Македонија еднострано да го раскине Преспанскиот договор

3098

Македонија во постапката за членство во Обединетите нации е принудена на два дополнителни и нелегални услови: прием со привремено обраќање рефереирање (поранешна Југословенска Република Македонија) и принуда за разговор (што е преговарање) за своето име со друга држава!
Приемот на државата Македонија во Обединетите нации е извршен под привременото обраќање, односно правно привремена деноминација, и тоа само во системот на Обединетите нации – поранешна Југословенска Република Македонија (former Yugoslav Republic of Macedonia)!
Деноминацијата, како последична нелегална обврска (и претходно нелегален услов), како нелегална per se е неприменлива за идентификацијата на една држава во меѓународните и дипломатските односи или политичките договори! Деноминацијата „поранешна Југословенска Република Македонија“ (former Yugoslav Republic of Macedonia) во Обединетите нации претставува нелегална дискриминација (во членството и претставувањето), односно нелегална обврска повеќе само за една држава-членка на ООН! Деноминацијата, по својот опис, се однесува само за претставување во Обединетите нации, но не и надвор од системот на ООН!
Државите и пред и по зачленувањето во Обединетите нации немаат обврска да имаат какви било дипломатски односи со друга држава и во секој момент поседуваат суверено право дипломатските односи со кого било да ги раскинат, а овој факт не влијае врз правниот статус на членка во Обединетите нации.
Македонија во 1993 година и не мораше воопшто да има дипломатски односи со Грција, а камоли правниот статус да ни зависи од договорот или признанието од една членка на Обединетите нации! Дополнителните услови при приемот креираат ultrs vires акт при зачленувањето во ООН, како што е опишано во Советодавното мислење на Меѓународниот суд за правда од 1948 година, кое е прифатено со Резолуцијата на Генералното собрание истата година како толкување на Повелбата на ОН.
Оттука, референцата не е легален институт и не е легален термин или категорија. Таа како нелегална не обезбедува легитимација на државата-членка во ООН и легитимитет на државата при склучувањето на меѓународните договори!

Нелегалната референца, накратко пЈРМ, не е дел од меѓународноправниот, па така и внатрешноправниот субјективитет на државата, бидејќи го деградира (тој уставен идентитет и својството на правното лице) докрај правниот субјективитет или оспорува, односно негира, со самиот факт дека не припаѓа во основните капацитети на субјективитетот на една држава, туку го оспорува. Оттаму, пЈРМ не е ниту правен идентитет (поточно, не е државно име), бидејќи правниот идентитет е елемент на правниот субјективитет (својството за договарање).
Во моментот кога е воведено привременото обраќање пЈРМ, кое не е дел од субјективитетот и не е идентитет, македонскиот државноправен идентитет постои и продолжува да егзистира во договорите со другите држави. Тој државноправен идентитет, кој државата Македонија го поседува и пред да влезе во Обединетите нации во 1993 година, е уставното име Република Македонија!
Имајќи предвид дека државата Македонија за членство во Обединетите нации аплицирала под името Република Македонија, а деноминацијата не е валиден идентитет (поточно не претставува валиден дел од правниот субјективитет), бидејќи не е валидно име за склучување договори надвор од ОН-системот, единствен валиден идентитет за склучување на меѓународните договори до уставните промени на 11 јануари 2019 година е уставното име Република Македонија! Преспанскиот договор, склучен на 17 јуни 2018 година, е без валиден идентитет на државата Македонија како договорна страна и затоа е ништовен, не може да произведе правно дејство! Но, за жал, како регистриран акт во ООН, истиот тој креира правно дејство, па, оттаму, мораме да констатираме дека договорот е нелегален! Дејството на договорот има за последица ново име во ООН, забрани за користење на зборовите „Македонија“ и „македонски“, со што ваквиот договор со erga omnes белези е етноциден и културоциден!

Да потсетиме, правило во меѓународното право е: Меѓународните договори, во случајов за државата Македонија, што не се склучени со валиден идентитет „Република Македонија“ не се правно валидни договори, бидејќи основен елемент (атрибут) на договорот е сите страни да имаат валиден правен идентитет при склучувањето на актот, договорно-правно претставување, договарање, ратификација и извршување на договорот!
Идентитетот мора да биде валиден во сите фази до стапувањето во сила! И во македонско-грчката привремена спогодба од 13 септември 1995 година и во Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година, за „Втора страна“ исто така немаме валиден правен идентитет!
Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година е склучен без валидна правна идентификација за Втората страна. Дури ни „пЈРМ“ не стои за Втората страна!
Оттаму, поради немање валидната идентификација, Преспанскиот договор е невалиден и како таков, имајќи предвид дека има и произведува правно дејство, тој е нелегален договор! Овој договор (како првобитно е постулиран и замислен) би можел да има, како и референцата порано, лимитирано правно дејство само за потребите во Обединетите нации. Ова беше погрешно и лаичко толкување на правните „експерти“ во ООН. Паднаа во вода теориите за „двојното име“! Државното име (правен идентитет) секогаш важи erga omnes! За жал, на крајот, договорот е регистриран во Обединетите нации и произведува erga omnes правни последици и се смета за валиден, а една од последиците е нашето ново државно име во Обединетите нации, Република Северна Македонија (Republic of North Macedonia), со цел куп забрани erga omnes (кои важат и во внатрешноправниот поредок и промет, а не само за надворешна употреба).

Заклучок: Преспанскиот договор како нелегален акт мора еднострано да се раскине со дипломатска нота за раскинување испратена до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН, Советот за безбедност, претседавачот на Генералното собрание и сите држави-членки на Обединетите нации! Во нотата до Обединетите нации треба да се побара продолжување на членството под името Република Македонија! Оваа нота до Генералното собрание на Обединетите нации треба да биде со предлог-резолуција на Генералното собрание за продолжување на членството под идентитетот: Република Македонија (Republic of Macedonia)!
Никогаш не смее да се заборави дека деноминацијата поранешна Југословенска Република Македонија (former Yugoslav Republic of Macedonia) билa привремена (макар и трајна) и никогаш не била ниту е легална во меѓународното право! Овде немаме идентификација и каква било легитимација (нужен правен капацитет или правна основа) за меѓународноправните работи.
Преспанскиот договор нема основна идентификација на договорните страни, бидејќи „Втората страна“ не е валидна идентификација во меѓународното право!

Авторот е научен советник и универзитетски професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград