Македонија никогаш не била подалеку од Унијата

Одбивањето на Европскиот совет, самитот на ЕУ во октомври 2019, да ги започне преговорите со Македонија и Албанија, не е воопшто случајно. Заднината на овој случај е сложена и бара подлабоки анализи. Ова е третпат Унијата некоректно да нѐ исфрла од игра. Прво нѐ немаше во „Агендата 2000“, а следуваа блокадата, ултиматумот и уцената – прво името, потоа членство. Поразот тешко ни паѓа нам, бидејќи имаме нагласен интерес и консензус за членството. Меѓутоа, тоа дневно се злоупотребува. Крајно непотребно, од чист интерес на тие што капитулантски ги прекрстија државата и народот, лажејќи дека влезот во Унијата е компензација за нашето самоуништување, се создаде еуфорија дека се отвора нашиот пат кон ЕУ. Така се претендираше и минатата, 2018 година, ама датум за преговори тешко дека ќе има во скоро време.

Манипулациите за преговорите со Унијата директно ги рушат угледот и рејтингот на власта. Тоа е слаба утеха за народот, кој беше излажан дека бргу ќе се зачлениме, и затоа, осиромашен до максимум со криминални приватизации и слични политики, не се спротивстави на сопственото обезличување. А суштината е поразителна. И утре да ни одредат датум, веднаш да започнат интензивни преговори, да нема никакви сопки од нашите соседи, а ќе ги има секојдневно, шансите Македонија да стане членка за период пократок од 15 години се – никакви. Показател е Црна Гора, која преговара од 2012 година и тешко дека ќе влезе и во 2025-та, што е најавено како можност. Тоа значи по цели 13 години. А Црна Гора е едноставен случај: има нешто над 600 илјади жители, нема проблеми со соседите…

Неуспехот во Брисел, околу датумот, неоправдано се гледа низ некаква призма на француско вето или изолиран став на Макрон. Тоа е само симплифицирање на нашиот пораз. Да не забораваме дека, апсолутно намерно, Македонија беше ставена во пакет со Албанија, а беше сосема јасно дека Тирана нема реални шанси да помине. Значи, сите што инсистираа на пакетот беа фактички и против датумот за Македонија. А такви беа Франција, Германија, Грција, Италија… околу половина од членките, како што потврди и Макрон. Тоа покажува дека во заднината имаше и класичен политички маневар против Македонија. Нашата дипломатија треба да испита зошто беше така. Факт е дека сите беа свесни за незамисливите жртви што ги дадовме со прекрстување и бришење на сопствениот народ и никој немаше совест тоа да го игнорира. Меѓутоа, истовремено, немаше подготвеност да ни се отворат вратите. Поради тие причини, обвинувањата против Макрон и Франција се само штетни.

Лидерската функција на Макрон во овие епизоди, зад која сигурно има и пошироки лични амбиции, сепак не смее да се потцени. По Меркел, тој се наметнува како европски лидер што, преку суштински и принципиелни прашања што сака да ги реши, се обидува да ја извади ЕУ од тешката криза во која се наоѓа. Како последица на тоа, на пример, 64 проценти од Финците, 62 од Французите, 61 од Германците, 58 од Австријците… не сакаат проширување. Тоа не може и не смее да го игнорира никој нивни политичар. Предвремениот прием на Бугарија и Романија и долгото малтретирање на Турција оставија сериозни лузни.

Слободно може да се заклучи дека со предложената процедура во францускиот нон пејпер, влезот во Унијата ќе биде нешто недостижно во блиска иднина. Најавените измени во преговарачкиот процес значат дека тој ќе биде многу побавен, многу посуштински и – реверзибилен, со можност за враќање назад. За слаба утеха, ќе има и моркови во вид на поголеми стимулации на кандидатите. Објективно, процедурите ќе го прават членството како обид за добивање Нобелова награда. Практично, за да го постигнат тоа што (ќе) го бара ЕУ, балканските држави ќе треба да организираат револуционерни промени во функционирањето на своите општества, што не е реална опција. Ниту политичари со такви капацитети има во регионот, ниту општествата можат да издржат такви тевтонски промени во краток рок. Поставувањето такви ригорозни услови, всушност, ќе покаже дека проширувањето ќе биде избегнато на подолг рок.

