Македонија е убава земја, но лоша држава

Сега, што по приемот во НАТО? И покрај добиените честитки од меѓународната заедница, никој не ја ослободува Владата од одговорностите за лошата политика. Напротив. Испиеното шампањско во Лондон лесно и брзо може да загорчи дома. Актуелната влада, која го изнесе целиот товар врз свои плеќи, или идната, по вонредните собраниски избори, се должни да покажат многу поголема степен на одговорност за судбината на државата и граѓаните. Притоа, во „едно општество за сите“, политички модел што почна барем формално да се спроведува, не смее да се занемари статусот на македонскиот народ, кој иако најмногуброен во државата, постепено ги губи примарните надлежности и одговорности, каде што спаѓаат и јазикот, писмото и националната определба

Веќе е јасно дека Македонија е фактички во НАТО, најголемата (и единствена) мултинационална алијанса во светот, а Македонците сѐ постари и поуморни, изневерени од триесетгодишните очекувања и со потрошените животни радости го дочекаа тој ден. На една страна славје за актуелната влада што седна на заедничка маса (на северномакедонско столче) со светските лидери, а на друга, поделени мислења меѓу политизираните граѓани. Тенка е границата меѓу берењето лаври за приемот и резигнираноста за високоплатената цена со промена на името и со други дадени отстапки. За народ каков што е македонскиот, кој во еден свој дел има превисоко мислење за себе, дури и еден ваков чин се прима со доза резерва и одреден степен недоверба. Впрочем, таквото расположение уште порано го покажаа некои од Македонците, кои масовно го бојкотираа референдумот поврзан со условеноста меѓу НАТО и името, од септември 2018 година. Граѓаните го искажаа своето мислење, но политиката излезе како победник.

Може да не го сакаме Зоран Заев како претседател на Владата, може со право да му се лутиме за промената на името на државата, но мораме да му ја признаеме навидум наивната упорност со која го водеше овој процес, кој сам по себе има историски димензии. Македонија во НАТО и со НАТО, барем формалноправно, ќе стане поинаква држава. Ако се имаат предвид позитивните искуства на другите држави што подоцна станаа негови членки, вклучувајќи ги сите земји од поранешниот таканаречен Источен блок, треба да се очекуваат промени кон подобро, иако не се исклучени и неповолни појави. Во секој случај, треба да биде јасно дека и со НАТО, како и досега без него, во Македонија нема да тече мед и млеко, далеку е од тоа да стане медена земја. Македонија е добра земја, но е лоша држава, поточно лошо организирана држава.

НАТО, предводено од САД, е времето во кое живее (или со кое живее) повеќе од половина свет, тоа е глобалниот господар што владее, што создава и урива, војува и помирува. Токму таа реалност ја натера Македонија да се доближува до таа не баш најправедна воено-политичка организација. Влезот во НАТО сигурно не била желба на генерации Македонци, како што во говорот во Лондон егзалтирано изјави претседателот на Владата, туку е потреба на денот, на денешниот и идниот. Тој направен исчекор колку што е израз на македонска народна волја, толку е и мека американска принуда, засилена и забрзана од ним познати причини. Порано или подоцна тие мотиви дел по дел ќе ги дознава македонскиот политички естаблишмент, кој нешто ќе соопштува јавно, по нешто ќе се обидува да скрие или пропагандно да ублажува. Отсега НАТО ќе биде командниот центар за македонската политика, речиси ништо покрупно не ќе може да се преземе без да се прашаат нивните задолжени службеници.

НАТО не е цвеќе за мирисање, но може да биде смртно опасно ако се остане надвор од неговата ограда. Особено што Македонија нема сила да води независна надворешна и воено-одбранбена политика, ниту, пак, може да остане воено неутрална, а уште помалку смее, барем во сегашните геостратегиски распределби, да се вовлече под крилото на Русија. Може македонските граѓани да се незадоволни, да бидат сосема во право кога ја обвинуваат Алијансата за двојни аршини,за воена суровост, за нанесување неправди на цели народи и држави, но за неа таквите критики не значат ништо. Може да пцуеме поради името, може да се повикуваме на меѓународното право за неправдата при неговото менување, може на секој чекор да укажуваме дека тоа е антидржавен чин, да тврдиме дека со дадената согласност Заев изврши велепредавство, но сите тие факти немаат вредност пред реалната политика на меѓународната заедница, а најмалку кај Американците, кои се оперирани од политички чувства. За разлика од нас, Македонците, кои емоциите често ги ставаме пред разумот.

Сега, што по приемот во НАТО? И покрај добиените честитки од меѓународната заедница, никој не ја ослободува Владата од одговорностите за лошата политика. Напротив. Испиеното шампањско во Лондон лесно и брзо може да загорчи дома. Актуелната влада, која го изнесе целиот товар врз свои плеќи, или идната, по вонредните собраниски избори, се должни да покажат многу поголема степен на одговорност за судбината на државата и граѓаните. Притоа, во „едно општество за сите“, политички модел што почна барем формално да се спроведува, не смее да се занемари статусот на македонскиот народ, кој иако најмногуброен во државата, постепено ги губи примарните надлежности и одговорности, каде што спаѓаат и јазикот, писмото и националната определба. Без таа грижа, без подигнување на неговото мнозинско политичко значење, не на штета на другите, Македонија ќе биде членка на НАТО, но сама од себе ќе почне да се топи и исчезнува. Членство ќе има, македонска држава ќе нема.

На погрешен терен ќе се најдат двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ ако во предизборниот период се занимаваат со шпекулации, ако влегуваат во нерационални дискусии кој бил во право кој во криво. Припишување на славата само на едната страна нема да биде израз на реалната вистина, зашто и едната и другата дадоа придонес на патот за приближување кон меѓународната заедница. Обврска на двете партии не е да се обвинуваат и караат меѓу себе, туку да понудат решенија што на државата, под покровителство на НАТО, ќе ѝ обезбедат политичка и економска стабилност, да го подобрат животниот стандард на граѓаните. Нужен е просперитет на секое поле, залечување на комплексот на поразена нација, обнова на духот и враќање на надежта дека Македонија ќе стане нормална, демократска држава, пристојно и достојно место за живеење.

Ако се загубени шансите за постигнување национално единство, сон што Македонците никако не може да го претворат во стварност, не треба да бидат загубени можностите за минимално партиско разбирање, за почест меѓупартиски дијалог, за постигнување разумни компромиси. Ако се најдоа и прифатија компромиси на државно ниво со други држави, неразбирливо е да не може да се најдат и на меѓупартиско, барем за неколку национални и државотворни точки. Нивните раководства немаат одговорност само пред своето членство, нивната одговорност е многу поголема, се протега на целата територија и се полага пред секој граѓанин поединечно. Триесетгодишните меѓупартиски кавги, речиси од нивното формирање до денес, не ѝ донесоа добро на самостојната држава, од нив граѓаните имаат повеќе штета одошто корист. Сите сакаме оваа убава земја да стане и убава и добра држава, но најмалку правиме таквите посакувања да станат реалност.

[email protected]