Луѓе што не ја заслужуваат Македонија

И такви национално исплакнати и обезличени ликови се обидуваат да ми ја продадат приказната дека сево ова што ни се случува е резултат на тоа што сме мали и безначајни како држава, оставени на милоста и немилоста на геостратегиските планови на другите

Стварно сум уморен и контаминиран од бладањата на луѓе за политиката и државата што имаат ниско чувство на вредност и самопочит. Ај што се изложуваат себеси на потсмев и се однесуваат неморално проектирајќи ги своето ниско ниво на самодоверба, полтронство и лигавење како модел на однесување на цела една нација ширејќи дефетизам, станува сè потешко да се верува дека другите би можеле да нè гледаат во позитивно светло. Ако тие се самоосудиле да живеат ограничени, деформирани, фрустрирачки и духовно мизерни животи, отсечени од можности за самореализација, самоисполнување и среќа, тоа не мора да биде моделот по кој ќе се оценува една нација како таква. Големината на човекот се цени врз основа на неговите постигнувања во животот. Големината на нацијата врз основа на нејзината историја и култура. Историјата на нацијата дава увид во величественоста на нејзината еволуција. И сега некој да ти кажува дека сме биле мали и безначајни како држава и затоа треба да веднеме кичма за да опстанеме, поточно да станеме дел од Европската Унија, прифаќајќи го неприфатливото во однос на името јазикот и културата на нацијата е негирање на сопствената вредност како нација и чувствата на сите оние што се идентификуваат со нејзината горда историја и култура.
Самодовербата се гради на самопочитта. Самопочитта е важна затоа што влијае на изборите и одлуките на луѓето, особено на политичарите. Со други зборови, самодовербата има мотивациска функција со тоа што прави повеќе или помалку веројатно дека луѓето ќе се грижат за себе и ќе го истражат својот целосен потенцијал. Ако живеете живот што е во согласност со вашите сопствени принципи, какви и да се, поголема е веројатноста да се почитувате себеси и да се чувствувате посигурни, па дури и подобро во животот. За да се чувствувате добро за себе, важно е да имате интегритет и да бидете сигурни дека вашите постапки се совпаѓаат со вашите зборови. Најчесто кај луѓето со ниско ниво на самодоверба е спротивно. Не се чувствуваат комотно во сопствената кожа.

Цел живот слуги, само ги менувале господарите и сѐ што направиле и постигнале во животот било со коленичење, лигавење, сервилност, без чувство на лично достоинство. Безлични фигури со искривени животни принципи и верувања ги живееле и сѐ уште ги живеат своите мизерни животи како крлежи прикачени до изворите на моќ, без оглед од каде доаѓаат. Затоа не веруваат во сопствената држава, затоа се потсмеваат со неа сквернавејќи сѐ што е свето на македонската нација: името, историјата, јазикот, културата. Она што влева чувство на национална гордост во срцето на секој Македонец во нивниот безначаен живот и постоење е на продажба, како што се и нивните мизерни души.
Животот, во сите негови разновидности, особено во Македонија во овој момент, претставува тековна закана за самодовербата на нашите политички лидери. Тоа е како вирус. Ги напаѓа слабите со паднат имунитетски систем на предизвиците што ги носат нашите европски интеграции, станувајќи еластични во своите ставови околу истите тие. Без да се замерат на „големите“ нашата вештачки креирана политичка елита ја направи Македонија тивка и недостоинствена во односите со другите држави, надевајќи се дека со својата сервилност и поданичка политика ќе ги смилостиват нашите соседи и Европската Унија да ни го подотвори патот во европското семејство. Патетични ликови што не веруваат дека се доволно добри и вредни да бидат исти со другите, стравувајќи дека ќе бидат отфрлени од „големите“ свесно жртвувајќи ги преференциите на една цела нација. Онаа македонската. Всушност, луѓето со мала самодоверба стравуваат од отфрлање и имаат тенденција да усвојуваат цели за самозаштита. Како што е отфрлањето на името Македонија и сѐ поврзано со него за да им угодат на другите. Никако на својот народ од кого ја црпат сувереноста. Затоа за нив „нашата“ држава стана новата реалност во нивниот вокабулар, понижувајќи се себеси и државата што ја водат.

Македонија со години е расадник на лоши јавни лидери, лоши политички аналитичари и лоши идеи, без визија, подобрување на дизајнот, имплементација и евалуација на јавната политика и практиката на владеењето. И такви национално исплакнати и обезличени ликови се обидуваат да ми ја продадат приказната дека сево ова што ни се случува е резултат на тоа што сме мали и безначајни како држава, оставени на милоста и немилоста на геостратегиските планови на другите. Стварно ми е доста од нивните фрустрации и ниското ниво на самопочит. Доста ми е да нѐ навредуваат како народ, а нашиве „државотворци“ достоинствено да одмолчуваат, онака државнички, европски. Време е да почнеме да размислуваме за себе и она што сакаме да бидеме. Да прифатиме кои сме и што сме и да бидеме горди за тоа што сме и што нѐ прави различни од другите. Ни требаат цели и акција што ќе ги одразуваат вредностите на оваа држава и нација. А не луѓе што не ја заслужуваат Македонија.