Македонија без Македонци, огин да ја гори!

Ниту пак денеска можеме да имаме помирување со оние што не ги признаваат македонската нација, македонскиот јазик, Македонската црква, македонската современа Република Македонија. Тука нема помирување. И нема зошто да разговараме за помирување. Мора да знаат сите тие политички сили што настапуваат со напад на т.н. македонизам, а тоа значи на самите себеси, застануваат на друга национална позиција. Тука немаме што да се помируваме. Или ќе бидиме, или нема да бидиме, Блаже Ристовски

Екатерина Захариева изјави дека има повеќе од 15.000 антибугарски публикации во Македонија и „не можеме да ги едуцираме генерациите да мразат.“ Не треба да се заборави дека Бугарија побара од Македонија да се обврзе да обесхрабрува приватни лица што ќе иницираат насилство, говор на омраза и други активности што можат да им наштетат на македонско-бугарските односи. Навистина не е јасно за какви антибугарски публикации станува збор? Дали оние во кои се говори вистината? Каква е оваа апсурдна ситуација, каква е оваа лакрдија!
Македонците се сведоци на вековната омраза што се поттикнува и шири во бугарската држава и затоа можеме да слушнеме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, Гоце Делчев е Бугарин, македонската нација е творба на Коминтерната и Тито и сл. Нема поголем говор на омраза од негирањето на еден народ, неговиот јазик, култура, историја, обичаи итн. Секој нормален човек би рекол дека нема, ама за бугарското општество тоа е сосема нормално. Отсекогаш во Бугарија владеела една т.н. македонофобија и често можеше да се слушне навредата: „Мама ти македонска!“ Доколку некој сака да ја провери вистинитоста на искажаното, слободно може да ги прочита спомените на Константин Кондов.
Затоа не треба да нѐ зачудува искажувањето на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски: „Македонија без Бугари, огин да ја гори!“ Или заканата на Красимир Каракачанов: „Доколку е потребно, ќе им го испратам инженерскиот полк да ги отстрани сите споменици, кои не одговараат на историските факти.“

Вистината не е омраза, но може да биде болна за некого. На 24 октомври 1942 година бугарската окупаторска власт презеде казнена акција против цивилното население за кое веруваше дека го симпатизира и помага македонското партизанско движење, a настанот остана запаметен како „Масакрот во Долно Јаболчиште“. Бугарската фашистичка армија и полиција во раните утрински часови во селото Долно Јаболчиште тепаа и осакатија повеќе селани, а во „светската историја“ остана запаметено дека седум мажи, три жени и едно дете се застрелани, заклани и живи запалени. Имињата на убиените се овековечени на двата паметника во Долно Јаболчиште. Ако баба лаже, трап не лаже! Дали Каракачанов мислеше на овие споменици кога рече дека ќе испрати инженерскиот полк? Некој може да нѐ обвини дека шириме омраза, но од кога говорењето на вистината е ширење омраза?
Што, всушност, бара Бугарија? Откако со своите постапки предизвика реакции и негодување во македонското општество, топката ја префрли кај нас и бара да ја цензурираме вистината, и тоа во име на македонско-бугарските односи, како во поговорката: „Ѓаволот ни копа ни ора, само ги учи луѓето да се караат!“
Цензурата е карактеристика за тоталитаризмот и ние како демократско општество не смееме да ја прифатиме, затоа што слободата на сопствената мисла и изразување е суштината на секое слободно општество.

Бугарија треба да се соочи со вистината, а не да настојува „обесхрабрување“ на слободниот говор и мисла. Ние не можеме да ја цензурираме македонската интелигенција, ниту академикот Блаже Ристовски, кој пред триесет години искажа една голема вистина: „Ниту пак денеска можеме да имаме помирување со оние што не ги признаваат македонската нација, македонскиот јазик, Македонската црква, македонската современа Република Македонија. Тука нема помирување. И нема зошто да разговараме за помирување. Мора да знаат сите тие политички сили што настапуваат со напад на т.н. македонизам, а тоа значи на самите себеси, застануваат на друга национална позиција. Тука немаме што да се помируваме.

Или ќе бидиме, или нема да бидиме. Овој народ мора да знае. Се работи овде за делба на македонското национално тело, се бараат тука некакви бугарски чувства, бугарска историја. Можеме ли ние денеска да бидеме македонска нација од 1944 година, а да немаме историја, да немаме култура, да немаме јазик, кој вештачки некој ни го создал. Тито дошол да ни создаде јазик, како Мисирков да беше воспитаник на Тито или Чуповски да работеше според директивите на Тито. Степенот на развитокот на нашиот народ, степенот на развитокот доведе до тоа ние денеска да имаме сопствена национална држава.“