Македонија е сѐ што немаме

Да, низ годините сум им пишувала безброј пати, во директни обраќања или со отворени писма. Разбирањето и поддршката стигнувале на еден или друг начин, но без поголем или потраен ефект. Како што течеше времето со т.н. спор за името, луѓето се заситуваа и уморуваа, а си имаа и свои поприоритетни проблеми. На нашите проблеми гледаа(т) како на мачкина кашлица. Остануваат полуинформирани, бидејќи комуникацијата не е редовна, а мејнстрим-медиумите пеат иста песна – чиј рефрен завршува со принципот KISS (Keep It Simple and Stupid), кратенка смислена од мојот драг шведски колега Јан Оберг. При информирањето не се оди во коренот на проблемите и во сложеноста на ситуацијата (која и да е), зашто на читателите/гледачите треба да им се пласира нешто што ќе го проголтаат полесно и без многу да се замислат.
Европската Унија веќе втора деценија е во криза, која само се продлабочува, а не се решава. Одделните европски општества се обременети со секакви проблеми, од социоекономски до културни. Популизмот е во пораст, велат, а и авторитаризмот цвета на европска почва. Протестните движења се импотентни, но постојани.

Во моментов се фокусирани на проблемите поврзани со пандемијата, а највидливи се оние што се против мерките на властите за справувањето со здравствената криза. Овие што протестираат тврдат дека им се прекршени човековите права, па дури и дека пандемијата е само обична теорија на заговор заради контрола на човештвото. Тоа ептен им пасува на оние од крајната десница, па фашисти и усташи се во првите редови во „борбата за човекови права“. Немам веќе намера да пишувам за фактот дека флоскулата за (наводни) европски вредности е политички продукт на една империја во одрекување (Дејвид Чендлер). Нема ништо специфично европско во она што се набројува (мир, демократија, човекови права, владеење на правото, солидарност) – сето тоа се општочовечки вредности, ама Европа отсекогаш сакала да се кити со туѓи пердуви. Унијата никогаш и не била за вредности, туку за интереси, првенствено економски/корпоративни. Кој ова не го гледа и знае, или е наивен или свесно ја бутнал главата во песок. Еден таков е Нато Ружин (молам лекторот да не поправа, не е грешка), за кој патриотизмот е провинциска и надмината работа. Тој, се разбира, нема да ви каже дека дури и Тони Блер им порачуваше на Британците „ние сме патриотска нација“. Впрочем, што ви објаснувам? Поголеми националисти (особено јазични националисти) од Французите нема на планетава, ама сето тоа е спакувано убаво во европската приказна. Истото тоа е и со Германија, да не се лажеме.

Можете ли да замислите КОЈА БИЛО нација на светот што би се лигавела како нашата? Ја газат, ја бришат, ја преименуваат, квазинаучни комисии ѝ пишуваат историја, ѝ велат дека не постои, дека е измислена од Тито, ама таа вели (низ устата на нејзиниот ступиден премиер и сите околу него): ова не е ништо, можеме ние и повеќе да издржиме. Уште кога се наближуваше Преспа, некои од нас укажуваа дека зад ќошето нѐ чека Бугарија, која само се смешка гледајќи како Грците ја вршат валканата работа и кршат една мала нација, позната како „јаболко на раздорот“. Кога Грците завршија со нас, на ред се Бугарите. Ако ултиматумот на Грција беше националистички (или ако сакате, антиквизациски во стилот „зошто вие да имате антиквизација кога ние сме многу подобри во таа дисциплина“), овој на Бугарија е нескриено фашистички. Ист како секогаш кога станувало збор за најромантичниот дел од (божем) нивната историја.

И за ова сум зборувала со колегите од странство. Тие се згрозени, но велат: Ти молчи, зошто ако се буниш, тогаш си националист; кога ние зборуваме за тоа што ѝ се прави на „кутрата Македонија“, ние сме интернационалисти! Ве уверувам ова е вистински дијалог со еден од најбрилијантните умови од бивша Југославија. Тој смета дека Македонија е жртва на грчкиот империјализам и дека грчкиот национализам е најпримитивниот на Балканот – и сето тоа го има кажувано на нивните ТВ-дебати. И толку! Зборувала јас или не, била јас националист или не, толку е од братската интелектуална солидарност и помош. Ќе кажат „кутрата Македонија“ и ќе си ја смират совеста. Веднаш се префрлаат на нивните усташи, клерот, корумпираните елити итн. Зарем мислите дека некој сериозно (и подолготрајно) се занимава со Македонија? Не! Животот тече, светот изгледа катаклизмично, па нашиве проблеми им личат на мачкина кашлица. Верувам дека во себе си велат: аман, па зарем најважна работа е какво им е името и дали нивниот јазик е признаен или е бугарски дијалект? Битно е да не се националисти, особено професорите и националистите, битно е да се движат кон Европа. Ова го вели дури и оној што кога Хрватска влезе во ЕУ изјави дека тоа изгледа како кога гостинот наместо на свадбата стигнува на погребот.

Зошто го кажувам ова? Затоа што деновиве со звучна порака ми се обрати драг пријател Ирец. Ми ги понуди сета своја поддршка, знаење, конекции и ме замоли да размислам за уште една петиција на научни работници и интелектуалци што би ѝ се обратиле на европската јавност за да ја алармираат за фашизоидните намери на Бугарија. Ме трогна. Многу! Вели: „Се надевам дека не мислиш дека сум хипернаивен (веројатно сум), но јас мислам дека ова што ѝ се прави на Македонија е црна дамка за сите нас. Се разбира, многу други нешта се случуваат во светот, но ова е дамка за сите. Избирај ги мудро своите битки, вели една популарна изрека, и од некоја чудна причина, јас сум ја избрал борбата за Македонија.“ Што да му кажам? Јас избирам (можеби немудро) повеќе битки, на повеќе фронтови: за помирување во регионот, протестирав за злосторствата во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија, го дигам гласот кога станува збор за Асанж, за уништувањето на планетата. Некои мислат дека сето тоа е доблесно и за пофалба, но штом ја спомнам Македонија, интересот не само што опаѓа (со ретки исклучоци) туку и добивам етикети дека сум националист.

На оној мој пријател „интернационалист“ му кажав: А што да правиме ние во Македонија кога сите вие молчите или имате други гајлиња? Дали ние, подредените, немаме право да зборуваме, да алармираме кога ни ставиле нож под грло во име на некакви фантомски вредности што ги нема ни во Брисел? Зарем не е тоа империјализам и врз духот и битието? Зарем треба да избирам помеѓу Македонија и интернационализмот? Да сте вистински интернационалисти, вие би се кренале, без јас да ве поттикнувам! Но да! Вие си имате ваши гајлиња – а јас не смеам да се занимавам ни со сопствените? Навистина?
Всушност, да не беше разговорот со Ед, ќе пишував за онаа гротескна слика на Атиџе, која им пее на туристите што дошле на тура организирана со попуст со посредство на (Нина) Групер. Ќе пишував дека е ова двојно злоупотребување на таа напатена жена, ќе пишував за Саид и Дабаши, за самоориентализацијата како феномен. Кога ја видов таа реклама ми се слоши физички. Мислата веднаш отиде во Белгија и нејзините зоолошки градини со луѓе донесени од Конго од крајот на 19 до средината на 20 век. И тие што ги ранеле малите пигмеи со банани и бонбончиња мислеле за себе дека се добри луѓе, а дека нивниот крал Леополд им донел цивилизација.

Така, Запад не е географска одредница. Запад е културен, ментален склоп и постои во секое општество на длабоки нееднаквости. Овие од нашиот „запад“ за нешто малку пари одат на егзотично патување, по патеките на Атиџе Муратова. Таа, наивна во својата добрина, а и страдна, им пее, верувајќи дека ги развеселува и дека се тоа добри луѓе што дошле да ја видат. Туку, друга ми беше поентата. Читав за тоа како Белгијците се справуваат со ова темно петно од нивната историја. Одговорот е многу тежок. Речиси нема семејство што во минатото немало член што работел во Конго. Заклучокот на анализата беше „тоа е многу емоционално прашање за Белгијците“. Затоа се обидоа да го отворат пред две години, ама уште им било „емоционално“. Е па, драги мои, во нашава северномакедонско/западнобугарска приказна ние сме пигмеите, а „емоционални“ се сите, вклучувајќи го и Брисел. Ги заболе за нас или, како што напиша Горан, ѝ се прди на Европа за нас.

Ако очекувате помош од европските интелектуалци – немојте! Ретки се тие како Ед, Јан или Ричард. Впрочем, оваа задача првенствено треба да ѝ припадне на сопствената интелигенција, а не на странците. На Ед му кажав дека немам намера повторно да се трошам бадијала. Кој сака нека ја преземе „штафетата“. Јас доволно долго го правев тоа, за на крајот сепак да посведочам на самоукинувањето на Македонија. Мојата генерација доволно (не)направи. Сега е ред на некои помлади луѓе. Ние постарите ќе станеме хроничари и ќе бележиме за да не се заборави. Македонија е сѐ што немаме. Македонија е забрането овошје. Затоа и пишувам книга за македонската приказна, и на англиски и на македонски. Ги извадив „ракавиците“, ги засукав ракавите и одлучив да бидам апсолутно политички некоректна и дрска, бидејќи од „финоќа“ и политичка коректност стигнавме до ова дереџе.