наш современ, литературен и насушен. Тоа е лелек на човекот што кажа: „Јазикот е единствена наша комплетна татковина“, лелек што одекнува и денес во ехото во медиумски обзор. Предупредувачки шорткат, безвременска македонска дилема на гигантот Конески, опомена до идните генерации за историската одговорност, мудрост и храброст за да ги зачуваат името, имињата и презимињата, прадедовското, татковото и мајчиното наследство. И да се зачуваат себе.

И еве сме, сѐ уште живи во орото на хипермакедонската свадба. Повторно е создадена клима за епската тема дека стануваме одново жртва на големите, дека се подготвуваат нови заговори против нас… опасни становишта, вруток на нови илузии и митологии. Повторно, бочни удари однадвор, но и одвнатре врз македонското достоинство што го отежнува одржувањето на наша идентитетска критичка самосвест.
Триесетина години притисоци, закани и бременити ситуации во кои апсурдот ја има својата главна суштинска улога и некако до извесност се доближува претпоставката за скоро завршување на траумата наречена спор за името јазикот, идентитетот – ќе се огласи пред некое време во печатот почитуваниот и драг М. Банов, мој културен соборец – косценарист на ТВ-драмата „Премиера“, која ја создадовме пред триесетина години и за која прекопувавме по архивите и се консултиравме со научни авторитети, писатели драматурзи, сѐ со цел да го оживееме и од правливото историско депо да го извлечеме тој вреден настан. „Номен ест омен“, јазикот е нашата татковина, Македонија е наша обврска без остаток.
Но историскиот развој на македонскиот национален дух и идентитет и покрај премрежињата, мистичните лавиринти, Сцили и Харидби, пронаоѓа начини да се штити, крепи и одржи среде виорот на антимакедонските стратегии, приспособувајќи се на невремињата на Балканот, со константни манифестации на својата енергија преку востанија и борба против непријателите. А денес, по три децении од нашата современа форма на држава, во оптек е старо-нов стадиум на историскиот развиток на нашата Македонија, преку изблици на новата самосвест на Македонците. Македонците одново ги поразија антимакедонските Македонци, со презир отфрлајќи ги во најоддалечените буништа на својата автентична и отсекогаш единствено посакувана визија за Македонија.