Мажите ја паметат болката различно од жените

Болката во нашето тело претставува нормална реакција, која се јавува при болест или повреда, знак што нѐ известува дека нешто не е како што треба. За жал, кај многу луѓе болката продолжува дури и кога болеста/повредата поминале. Ако таа трае најмалку 3-6 месеци тогаш се означува како хронична болка. Оваа состојба влијае на физичкото, но и на емоционалното здравје. Околу 25 отсто од луѓето со болки припаѓаат во она што се означува како синдром на хронична болка и се класифицира со посебна шифра во медицинските класификации на болестите. Покрај болката, овие луѓе многу често страдаат од депресија и анксиозност што интерферира со нивниот секојдневен живот. Синдромот на хронична болка тешто се лекува, дури се смета дека излекувањето е невозможно. Вообичаено се применуваат повеќе видови третмани: советување, физиотерапија, релаксациски техники, но понекогаш се неопходни и медикаменти.

Синдромот на хронична болка се развива по еден вициозен циклус: болката предизвикува компликации, кои состојбата ја прават уште полоша и обратно. Како најчести компликации од синдромот на хронична болка се наведуваат: несоници, замор, лошо справување со болката што понекогаш доведува до престанок на работните ангажмани, финансиски проблеми, тешкотии во односите во семејството, иритабилност, депресија и анксиозност. И тоа се врти во еден штетен круг при што проблемот станува сѐ попродлабочен.

Синдромот на хронична болка може да биде последица од: артрити или други проблеми со зглобовите, болка во задниот долен дел на грбот, главоболки, мускулни крампи, фибромиалгија, повторувачки трауми, повреди на нерви, скршеници, канцер, рефлукс или улцер на желудникот, инфламаторна болест на цревата, ендометриоза итн.

Статистиката покажува дека е голем процентот на луѓето што денес се жалат на хронична болка. Овој феномен – хроничната болка е поврзан со меморирањето на порано доживеана болка во текот на животот.

Истражувачите покажале дека запомнувањето на болката зависи од половата припадност и тоа се случува не само кај човековиот род туку и кај експерименталните животни – глувците. Истражувачкиот тим од универзитетот „Мекгил“ во Торонто неодамна (декември 2018) објави дека машките глувци појасно и посилно ја запомнуваат претходно доживеаната болка. Како последица на ова, тие се под поголем стрес и хиперсензитивни на подоцнежното искуство на болка. За разлика од нив, женските глувци се чини дека се под помал стрес од претходното искуство на доживеана болка. Пренесувањето на искуствата потврдени кај глувците на хуманиот род, се чини, дека ќе придонесе до појасни сознанија и третирање на феноменот на хронична болка.

Истражувачите од овој универзитет и самите биле изненадени од добиените разлики на стресното ниво кај глувците од двата пола (женски и машки). Затоа, тие продолжиле со слични истражувања кај луѓето и ги потврдиле истите разлики зависно од половата припадност. Имено, жените, иако се сметаат за понежен пол, навистина се под помал стрес во ситуации кога доживуваат болка од најразличен вид. Ваквиот заклучок е резултат од експеримент во кој биле вклучени и глувци и луѓе од двата пола, кои биле изложувани на топлина на екстремитетите и притоа било мерено доживувањето на болка со рангирање на скала од 0 до 100 бода за луѓето, додека кај глувците брзината со која тие се придвижувале подалеку од изворот на топлина.

Запомнувањето на искуството со доживеаната болка се испитувало на сличен начин и на исто место како претходното. Така, мажите ја рангирале доживеаната болка многу повисоко од она во претходното искуство и многу повисоко од жените. Од друга страна, машките глувци вратени во иста околина покажале повисоки реакции на болка одошто ден претходно и многу посилно од женските животни, а поразлично ако биле во нови услови на испитување. На ваков начин се заклучило дека и животните и луѓето ако се од машки пол доживуваат поголем стрес и антиципираат поголема сензитивност за болка.

Да се потсетиме само на фактот дека и покрај силните болки доживеани при породувањето, жените сепак се одлучуваат да раѓаат и второ па и трето дете…
За да покажат дека болката е доживеана како посилна како резултат на меморијата на претходно доживеана болка, истражувачите на експерименталните животни им ставиле инјекција означена како ЗИП, која е позната по тоа што ја блокира меморијата. Повторениот експеримент потврдил дека сега, со блокирана меморија, болката се доживува поразлично, што значи нема помнење на болката.
Овие наоди се извонредно значајни заради тоа што хроничната болка првпат се објаснува како последица од запаметена болка од претходно искуство и кај животните и кај луѓето што е битно во третманот.

Инаку, третманот на хроничната болка засега останува ист: релаксациски техники, акупунктура, ладни облоги на местото на болката, физикална терапија, биофидбек, масажа итн. Од медикаменти најмногу се во употреба: „тѕленол“ (ацетаминопхен), нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИД), кортикостероиди, дури и наркотици. Ако се успее да се влијае врз запомнувањето на болните искуства, секако, тоа ќе биде нов бум во третманот на хроничната болка!

(Авторката е педијатарка и психолог)