Македонија на дланка или НАТО и ЕУ на гранка

Настани, симболи, алузии

Несомнено, по децении свечено и обединувачко славење на денот на двата празника, ова беше првиот Илинден што има специфични и сосема различни стратегиски и национално поставени говори, нова, кавгаџиска содржина, во кои се доведуваат во прашање националната идеја и определба. Од друга страна, ова е сигурно и последниот Илинден на кој (и за кој) се употребени термините Република Македонија и придавката македонски народ. Колку и да имаше обланди во говорите, клучната поента беа ставовите околу спогодбата за името со Грција и позитивните или негативните последици од неа. Што кажаа Заев и Иванов, а што велат Грците

Во дваесет и осумгодишната кратка историја од целосната независност на Република Македонија, односите меѓу претседателите на државата и на Владата речиси никогаш не биле слика на единство и едногласие по клучните прашања за насоките за развојот на државата. Освен тоа, во центарот на нивното внимание никогаш не било на дневен ред поставувано прашањето за судбината на македонскиот народ, на македонската нација посебно, во рамките на новите балкански и глобални светски околности, движења и стратегиски планови. Нивните несогласувања, понекогаш јавни, понекогаш прикриени, некогаш дури и инцидентни, почесто ја вжештуваа наместо да ја смируваат јавноста. Таквиот континуиран однос, секако, има негативен одраз врз општата ситуација што владее денес, во драстичната поделеност на Македонците по многу основи и во парализата на институциите што треба да работат во полза на граѓаните. Сите до еден што беа на едната или на другата функција, со мал исклучок на Киро Глигоров, имаат несомнен придонес Македонија да биде на најдолните скалила по рангирање за каков било напредок.

Можеби врв, но не и кулминација, што допрва може да се очекува, се односите меѓу претседателот на Владата, Зоран Заев, и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, особено по говорите во Пелинце и на Мечкин Камен, одржани по повод одбележувањето на 2 август, 115 години од Илинденското востание и 74 години од АСНОМ. Сега, кога власта го минува краткиот одмор, кога подоладија управувачките глави, стивнаа емоциите на граѓаните и се потсмирија страстите на медиумите, може да се направат еден поладнокрвен преглед и кратка анализа на тоа што беше речено и што предизвика бура од коментари.

Несомнено, по децении свечено и обединувачко славење на денот на двата празника, ова е првиот Илинден што има специфични и сосема различни стратегиски и национално поставени говори, во кои се доведуваат во прашање националната идеја и историска определба. Од друга страна, ова е сигурно и последниот Илинден на кој (и за кој) се употребени термините Република Македонија и придавката македонски народ. Колку и да имаше обланди во говорите, клучната поента беа ставовите околу спогодбата за името со Грција и позитивните или негативните последици од неа.
Но ајде да видиме, накратко, што рекол Заев, што кажал Иванов, што пишува во спогодбата за името и како сето тоа го толкува грчката влада. Колку за летимичен преглед и соодветна споредба.

Што рече Заев
Претседателот на Владата, Зоран Заев, во еуфорија што не го напушта, го држи активен и буден, рече дека договорот (упорно го употребува зборот договор иако беше присутен и гледаше како се потпишува спогодба а не договор) со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и дека тој е влог во македонската иднина, кој го расчисти патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ. Според него, договорот (Собранието има ратификувано спогодба, никаков договор) го потврди и заштити македонскиот идентитет, го гарантира правото да се определуваме како Македонци. Нема повеќе оспорувања. Според членот 7 од договорот, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш. Според договорот, нашето државјанство ќе биде: македонско/граѓани на Северна Македонија. Официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“, кој е преводлив на сите јазици, македонскиот јазик е потврден – идентитетот зачуван.

Така рече Заев. Јасно е дека претседателот на Владата, со сите ризици што ги презема, ги гледа само позитивните страни на спогодбата. Не посочува и не признава ништо што е негативно или на штета на Македонија и изразува подготвеност да го изоди патот до конечното нејзино спроведување по секоја цена, дури и по лична политичка жртва. Тука ги има предвид и ризичните промени на Уставот, дебата што ќе дојде на дневен ред по референдумот и што може уште повеќе да ја усложни ситуацијата и да предизвика поголеми национални и меѓунационални турбуленции отколку голото прашање за промената на името, за што Албанците гласаат сто два отсто.

Што кажа Иванов
Претседателот на државата Ѓорге Иванов на Мечкин Камен вниманието го сврте главно на негативните последици, не спомнувајќи ниту една позитивна, што несомнено ги содржи спогодбата. Несвојствено за него, говореше без ракавици, што се вели, сосема спротивно од она што подолго време го говори претседателот на Владата, а го нагласи во Пелинце. Таков говор од претседател на држава во нормална ситуација не би очекувал никој, како што многумина не очекуваа и експресно му пресудија. Во мнозинство говорот е оценет за скандалозен, но до денес не е демантиран со поинакви факти. Или, гледано поинаку, така би постапил претседател што располага со поинакви јавни, полутајни, разузнавачки или класифицирани информации и држи во рака скриени адути што подоцна би ги изнесол на виделина.

Претседателот на државата речиси сите изјави дадени од Заев и неговите соработници ги прогласува за очигледна лага од јавна трибина, пред насобран народ. Тој вели оти е лага тврдењето дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74-годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државноправниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27-годишната историјата на независната македонска држава.

Лага е дека со овој грчки договор (и тој употребува погрешни термини во именувањето) се гарантира членство во Европската Унија и во НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и во НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и во НАТО не следува по автоматизам. Лага е дека со овој договор конечно ќе сме станале рамноправен субјект со тоа што Грција ќе нѐ признаела. Напротив, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република. И конечно, лага е дека со овој грчки договор се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој нѐ уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја.

Тоа го кажа Иванов. Ако неговата последна цитирана реченица се разјаснува со народната поговорка дека е подобро врапче во рака одошто гулаб на гранка, може послободно да се парафразира на следниов начин: Иванов е за Македонија на дланка, а Заев за НАТО и ЕУ на гранка. Или, објаснето со боксерски јазик, јасно е дека Иванов со говорот не ја фрли крпата во рингот за да го предаде мечот, туку фрли ракавица за нов предизвик. Иако навидум изгледа како грогиран боксер, најави нова рунда на продолжување на отпорот. Оваа нивна беспоштедна битка префрлена и врз свеста и плеќите на граѓаните, сигурно не оди во прилог на смирување на ситуацијата или постигнување некакво, макар и минимум, национално единство.

Што пишува во спогодбата
Во постигнатата спогодба, во членот 1 пишува дека официјалното име на втората страна (поранешна ФИРОМ) ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на втората страна и ќе се употребува ерга омнес, како што е предвидено. Скратеното име на втората страна ќе биде „Северна Македонија“’. Името и термините наведени во членот 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Државјанството на втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни исправи.
Официјален јазик на втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г., и како што е опишано во членот 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба. Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа спогодба.

Што пишува во членот 7? Пишува: страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Во однос на првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. Во однос на втората страна, овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во членот 7, став (2).

Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и другите одлики на втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на првата страна.
Во спогодбата го пишува буквално и следново: по влегувањето во сила на оваа спогодба, а земајќи го предвид членот 1, параграфи (9) и (10), страните ќе ги користат името и термините од членот 1, став 3 за сите намени и цели ерга омнес, односно за внатрешна употреба, потоа во сите нивни билатерални односи и во сите регионални и меѓународни организации и институции. По влегувањето во сила на оваа спогодба, втората страна веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата оттогаш понатаму внатрешно да ги употребуваат името и термините од членот 1, став 3 од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали.

Од меморандумот на грчката влада
Сега да видиме што кажуваат Грците. По потпишувањето на спогодбата, грчката влада објави официјален меморандум за придобивките што ги постигна Грција. Во него се нагласува дека кај втората страна сите епитети на државни и пошироко јавни институции, како и на иселенички/културни организации финансирани од страна на државата ќе бидат одредени со терминот „Северна Македонија“, со истовремено отстранување на одредницата „Македонија“.. Името ќе биде регистрирано во Уставот со неопходна уставна ревизија. Истовремено, над 140 земји што денес ја признаваат таа земја под името „Македонија“ ќе ја признаат како „Северна Македонија“. Во договорот се предвидува државјанството во Северна Македонија да биде ‘Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia’. Тој неодвоив термин го заменува едноставниот „македонски“, кој сега им е во патните исправи, така што тоа е јасно подобрување.

Понатаму се нагласува дека е осигурено сите иредентистички референци да бидат избришани од Уставот на соседот. На пример: А. Ќе биде избришан членот за поддршка на нивната дијаспора. Во тој контекст ќе бидат тргнати референците за заштита на „македонското малцинство“ во соседните земји. Б. Ќе биде заменет членот за заштита на границите така што ќе бидат исклучени сите проблематични наводи. В. Ќе бидат отстранети дури и индиректните историски референци од преамбулата на Уставот.
Владата појаснува дека прифаќањето на „ерга омнес“ од втората страна е голем дипломатски успех на Грција, бидејќи во минатото не беше прифаќан ни како основа за дискусија. Тоа значи дека нашите соседи не само што ќе го користат договореното име во своите меѓународни односи, во меѓународните организации, меѓународните форуми и меѓународните документи, туку и внатре во земјата.

Толкувањата на Коѕијас
Министерот за надворешни работи и потписник на спогодбата Никос Коѕијас во неколку интервјуа даде и подетални објаснувања. Според него и неговите објаснувања, никој не може да ги натера Македонците својата држава да не ја викаат Македонија и својата националност да ја именуваат како Македонци. Но со тие имиња во својата држава може да се идентификуваат само на индивидуално и неофицијално ниво. Што би се рекло, само приватно, никако службено. Официјално, најпрвин во Уставот, а потоа во сите државни и лични документи, кај сите институции и за сите граѓани ќе се впишува новото име. Јавната употреба на старото име, односно на името Македонија и придавките од неа (дериватите – Македонец, Македонка, македонски, македонско) во официјални документи, од официјални лица или на официјални говори ќе биде противуставна и контра спогодбата и Грција ќе интервенира и ќе се жали за секое такво прекршување. Значи: освен името на јазикот што останува македонски, за сѐ друго во официјална употреба, ерга омнес, ќе биде новото име и изведенките од него.