Македонецот не треба да се слева и да се обезличува меѓу Бугарите и Србите!

„Најважниот услов за соработка помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е полната слобода во самоопределувањето на Македонците. Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светот. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува меѓу Бугарите и Србите. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште. Беззаветната и безграничната љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам“, Крсте Петков Мисирков

Онаму, на онаа страна од границата може да ја чуеме песната: „Два орла се бијат бе мамо, Два орла се бијат бе мамо над Пирин Планина; И како се бијат, И како се бијат бе мамо црни крви леат; Не са били орли бе мамо, Не са били орли бе мамо тај са двама браќа, И са се скарале бе мамо, И са се скарале бе мамо за два коња и две остри сабји…“ Убеден сум дека многу малку луѓе ја слушнале оваа македонска песна што се пее од Македонците во Бугарија. Но тоа е сосема (не)природно бидејќи од 1948 година сите културни врски помеѓу Македонците се пресечени.
Во последниов период можевме да слушнеме дека бугарската држава била многу чувствителна на прашањето што се однесува на македонското малцинство во Бугарија, дека ова прашање предизвикувало непријатност во бугарските кругови итн. Но Македонија како држава никогаш не го отвори ова прашање, тогаш зошто Бугарија е „чувствителна“. Одговорот е едноставен: „Кој си ја има мувата на капата, сам си ја ишка“.

Македонците се реалност во Бугарија без разлика што бугарските власти ги негираат. Во еден извештај на ЦИА од 1972 година се вели дека Бугарија од 1958 година го негира постоењето на одделната национална група – Македонци, дека за последен пат во државниот попис на бугарската држава – графата Македонци се забележува во 1956 година. Врз основа на овој попис, ЦИА заклучува дека во Бугарија живеат 187.789 Македонци, односно 2,5 отсто од вкупното население.
По падот на тоталитаризмот, бугарската држава не само што не ја промени својата политика кон Македонците туку и ја заостри. Во 1989 година беше создадена ВМРО-СМД (Сојуз на македонските друштва) како легитимен наследник на македонските емигрантски организации и ВМРО на Тодор Александров во Бугарија. Но бугарски тајни служби ја презедоа и набрзо партијата беше преименувана во ВМРО-БНД (Бугарско национално движење). Затоа не треба да нѐ зачудува што ВМРО-БНД се пројавува како негатор на македонската самобитност и промотор на бугарската национална свест меѓу Македонците.

Истатa 1989 година се создaде и ОМО Илинден-Пирин, а веќе следната година се одржа и првиот масовен собир на гробот на Јане Сандански во Роженскиот манастир во присуство на неколку илјади Македонци. Споменатата партија по некоја „случајност“ во 1999 година освои пет градоначалнички места на локалните избори, меѓутоа следната година беше забранета од бугарските власти. И покрај пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, голготата на ОМО Илинден-Пирин за регистрација трае веќе две децении.
Што можеме да направиме? Врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, македонската држава се обврзува да не се меша во внатрешните работи на Бугарија преку заштита на статусот и правата на лицата што не се државјани на Македонија, но тоа не ја забранува или ограничува самоиницијативноста на македонските граѓани кон морална и материјална поддршка за Македонците во Бугарија. Зошто е потребно тоа? Како што вели еден мој близок пријател – „Доволно е еден пратеник во бугарското собрание што на секоја седница ќе вели: Јас сум Македонец!“

Не треба да ја заборавиме Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства донесена од Комитетот на министри на Советот на Европа. Во спомената конвенција за малцинствата се вели дека шефовите на државите и владите на државите на членките на Советот на Европа се решени „да го заштитуваат постоењето на националните малцинства на нивните територии“. Бугарија иако е потписник на споменатата конвенција со децении не го „заштитува“ македонското малцинство. Затоа како Македонци имаме морално и етичко право да побараме пред меѓународните институции Бугарија да го признае македонското национално малцинство, притоа не треба да заборавиме дека меѓународното право е на страната на Македонците во бугарската држава.

Да завршиме со Крсте Петков Мисирков: „Најважниот услов за соработка помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е полната слобода во самоопределувањето на Македонците. Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светот. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува меѓу Бугарите и Србите. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонското гледиште. Беззаветната и безграничната љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам.“