Македонија на Македонците, земјата на земјоделците

„Ве замислувам во ова судница како сериозни, достоинствени и целосно убедени дека се грижите за задоволувањето на правдата. Да го тргнеме настрана фактот дека во мојот случај имате работа со закон, каков што нема друг на светот и за кој многу ваши колеги правници сметаат дека овој закон е правен изрод и реакционерно чудовиште… Да претпоставиме дека го земате тој закон – како и секој друг закон – за валиден. Пред вас ќе биде мојата брошура во која ја презентирав целата вистина за Македонија… Знам дека ќе ми кажете дека работите што ги напишав и кажав на сослушувањето за Македонија се страшни и тешки и дека не смеат да се кажуваат – дури и ако се вистинити – затоа што тоа им штети на повисоките интереси… Јас видов како поради вашите ’повисоки интереси‘, стотици илјади српски мајки беа завиткани во црно токму поради Македонија, и уште неколкупати по сто илјади македонски, бугарски и грчки мајки – и сето тоа без никаква корист за народите на Балканот. Гледам дека заради вашите ’повисоки интереси‘ ќе се создадат уште многу нови костурници на балканските народи. Затоа јас – и секој што мисли како мене – мора да продолжиме да ја зборуваме вистината за Македонија, и јас ќе се погрижам да придонесам за подигање на свеста на сите балкански народи, и да ги спречам идните костурници поради Македонија, и да им застанам на патот на оние што ги подготвуваат оние гробници да се обединат во братски сојуз. Затоа ми се чини дека мојата вистина е во опасност од вашата правда“.
Драги мои, ова е изјавата што Коста Новаковиќ ја дал на судењето што со одржало во далечната 1924 година во Србија, а се случило по повод објавувањето на неговата книга „Македонија на Македонците, земјата на земјоделците“. Коста Новаковиќ е интелектуалец, професор, активист на Комунистичката партија на Југославија, емигрант во Русија и жртва на Сталин и Коминтерната по чија наредба е убиен со обвинение за реакционерство во 1938 година во Москва. Гледате, сѐ е тука, Србин, Русија, Коминтерна, Македонија, Македонци и повик за борба против оние што заради Македонија и Македонците создаваат сојузи што водат кон нови војни и гробници. Од почетокот на создавањето на српската држава, Македонија и Македонците активно учествуваат како борци, но и како нејзини претставници. Да не заборавиме, првиот договор за прекин на борбите и создавањето на првата српска слободна територија, чие постоење формално го признава султанот, е постигнат благодарение на упорната дипломатска игра на Македонецот Петар Ичков, кој за Србија и за Србите го постигнал познатиот „Ичков мир“. Илјадници Македонци се бореле рамо до рамо со Србите речиси десетина години. Некои од нив толку многу се истакнале во тие битки што добиле имоти, работа и биле унапредени со чинови во војската и наградени со државни пензии. Најпознатите меѓу нив се Илија Марков и Димитар Поп Ѓорѓиев. И во тие години, вклучувајќи и во времето на првото српско кнежевство, Србија кон Македонците искажува отворена поддршка, секако, тргнувајќи од интересот дека немирна Македонија значи помалку турска војска во Србија, но насекаде јавно се афирмираат поддршката и признанието на Македонците на нивното право за ослободување од Турците и приклучување кон идниот балкански сојуз на слободни православни народи.
Таа прикаска завршува во моментот кога браќата Бугари, кои исто како и Македонците рамо до рамо се борат со Србите против турците, некои дури и во исти легии, како што се Илија Марков, Димитар Поп Ѓорѓиев и Васил Левски, откако ќе ослободат еден дел од Мизија и ќе го формираат кнежевството Бугарија, почнуваат војна против Србите. Од тој момент почнува борбата на Бугарија и Србија за приграбување на територијата на Македонија и побугарување или посрбување на Македонците. Таа приказна, како што гледате, драги мои, трае и ден-денешен, со не помал интензитет, сила и средства, со крајна цел победа, во оваа, сега сосема е јасно – четврта балканска војна, исто како и Втората во 1913 година и оваа четврта во 2021 година е официјализирана од Бугарија со образложение дека не се задоволни од поделбата на Македонија. Пред една недела, министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева, изјави дека не е задоволна од онаа што го добила од Македонија наспроти тоа што го добиле Грција и Србија! Да, ние сме во среде војна. Ако мислите дека таа војна е само дипломатска и медиумска, тогаш помислете на 2001 г., на Диво Насеље, на Смилковско Езеро и на сите тие битки што допрва ќе се случат, со крајна цел пораз на Македонците и поделба на Вардарска Македонија помеѓу Албанија и Бугарија. Сето тоа се случува на фон на хаосот во империјата, на крајот од деветнаесеттиот век отоманската, а сега евроамериканската, која потоната во сопствените недоразбирања и внатрешни прегрупирања ја остава сама на себеси периферијата на Балканот, некогаш нарекуван источен, а сега западен. Војната за Македонија се води со знаење и поддршка од Соединетите Американски Држави, Германија, Франција и Британија. Вие може да ги затварате очите, да верувате во нивните добри намери, во изјавите за европска иднина на Македонија и Македонците, но само една минута, една минута размислувајте без страв, ослободени од притисокот на стигми и етикети, и ќе видите како триесет години се работи на растурање на државата Македонија и разединување и исчезнување на Македонците.