Токму во тој контекст треба да се гледаат и политиките што Макрон ги најави на долгата прес-конференција по самитот и во екстензивното интервју во „Економист“. Рече: „Не сметам дека единствен однос кон земјите од нашето соседство треба да биде проширувањето“; „не функционираме најдобро со 28 членки, а не сум убеден дека подобро ќе функционираме ако се прошириме“; „треба да се има стратегиска агенда, со партнери, кои не мора да бидат идни членки“; „ќе треба Унијата да биде реформирана, за процесот на проширување да биде обновен“; „доколку не се случи колективно будење, не ќе можеме да прифатиме нови членки ниту за пет ниту за 10 години“; „многу е тешко да им објасниме на нашите граѓани дека ќе отвориме пристапни преговори со Албанија… од која доаѓаат најголем број баратели на азил“… Запрашал: „Сметате ли дека ќе се смени животот на граѓаните на Македонија кога ќе им кажеме дека МОЖЕБИ ќе влезат за десетина години?“ За да заклучи: „Не сакам ниту еден нов член додека не се реформира Унијата“.

За да разбереме што мисли Макрон, треба да се знае дека прав политичар и дипломат никогаш не велат – НЕ! Кога ќе речат – ДА, тие всушност мислат – МОЖЕБИ. А кога ќе ветат нешто со МОЖЕБИ, како во дадениов случај, тие мислат – НЕ.

Во овие настапи на Макрон за нас најзначајна беше констатацијата дека „половина од членките не ја сакаат Албанија. Сакаат преговори со Македонија, таа е мала, го смени своето име, што е вистинско историско достигнување. Никој не се плаши од неа. Ама, ако не отворевме со Албанија, ќе направевме страшна траума во регионот. Албанци има насекаде. Ако ја понижите Албанија, ќе го дестабилизирате регионот на подолг рок“. Значи, пак сме колатерална штета бидејќи – нема одвојување од Албанија. Макрон нагласи дека барем половина од членките на ЕУ се против преговори со Тирана, а приближно толку се Македонија и Албанија да одат во пакет. Тоа значи дека нашата блокада е – двојна.

Меркел изјави дека против преговорите со Македонија не беше директно само Франција, туку и Данска и Холандија. За овие две земји веројатен проблем беше пакетот со Албанија, бидејќи холандскиот амбасадор во Скопје рече дека Хаг не е против преговори со нашата земја. Запрашан дали мисли дека во блокадата на Македонија и Албанија зад Франција се криеле и други земји, тој одговори дека не мисли, туку – знае.
Во „Економист“, Макрон отиде и чекор понатаму и Босна ја нарече „темпирана бомба“. Тоа го поврза со муџахедините што се борат за Исламската држава, што не мора да биде и главниот проблем. Одредени аналитичари, овие негови изјави ги ставија во поширок контекст. Сметаат дека една од причините, ако не и главна, за политиките на Макрон против зачленувањето на преостанатите земји од Балканот во ЕУ е – нивното бројно муслиманско население. Ова е дополнителна димензија. Колку има вистина во неа, треба да се истражува.

Визиите за Унијата, кои Макрон ги изнесе во „Економист“, се апсолутно корисни ама реформите секогаш се долги и макотрпни. Најавите значат длабоки промени во Брисел, за кои многу тешко ќе се постигнува договор. Меѓу другото, тој се заложи за помала комисија и мнозинско одлучување за голем број прашања. Тоа навлегува во суштината на функционирањето на Унијата и го доведува во прашање рамноправниот третман на членките. Неговата основна заложба е максимална функционалност на Унијата и нејзино оспособување да се соочи со предизвиците што доаѓаат пред сѐ од САД (Трамп). Тој инсистира на ослободување од американското туторство, кое е неоспорно во сите области, особено во НАТО, и се залага за отворање суштински дијалог со Русија.
Ова не е ширење дефетизам. Работите мора да ги гледаме какви што се и, според тоа, да ги градиме нашите политики, амбиции и планови. Ако не сме реални и ако се самозалажуваме, никаде нема да стигнеме. Ќе се вртиме во круг и ќе одиме надолу. Нереалниот оптимизам е крајно контрапродуктивен, што се потврди и околу датумот. Март или мај 2020 година треба да се избришат како некакви меѓници. Ако се потврди дека на Македонија ќе ѝ требаат (најмалку!) петнаесетина години за влез во Унијата, што е речиси неизбежно доколку има проширување, тоа ќе значи дека е во прашање далечен футуризам, кој нема практични политички поенти во денешни услови. Освен дека треба да засукаме ракави и да ја реформираме државата, која на многу фронтови исклучително слабо функционира. Македонија треба да прави сѐ што е во нејзина моќ за што поскоро да стане дел од ЕУ, ама тоа зависи и од политиките и темпото што ги диктира Брисел. Политичарите мора да го прифатат тоа и соодветно да се однесуваат, без лажно да мавтаат со Брисел. Катастрофалните договори со Бугарија и со Грција треба да бидат поучни примери како не треба да се истрчуваме.
Ако ги постигнеме критериумите што се поставени, Брисел сам ќе нѐ кани. Дали сме способни за такво нешто?

Авторот е поранешен дипломат