Македонија се смалува за Македонците

Настани, симболи, алузии

По распадот на Југославија, колку што се градеше Македонија како нова уставотворна држава, толку во неа, за сметка на други внатрешни и надворешни интереси, се разградуваа позициите на македонскиот народ како нација, како национален, самобитен идентитет. Со уставни решенија, со административни прекројувања и владино-партиски пазарења и аминувања, низ локални лавиринти, од ден на ден се менуваат етничката карта и јазичната мапа на Република Северна Македонија. На тој релјеф јасно се гледа дека видливо се намалуваат границите во кои живеат Македонците, како и територијалните локални подрачја каде што се употребува македонскиот јазик. И тие се фактори поради кои Македонија се празни, пропаѓаат градови и села, затоа младите бараат спас надвор од државата во која не веруваат. Не веруваат ниту во системот, ниту во уставното устројство поделено на два еднакви дела, ниту во личностите што ги воделе и што ги водат

Дали Македонија ќе опстане? Што ќе биде со Македонците? Каква ќе биде нивната иднина? Со кого ќе се спојат, а од кого ќе се одделат? Ќе бидат ли поделени со нови граници? Дали Македонија е исправена пред опасноста од постепено одумирање и тргнала на патот без враќање? Или, пак, дали со НАТО и ЕУ и со обидите да биде ставена во глобалистичкиот калап, почнува нова вистинска перспектива и се дава гаранција за стабилност и трајност како на државата така и на македонскиот народ? По промената на името и под влијание на некои необични процеси и непромислени изјави што во себе носат голема скепса, погорните прашања се речиси секојдневни, масовно раширени, ја мачат јавноста. Тие прашања не се излишни, не се необични, зашто државата е во долга општа политичка и институционална криза, во уште подолга економска, а сето тоа влијае врз психоневролошката состојба на еден дел од народот, придружена со употребата на лексилиумот како најбаран лек. Тоа е споделено чувство што се шири и внесува своевидна неизвесност и несигурност. Луѓето не само што се нервираат туку и се грижат од она што го слушаат и гледаат.

Можеби звучи анахроно, застарено, немодерно, аполитично, хаотично, дури катастрофично во актуелнава политичка, наводно, многу надежна ситуација, поставувањето прашања од ваков вид. Во таа категорија на барање одговори може да се смести и следново: дали кога неколку генерации Македонци опстанале под власт на туѓи држави и ги зачувале националниот идентитет, јазик и писмо, сегашниве генерации ќе дозволат да ги изгубат во сопствената? Во ваков текст како денешниов, нема потреба од историски потсетувања на настани и личности што сведочат за крвавата борба и саможртва за слобода на еден мал народ, но можеби има нужда да се посочат некои посовремени состојби карактеристични од денот на независноста наваму.
Нема да биде шега ако се рече дека македонските елити во овие триесетина години самостојност беа толку зафатени и се грижеа за државата, а го заборавија сопствениот народ. Додека по распадот на Југославија, колку што се градеше Македонија како нова уставотворна држава, толку, за сметка на други внатрешни и надворешни интереси, се разградуваа позициите на македонскиот народ како нација, како национален, самобитен идентитет. Додека некои политичари чукајќи се во градите го бараа Солун и ветуваа одржување конгреси таму, пред наши очи и при нас живи, со уставни решенија, низ локални лавиринти, со административни прекројувања и владино-партиски пазарења и аминувања, од ден на ден се менува етничката географска карта, како и јазичната мапа на Република Северна Македонија. На тој релјеф јасно се гледа дека видливо се намалуваат границите на територијалните подрачја каде што се употребува македонскиот јазик, на единствената останата легитимна територија на македонскиот народ.

Под маската за доброто на државата се изведоа (и сѐ уште се изведуваат) низа аморални и криминогени операции, од кои на народот му стануваше сѐ полошо. Продефилираа на чело на државата или на владата, во министерства и во важни државни институции, млади, неискусни политичари и менаџери, без развиена свест за лична и општествена одговорност, повеќето без историска поткованост, без чувство на елементарен патриотизам, некои со сомнителна или поинаква национална свест. На површина излегоа политички деструктивци, криминогени карактери, министри шарлатани, пратеници за подбишега и купишта мафијаши и џаболебари од криминалното подземје околу нив. За себе и за личните интереси мислеа премногу, за интересите на народот најмалку. И затоа, тие се едни од факторите поради кои Македонија се празни, пропаѓаат градови и села, затоа младите бараат спас надвор од државата во која не веруваат. Не веруваат ниту во системот, ниту во уставното устројство поделено на два еднакви дела, ниту во личностите што ги воделе и што ги водат.

