Македонија!? Архипелаг на корупцијата!!!

Иако кај нас се тврди дека многу институции се имаат фатено „гради в гради“ со прашањето на заштита од корупцијата, резултатите од нивната работа се сиромашни и бедни. Можеби имаат направено нешто, ама јавно не го кажуваат, зашто им е срам од фактот дека не си ги заработиле парите што им се даваат од граѓаните. Па, така, ако видиме кој сѐ се занимава со заштита од корупцијата, навистина страв да те фати

Македонија!? Архипелаг на корупцијата!!! Ова е сегашната констатација и одговор на секој македонски граѓанин, а и содржина и мислење на сите извештаи во последно време на релевантни меѓународни ентитети што се занимаваат со корупцијата. Жално, но вистинито!
Деновиве излегоа уште еден резултат и рангирање на Македонија за индексот на владеење на правото од реномираната организација „Проект за светска правда“, каде што катастрофалните оцени само се повторуваат и продолжуваат со зголемен интензитет. Нема никакво поместување во позитива, сѐ е негативно. Молкот на Владата и нивните медиуми само го докажува претходно наведеното.
Ако имаше барем нешто позитивно во резултатите и рангирањето на Македонија за индексот на владеење на правото од организацијата „Проект за светска правда“, можеби претставниците на извршната власт и ќе определеа и „датум за преговори со корупцијата“. Показателите што ги обработуваат темите на ограничувањето на владините овластувања, фундаментални права на граѓаните, ред и безбедност, кривична и граѓанска правда немаат никаков прогрес, а, за жал, имаат само пад. Заклучоците се исти, се потврдуваат и повторуваат и во други извештаи на Европската Унија, Стејт департментот и други владини и невладини ентитети.
Иако кај нас се тврди дека многу институции се имаат фатено „гради в гради“ со прашањето на заштита од корупцијата, резултатите од нивната работа се сиромашни и бедни. Можеби имаат направено нешто, ама јавно не го кажуваат зашто им е срам од фактот дека не си ги заработиле парите што им се даваат од граѓаните.

Па, така, ако видиме кој сѐ се занимава со заштита од корупцијата, навистина страв да те фати, а имено имаме: министер со титула заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата, Државна комисија за спречување на корупцијата, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Финансова полиција, Управа за финансиско разузнавање, Управа за јавни приходи, Народен правобранител и така натаму…
И покрај сите овие институции што се задолжени за борба против корупцијата, ние во Македонија имаме инфлација од скандали поврзани со корупцијата на претставниците на власта! Нема место во оваа колумна само да ги наброиме, а камоли да додадеме и збор-два за нив.
Ако навистина сакаме да го етаблираме и решаваме проблемот со корупцијата кај нас, треба да одговориме на три круцијални прашања. Првото прашање е каква корупцијата постои во нашето општество и како таа се перципира и мери. Второто прашање е колку е голема корупцијата во Македонија и во кои сфери на општеството нејзините ефекти се најопасни. И третото, кое е повеќе логичко отколку хронолошко прашање, е што треба да се направи.
Од трите прашања што ги поставив, можеме да разграничиме три периоди или фази на развој на оваа проблематика во Македонија. Во првата фаза, или на почетокот на 1990-тите години постоеше едно драматично очекување на граѓаните за елиминација на корупцијата, како и казнување на сторителите од страна на државата. Но наместо ефективна мерка, бевме сведоци на јавен линч и политичка инструментализација на целиот процес.

Дотолку повеќе кога некоја индивидуа или група ќе го подигнеше својот глас како резултат на некои девијантни случувања во општеството, многу брзо таа ќе беше оквалификувана на еден типичен и стереотипен начин со епитетот „опасни за општествените интереси и вредности“.
Втората фаза е време на отворено препознавање и постоење на проблемот со корупцијата, но со многу слаба и несоодветна акција за преземање превентивни мерки. Многу планови и програми за превенција се направени и развиени, направени се измени во закони и ратификувани се меѓународни документи. Но дадените ветувања сѐ уште не се исполнети. Ваквите нормативистички промени се добри и позитивни, но сепак тие се далеку од очекувањата на граѓаните, тие се сепак повеќе на хартија и се далеку од реална акција.
И третиот период или сегашниот период на „индукција“, кога се сака со еден голем таканаречен случај да се оправда целокупната досегашна неспособност на сите оние институции што треба да ги штитат граѓаните од корупција. Притоа, сакајќи да се прикаже пред пошироката јавност сериозноста во пристапот, флагрантно се прекршуваат основните човекови права, особено претпоставката на невиност. Ваквото дејствување на институциите само предизвикува неправда, лоша акција и лажни обвинувања. Со еден збор, враќање на процесот од почеток, или политичка инструментализација на целиот процес на борба против корупцијата и на органите што се задолжени да го водат.

И, што треба да направиме ние сега? Времето на планови и стратегии треба да го оставиме зад нас, она што треба да нѐ интересира се резултатите. Мерките што треба да се преземат мора да бидат избрани многу внимателно, како и акцијата, која треба да се фокусира на приоритетите што ќе имаат директен поширок ефект.
Значи зборуваме за емпириски проблем, зборуваме за враќање на довербата во институциите. Не може да се прикриваат случаи како оние на летачките магариња, а да се фаворизираат измислени случаи и да се обвинуваат невини луѓе.
Не постојат реформи и градење на добро управување ако институциите и правото се обратнопропорционални. Не можеме да зборуваме за антикорупциско законодавство ако капацитетите на институциите се неспособни да го спроведуваат она што значи пишан закон, во еден систем или владее правото или правото воопшто го нема.
Македонија не смее да биде архипелаг на корупцијата, таа треба да биде архипелаг на достоинствени, сигурни и задоволни граѓани!