Македонија во дискриминаторен вакцинален хаос

Стварно, што правиме со оние што ќе бидат дискриминирани поради немањето вакцинален сертификат, а го одбиле вакцинирањето поради медицински проблем или религиозен приговор на совеста. Што со оние што немаат вакви проблеми, но немаат веродостојни информации за безбедноста на вакцините? Владата може да даде таква гаранција? Не верувам

За момент помислив дека оваа влада веќе не може со ништо да ме изненади. Грешка, можела. Секогаш знае да изненади. Просто не можам да се изначудам на „леснотијата“ со која владее и ги решава проблемите со кои светот се соочува во време на кризата со пандемијата на ковид-19, а кои се прелеваат и мултиплицираат кај нас. Со еден збор, кај нас сѐ е сведено на груба импровизација, и тоа во време кога неспособноста на оваа власт ја плаќаме со нашите животи. Последните мерки на Владата со кои се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација покажа дека носителите на одлуки ни за момент не помислиле да дизајнираат пропорционални и недискриминаторски режими за задолжителни здравствени интервенции. Како што е вакцинирањето против ковид 19. Едноставно, наместо да избегнат дискриминаторска употреба на принудата кон оние за кои вакцинацијата претставува некаков, па макар и апстрактен ризик по здравјето тие прибегнуваат кон брутална дискриминација во правата за да ги натераат невакцинираните да ја прифатат вакцинацијата како должност во име на некаква социјална солидарност. Ниту за момент оваа влада не се двоумеше за можните дискриминаторски ефекти од задолжителните политики на вакцинација и дека преку нив казнувајќи ги и исклучувајќи ги невакцинираните луѓе од одредени сфери на општеството ризикува сериозно да ги влоши веќе присутните социјални недостатоци и стигма. Наместо задолжителната политика за вакцинација внимателно да се формулира за да се избегне дискриминацијата, Владата како натрапник влезе во за неа непознат терен – човековите права и граѓанските слободи на невакцинираните луѓе.
Колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку повеќе ќе бидеме слободни. За власта да биде комотна да владее. Чудно за влада што е сервилна кон меѓународниот фактор да заборавила (или поим немала) на резолуцијата на Советот на Европа, усвоена од нејзините 47 членки (вклучувајќи и 27 земји од ЕУ) во јануари, каде што се наведува дека вакцинацијата не треба да биде задолжителна и никој не смее да биде дискриминиран поради тоа што не е вакциниран. Советот на Европа во Стразбур ја повикува ЕУ „да обезбеди граѓаните да бидат информирани дека вакцинацијата не е задолжителна и дека никој не е под политички, социјален или друг притисок да се вакцинира, ако не сака да го стори тоа“.

Oчигледно Владата се однесува како оваа резолуција да не ја засега нашата држава. Да бидам појасен, ако има кој да разбере, зашто е вака решено во Стразбур. Задолжителната вакцинација, пасошите за имунитет или која било друга форма на дискриминација врз основа на вакциналниот статус се поразени не само затоа што ги ограничуваат основните слободи и права туку затоа што ја дискриминираат (и со тоа ја девалвираат) вродената генетска конституција на сите човечки суштества. Сите потенцијални здравствени придобивки поврзани со овој вид дискриминација не се етички релевантни. Основниот аргумент за ова е дека сите човечки постапки и општествени норми претпоставуваат посветеност на вредноста на човековата посебност, а автономијата на телото е еден од конститутивните услови на таа човечката посебност. Тоа повлекува ексклузивност на нашите вродени биолошки карактеристики, кои, пак, се конститутивни за нашиот објективен идентитет и секоја дискриминацијата врз основа на вродените биолошки карактеристики ја негира вредноста на човечкото постоење што е самоуништувачка. Во практична смисла, задолжителноста на вакцината подразбира дека сите луѓе се родени „дефектни“ и се во постојана состојба на некоја болест. Одвратен заклучок на кој упатуваат мерките на Владата и министерот за здравство. Очигледно оваа власт не е способна да разбере дека постои нешто суштински вредно за нашиот вроден биолошки вид и без оглед колку сме ранливи, мора да се почитуваме себеси и другите ако сакаме да ја почитуваме нашата биолошка посебност. А не вака да се дискриминираат невакцинираните девалвирајќи ја нивната вродена биолошка посебност.
Да, задолжителната вакцинација го попречува личниот интегритет, но може да биде неопходна за да се заштити јавното здравје. И што тука има да објаснува политичарот Филипче. Замислете, според неговото толкување, личните права биле подредени на колективните со што нѐ врати во убавиот „комунизам“, па ако сакате и фашизмот, кој го негираше индивидуалниот концепт на човековите права преку враќање на идејата дека правата на групата се вредносно поважни од правата на поединецот. Во неговото поимање на слободата, правото на избор не упатува на можноста и автономијата на поединецот да изврши дејство избрано од најмалку две достапни опции, неограничено од присилата на државата. Барајќи од граѓаните да се вакцинираат под присила и закана, всушност, министерот и оваа власт бараат безусловно да ѝ се покорите на државата станувајќи господар на вашиот живот.

За жал, оваа власт нема демократски капацитет да разбере дека отфрлањето на јавните ограничувања на слободата ја промовира индивидуалната слобода. Создава услови во кои слободните индивидуи не сакаат да бидат сервилни и политички нееднакви, одбивајќи да живеат во општество што е поделено меѓу граѓаните што се покоруваат и оние што наредуваат. Кога имате ваква неедуцирана власт, не треба да ве изненади зошто не се потруди да обезбеди политики што нема да бидат непропорционален товар за оние што се двоумат околу вакцинацијата. Реално не секој може да се вакцинира против ковид-19. Стварно, што правиме со оние што ќе бидат дискриминирани поради немањето вакцинален сертификат, а го одбиле вакцинирањето поради медицински проблем или религиозен приговор на совеста. Што со оние што немаат вакви проблеми, но немаат веродостојни информации за безбедноста на вакцините? Владата може да даде таква гаранција? Не верувам. Што со загрозувањето на приватноста и опасноста од зголемен државен надзор во сфера што е ексклузивно ваша лична (здравјето), што со уставните овластувања за ограничувањето на слободите, кои не се оправдани во правото? Стварно, зарем некој помисли дека Владата се загрижи за тоа. Мислите имаме суд што ќе пресече и чие мислење ќе се почитува. Оваа власт смени име на држава не почитувајќи ја волјата на народот, па нема да дискриминира врз основа на вакцинален статус. Дали ова е начинот за да се добијат високи стапки на вакцинација меѓу населението? Очигледно не. Но власта не се потресува многу за сево ова. Посебно не за вакциналниот хаос во кој ја турка државата. Арно ама еден ден ќе се потресе. Порано или подоцна. Само последиците ќе бидат непоправливи. Зашто овој пат се мерат во човечки животи.