Ако се погледне малку подалеку од носот, ако се излезе од партиските ровови, ако се прочита некоја стара книга, лесно ќе се види дека борбата на Македонците за сопствена држава не била едноставна, не одела по еднонасочна нагорна линија. Великата идеја за самостојност, нецели два века, од периодот на првите преродбеници наваму, главно била спречувана, злоупотребувана, манипулирана, прокоцкувана, задушувана, упропастувана, уништувана. Што од самите Македонци, што од странските држави, пред сѐ од комшиските. Сепак, Македонците (нека биде само како етноним што нема врска со познатите две универзални, светски личности) не се загубија ниту по пропаста на античкото царство на Филип и Александар Македонски, ниту по пропаста на Самуиловото Царство. Не се загубија како такви ни под јаремот на големиот број турски султани цели петстотини години, попишувани во нивните тефтери како христијани, каури, Блгари, Славјани и слично.

Не подлегнаа на подмитливите понуди на бугарскиот царски двор, не се заблудија со благоглаголивите приказни за „сичко сме един народ“, не потклекнаа ни пред агресивноста и одмаздите на богатите стари грчки фанариоти и новите асимилатори. Не тргнаа масовно по понудите на мисионерите на други христијански цркви, ниту на бугарската егзархија и Грчката црква, која доминираше едно време. Ниту, пак, останаа во прегратките на Српската, која до ден-денес не може да го прими и прежали македонското црковно осамостојување. Македонците, во најголем број, не се асимилираа и не сменија вера ниту во турско, бугарско и српско световно и грчко духовно владеење. И покрај таквите пројави, притисоци, колежи, масакри, окупации и слични неволји, на сегашнава територија остана големото јадро, кое ја создаде државата. Не станаа ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби. Повеќе со ум, разум и итрина ги испреварија сите владетели. Тоа го имале сфатено предците, кои не се одмакедончувале и во најтешките историски услови, дури и кога се менувале властите, кралствата и окупаторите. Се спасија од обидите за освојување од сите соседи, што го покажува нивниот неоспорен виталитет за опстанок, иако поради низа надворешни историски околности не се во старите заеднички етничко-географски граници.

Грижливо чувајќи ги својот статус, својот јазик (со сите дијалекти), своите религиски традиции и фолклор, го зачувале и својот идентитет. Немале своја држава, немале своја власт, но и во безмалку невозможни услови останале свои на своето, во духовна и национална смисла, за конечно да обезбедат автентична национална реализација, а со тоа да станат историски субјект на мапата на светската политика и да се запишат во регистарот на народите. Навистина, не кревале многу буни, не се одликувале со голема колективна храброст, наведнувале глава (навалена глава сабја не ја сече), виткале кичма, секому му служеле по малку, колку што се морало, подлажувале кога требало, менувале сојузници, војувале во туѓи војски, но речиси секогаш, во клучни историски пресврти, во големо мнозинство се определувале на страната на победникот. Историски, воопшто не е спорно дека секогаш имало малцинство што лесно се подмитувало, било доведувано во заблуда од пропагандите или едноставно имало поинаква идеолошка припадност, чувство на блискост или истоветно национално чувство со друг народ што не бил меѓу поддржувачите на македонското дело.

Делбите, неслогата, меѓусебните политички расправии и оружени пресметки заземаат видно место во борбата за место под сонцето. Македонските делби, вистински или фингирини, изворни или поттикнувани од странски фактори, се обележје и на новиот век, на сегашните партии и на нивните лидери. Не случајно некои од нив се обвинуваат за предавство и за продажба на националните интереси, иако ниеден не може да се исклучи од одговорноста за сегашната ситуација кога сопствената држава им е натерана во ќош, се топи и однатре и однадвор. Кај нив сега лежи одговорноста, од нив зависи определбата по која траса ќе се движи Македонија. Одговорноста не е само пред себе и пред својата партија, туку и пред народот. Очекувањата за национално помирување и заедништво, како неминовен услов за излез од заплетканите состојби, се големи, но и проследени со скепса. Утре ќе нема место за оправдувања. Жалењата до небо, извинувањата, очигледните лигавења пред јавноста еден ден ќе го покажат вистинското грдо лице и ќе им се удрат од глава на креаторите тогаш кога најмалку очекуваат.

[email protected]