Македонија (не) е голема

Токму кога ќе помислите дека чашата на понижувањата е преполнета, ќе дојде доказ дека можеме ние (поточно, тие) и повеќе од тоа. Длабочината на преспанскиот амбис е споредлива само со проширувањето на Пандорината кутија, со кое своевремено се пофали Заев. Не знаете веќе што е подлабоко, а што пошироко – но, крајот не се гледа, не го ни очекувајте, бидејќи најлошото сѐ уште не дошло. Најновата епизода се однесува на комерцијалната пропагандна кампања (на новите колективни трговски ознаки за грчките производи од грчката област Македонија) лансирана во Солун: Macedonia the GReat! Англискиот збор great има повеќе значења (може да значи: големо, ама и одлично, значајно, еминентно, славно, неспоредливо, провокласно, итн.), но нагласените две букви во слоганот GR (кратенката за Грција) алудираат на директната врска помеѓу Македонија и Грција. Првата асоцијација е онаа што ја гледаме на спортските терени каде што навивачите истакнуваат „Македонија е грчка“ (пандан на тоа е „Косово е Србија“). Итриот Мицотакис направил двосмислена кампања, која (како што објаснуваат некои медиуми и аналитичари) не била спротивна на Преспанскиот договор, ама не била во неговиот дух (на помирување)!

Кога ќе почнат да ви зборуваат за „дух“ на некој договор, јасно е дека духот крај нема – исто како Охридскиот. Рационално, па и стриктно правнички, грчката влада ја користи својата супериорна позиција во договорот (и надвор од него, т.е. и со него и без него) за да постигне повеќе цели. Прво, Мицотакис (кој и не помислува да го оспорува Преспанскиот договор, кој е буквално дар од боговите на Олимп) добива политички (националистички) поени пред јавноста, со користење слоган што не е ништо друго освен дестилиран иредентизам. Ако Македонија е голема (и грчка), тогаш државата со која се граничи таа, и која носи име Северна Македонија, нужно станува нејзин имагинарен (и привремено изгубен?) дел. Зошто, големата/грчката Македонија не може да биде ни голема, ни славна, ни комплетна – ако едно парче земја (со номинален статус на држава) фигурира покрај неа. Второ, на овој начин грчката бизнис-заедница од северот на земјата лови во матно, односно си ја јакне позицијата за во иднина, стекнува предност, пред воопшто и да почне со работа соодветната комисија, која требаше да разговара и преговара за трговските ознаки и кодови. Ние, фактички, во моментов можеме (хипотетички) да лансираме своја кампања со слоган, како на пример, Macedonia the Greater/the Greatest – и да се надмудруваме со соседите! Велам, хипотетички, бидејќи виткањето ’рбет е државна политика: ја видовте на озареното лице на Заев среде саемот во Солун, каде што се фалеше дека ја развива стопанската соработка со важни грчки инвеститори, кои сакале да вложуваат во Северната. Како што еден реномиран европски коментатор не можеше да се изначуди што Пендаровски се пофали со сликата на која се ракува со Макрон, така еден друг извикна: ова е навреда по повреда! (Идејата му беше дека кога некого ќе осакатите, па уште и го навредувате поради таа негова бедна позиција, тоа е крајно безобразие и нехуманост.) Но не е до Грција, ниту до Мицотакис – до нас е! Ви текнува на прекрасните спотови на Милчо под назив „Македонија вечна“ (Macedonia Timeless) во функција на туристичка кампања? Граџанството се вџашуваше од тој национализам, па од пред извесно време се ребрендираше во North Macedonia Timeless (Северна Македонија безвремена/вечна). Нашата мака е со оние што лажно се претставуваат како наши легитимни политички претставници. Уште пострашно е што најголемата опозициска партија се крие зад некаков легализам, па не ѝ паѓа на ум ни да проговори, а не пак да стори нешто на овој план. Додека Грција, макар и симболично, освојува трговски пазари со македонски производи, нашиве само гледаат како да дојдат на власт (и да куртулат од одговорност). За нив Северна е вечна, си клекнале на брашно, и само измислуваат причини зошто да не се спротивстават (како во бајките кога кралот поставува невозможни барања за оние што ја просат раката на принцезата). Но ова не е бајка туку нашиот живот со кој си играат.

Но преспанскава сага има своја трагикомична страна. Не мина ни еден ден, а се покажа дека убавото видео со кое се промовираше „Грчката/големата Македонија“ е компилација на евтино купени видеоматеријали, кои воопшто и не ја прикажуваат Македонија или нејзините производи. На пример, лозјата и грозјето се од Тоскана, Италија. Значи, оние што веќе 30 години тврдат дека ние сме иредентисти и им ја крадеме историјата и идентитетот, се китат со туѓи пердуви, и тоа за евтини пари. Тука би можеле да се ситиме, да покажеме злорадост, но пораката е многу подлабока и трагична. Мицотакис (кого, патем, „Фајненшл тајмс“ и други медиуми веќе го обвинуваат за кршење на владеењето на правото и фаворизирањето на олигархијата во земјата) може да покажува мускули пред еден Заев (што и не е некој подвиг, нели), но е помал од маково зрно кога го распродава она што малку што преостана на Кинезите. Да скратам: трагиката на Македонија (и нивната и нашата) е што нема со што да се гордее, ниту со што да биде конкурентна на светскиот пазар! Двете земји (со се двете Македонии) се банкрот, ставени на добош, молат како просјаци некој нешто да инвестира/купи, додека тонат во долгови. Затоа, оваа пропагандна „војна“ е всушност бесмислена.

Многу позагрижувачки, и ни малку смешни се визиите за т.н. мал шенген, бидејќи зборуваат за тотално изгубениот компас (ако некогаш го имале) македонските политичари и нивните советници (особено како онаа за НАСА и Елон Маск, која покрај со професорска плата ја плаќаме уште со 1.000 евра месечно за да биде изгубена во вселената – и историјата). Всушност, оваа „визија“ е само ребрендирање на гетото, кое досега се викаше Западен Балкан (со променлива геометрија/географија). Но гетото останува гето, црната дупка е темниот вилает на ЕУ, како економско-политички простор без перспектива, освен да служи како гето и кој е темпирана бомба за геополитичка дестабилизација. Ако сакате, Балканот се враќа стотици години наназад, од времето кога црногорскиот крал Никола во интервју за дански новинар ќе ја каже точната дефиниција (и проекција): Балканот служи како кусур во трансакциите на големите сили. Токму тие ѝ кумуваа на првата Југославија, а ја растурија кога не им беше потребна; сега се надмудруваат меѓусебно, врз база на сопствените национални, а не европски интереси, излегувајќи сосема од онаа (божем славна) европска агенда (дефинирана во Солун, во 2003 година). Лично, отсекогаш сум мислела дека да беа паметни (како што не се), балканските народи/лидери ќе работеа на меѓусебно поврзување на сите нивоа (па, ни балканска социјалистичка федерација на еднакви основи не би ми била туѓа), за да не бидат плен за геополитичките грабливци и експлоататори. Но ликови како Вучиќ, Рама и Заев се не само карикатури, туку идеални пиони (корисни идиоти), а не визионери. Во еден извонреден текст, Андреј Николаидис ја разбиструва маглата зад овој божем алтернативен балканско-европски проект, чиј дизајн учествуваат неколку големи сили – водени од различни (себични, па и контрадикторни) интереси. Малиот шенген, според него, е замислен како камп за мигранти и „чистилиште“ во кое ќе се врши избор кој може, а кој не може во рајските ливади на Западот. Грција и Бугарија се европската периферија, овој малкиа шенген (што би рекле Бугарите) е периферија на периферијата, ама и простор што се милитаризира, т.е. кој стана клиент на американската и француската воена индустрија – без оглед на сиромаштијата и задолженоста на клиентите. Што позадолжени, толку попослушни. И полесни за манипулирање. Изворот на проблемите, како и во 1914 година, не е Балканот, туку длабоката криза на империјалниот капитализам, кој во новата ера на мултиполаризација сосема ја „балканизира“ Европа, онаа што требаше да нѐ европеизира, т.е. пресоздаде според сопствениот лик. Тој лик на божем социјална заедница, заедница на народите, а не на државите, е само фасадата зад која секогаш стоеле капиталот и моќта, а не правдата и слободата. Најмалку еднаквоста… Затоа француското „не“ за Македонија не е никаква трагедија – трагедија е што континентот јури кон сопственото самоуништување. Ние сме тука неважни, потрошни и колатерална жртва за која никој нема да рони солзи. Затоа, Македонија е мала, од која страна на границата и да ја гледаме или географски детерминираме – империјата е Европа, а императорот е гол.