Сѐ друго е лага и, секако, манипулација на воената пропаганда на завојуваните страни. Па сигурно не очекувате министерствата за надворешни работи во Софија, Тирана и во Скопје да ви кажат на прес-конференција дека оваа борба се води за целите што погоре ги напишав? Тие ќе го негираат тоа, исто како што криеја и негираа дека има тиранска платформа, Преспански договор и промена на име и устав, бугарски договор и постоење на анекси и документи во Европската Унија, со кои се брише постоењето на македонскиот народ. И сето тоа ќе се прекрива, негира и релативизира сѐ до моментот кога во војната активно ќе се вклучи и Србија. Тогаш ќе се случи и разврската. Ова не е симулација и претпоставка, туку само повторување на историјата, како циклуси на природата на нештата. Во овој момент во јавноста, со изјави на политичари од Бугарија, Косово и од Македонија, се создава антисрпска коалиција помеѓу Албанија и Бугарија, во која се повикува на бугарско-албанското пријателство што започнало со Призренската лига, а понатаму било продлабочувано помеѓу ослободителните организации и подоцна помеѓу официјалните влади на државите Албанија и Бугарија. Круна на новата активна коегзистенција помеѓу двете нации е признавањето на правата на бугарското малцинство во Албанија, кое, секому му е јасно дека не постои поради физичката дистанца, па целата таа политичка операција е со цел бугаризација на Македонците во Албанија, која е започната пред петнаесет години со издавање бугарски пасоши за Македонците во преспанскиот и горанскиот крај.
Очекувам, според интензитетот на операциите, наскоро да се случи и неофицијален пакт помеѓу Бугарија и Албанија, (Каракачанов во меѓувреме повика Албанија сама да продолжи по патот на евроинтеграциите, а Рама се јави со свој одговор!) по примерот на пактот во Втората светска војна, кога фашистичките влади на Бугарија и на Албанија си ја поделиле територијата на Вардарска Македонија по планот отаде и пред Групчин, актуализиран за време на војната од 2001 година од тогашниот идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, а официјално поддржан и предлаган како решение на кризата со поделба на Македонија, од неколку академици, а најмногу од премиерот на Владата, Љупчо Георгиевски, чии исти ставови се актуелни и ден-денешен, а ги читате по мрежата и ги гледате на телевизија секој ден. Денес, претставник на Владата за договорот со Бугарија е Владо Бучковски, кој во таа 2001 година кога и неофицијално започна оваа војна, беше министер на одбраната, која капитулира пред притисокот од САД и од Европа. Да биде иронијата уште поголема, тој, за време на таа војна, како министер, проневерил пари што биле наменети за воена опрема за одбрана на државата. И за тоа не одговараше, и покрај пресудите. Сега, можете да ја вртите главата повторно, ваша работа, може да зборувате дека ова е само симулација, фикција, илузија, ништо од ова не е вистина, ова се измислици, лажни вести, не постојат вакви активности и планови, имате волја и слобода да мислите и да правите што сакате, но ова се факти што нема да се променат затоа што вие така сакате. Каде е во ова приказна Владата на оваа земја? Затворете очи пак за една минутка. Помислете што сѐ се случи во последните четири години? И пак отворете ги очите и кажете дека тоа не е вистина. Вистината, драги мои, е грда, непријатна и неподнослива за гледање. Вистината е нечиста, смрдлива и парталава. Но таа е нашата вистина. Секој обид да ја отфрлате вашата грда вистина со идеја дека некој друг ќе ја разубави за вас и за ваше добро, а притоа се сметате себеси за образован човек, добар татко, мајка, брат или сестра, родител подготвен за саможртва заради сегашноста и иднината на вашето семејство, таа иста гадна вистина, на крајот гадно ќе ве расклинка и разобличи како гаден лицемер и страшливец што не сакал да го види најочигледното.
Но тоа е друга тема, драги мои. Да се вратиме ние кај Србија и кај Србите. Како им станале тие сојузници на Македонија и на Македонците? Просто, ви објаснив погоре. Како ќе станат Србија и Србите единствени сојузници на Македонија и Македонците денеска, ви објаснив исто така. Што треба да прават Македонија и Македонците за тој сојуз и тоа сојузништво? Ништо. Како и во историјата, така и сега, за тој дел од работата ќе се погрижат Бугарија и Бугарите, а ќе содејствуваат Албанците од Македонија и од Косово. И засекогаш, ама овој пат засекогаш, Бугарите ќе ги прекинат сите врски со Македонија и со Македонците. Многу пати повторив, пак ќе повторам: само оној што си ја знае историјата, може да ја живее сегашноста и да ја предвиди иднината. Јас, исто како и Коста Новаковиќ пред сто години, ќе пишувам за вистината за да им застанам на патот на оние што повторно прават нови сојузи што водат кон нови војни и нови гробници на Балканот. Пишувам за војната, од страв за мирот. И да, верувам дека единствениот излез од оваа ситуација е во суштината на повикот: Македонија на Македонците. Во наредната колумна ќе пишувам за позицијата на Србија наспроти признавањето на независноста на Косово, ситуацијата во Босна и поделбата на нови сфери на влијание. Што ќе изгуби Србија? Но и што ќе добие? По војната ќе започнат преговорите. Србија ќе мора да добие компензација за изгубената Хрватска, Босна и Косово. М?
Авторот е режисер и универзитетски професор