Лумпенбуржоазија

Што е следното што треба да се сруши, драги мои анархисти? Ова е можеби најтешкиот дел од нашето градење држава – кога треба да се руши и гради. Како е кога треба да рушиме нешто – истовремено градејќи го?! Македонија, драги мои, е капиталистичка држава, во која сѐ уште не е јавно објавено дека е! Во нашата земја триесет години се води процес на протокапитализација, со општ грабеж на заедничкото економско богатство создавано од 1919 година, па до денот кога беше формирана Агенцијата за приватизација! Што е тоа? Претпоставувам дека огромен дел од моите читатели и не знаат за што се работи? Каква агенција? За каква приватизација зборувам? А ха, тоа беше, драги мои, гранапчето во кое црвената буржоазија, нивните деца и трабанти од рафтовите на комунистичката општествена сопственост ја приватизираа индустријата, ги зедоа комбинатите, фабриките, работилниците, трговските центри, ексклузивните продавници, застапништвата по Европа и светот и, секако, најплодната земја на Македонија – за без пари! Тоа беше инструментот на Социјалдемократскиот сојуз и неговата, сега веќе сосема е јасно, квазиобразована псевдоелита на потпросечни потрчковци со сомнителен морал и превртена етика, со кој инструмент општественото богатство ќе прејде во нивен посед.

Нивните универзитетски протоучители подоцна тоа го нарекоа „општествена транзиција“! Многупати сум пишувал што донесе таа транзиција, нема да се повторувам. Ќе се обидам да си објаснам себеси, а со тоа и вам, што требаше – а не ни донесе. Таа транзиција требаше да ни донесе капитализам во кој ќе владеат правото, слободната конкуренција и борба на идеи што ќе го движат општеството напред. И секако тоа ќе биде капитализам управуван од елита што со своето образование, знаење, вештини, критериуми, морал и етика ќе нѐ води по патот што води право кон Европа! Тоа беше мантрата на мојата младост – „така зборуваше комунизмот“: ве водиме по патот за Европа. Чуден и сѐ уште „прав пат“ што води кон никаде! Морам да направам мала дигресија за да потсетам на суштествената лага создавана по обрасците на епистемологијата на Карл Густав Попер, наречена социјалдемократија и социјалдемократи. Комунистичката партија како нивен предок, во недостиг од идеи за тоа како да ни понуди подобар живот во социјализмот денес ни нуди подобар живот во комунизмот утре. Па, така, и денес нивните деца во безидејноста за подобар живот во Македонија сега, ни нудат подобар живот во Европа утре! Невидено и вешто седумдесет години нѐ лажат со ветувања што се само игра, привид и епистемологија.

Но да се вратиме кон нашата основна тема – создавањето капиталисти, односно раѓањето на буржоазијата! Ние, драги мои, немаме функционално капиталистичко уредување и демократија затоа што капитализмот и демократијата почиваат на буржоазијата, а ние немаме буржоазија! Тоа е нашето проклетство. Кога комунистите во 1949 година се устоличуваа во Македонија, прво што направија беше уништувањето на и онака кревката буржоазија создавана меѓу двете војни. Тоа беше реална буржоазија на Македонци образовани во Европа, кои на крајот од триесеттите години на минатиот век се вратија во татковината Македонија, го презедоа управувањето со малите главно чесно стекнати имоти на нивните татковци и почнаа да ги развиваат. Но почетокот на Втората светска војна го прекина тој блескав развој.

Меѓу 1922 и 1941 година се изградени сите градови во Вардарска Македонија! Сето она што беше темел на нацијата, националното самоосознавање и будење, првите поетски крикови, прози, драми, сликарството, вајарството, модата и воопшто идејата за културата како национално обележје, беше изградено од македонската бела буржоазија. Да, да. И тоа беше прекинато со војната од 1941 година. И тие, токму тие, драги мои, буржуите беа двигатели на борбата за ослободување од фашизмот и создавање на државата Македонија. До 1943 година, со ретки исклучоци, партизанските одреди беа составени од борци што доаѓаа од градовите. Буржуи и занаетчии. Тие, поради образованието, беа умот и командниот состав на партизанските баталјони и дивизии. Тие учествувале во борбата за слобода не заради комунизмот, туку заради слободата. И таа елита по војната ги зазеде сите управувачки функции во државата и како вистински образовани патриоти ги создаваа институциите што денес социјалдемократите ги урнисаа во пепел и прав. Тој природен процес на управување со општеството од страна на белата буржоазија како владеење на најдобрите беше прекинат во 1949 година, кога низ одвратни процеси на прогони и убиства, селските деца што беа момоци, чираци и калфи на имотите на белата буржоазија ја презедоа власта и, наместо диктатура на пролетаријатот, создадоа диктатура на примитивизмот. Каква катастрофа! Беа уништени и конфискувани нивните имоти, фабрики и земја. Македонската бела буржоазија беше прогонета и понижена во сопствената земја. И полека, во социјализам, таа нова, примитивна но витална новоградска елита ги презеде администрацијата, економијата, културата, образованието и другите текови на современото живеење во мир и благосостојба. И за помалку од четириесет години во една генерација, таа новоградска каста се трансформира во буржоазија што поради парадоксот на сопственото раѓање – во комунизам – беше не капиталистичка бела, туку комунистичка црвена буржоазија.

Нивните деца ја преименуваа партијата на татковците во социјалдемократска, ги извадија српот и чеканот од знамето и, според добрите карлпоперовски идеи, создадоа општествен привид од жолта петокрака и црвена ружа наречена социјалдемократија! Ете ги денес, по транзицијата, сега веќе и доминантни сопственици на општественото богатство повторно го лажат сопствениот народ дека се левичари што дури (замислете каков цинизам!) меѓу себе се нарекуваат „другари“! Драги мои, врвот на таа партија го сочинуваат капиталисти, либерални моќници, тајкуни и криминалци, кои поради своето потекло на селски деца немаат самосознание, образование, дух и нотропија на градски луѓе, па триесет години нѐ држат заробени во меѓувремето на транзицијата од социјализам во капитализам, не успевајќи од лумпенпролетери да преминат во буржуи! Тие, драги мои, живеат во кожата на чудовиштето наречено лумпенбуржоазија! Таа лумпенбуржоазија ги креира сите кризи во Македонија од деведесеттите години на минатиот век до денес. Тоа чудовиште креирано во лабораторијата на либералниот капитализам се мачи себеси, но и сите нас! Тие немаат идентитет ниту за она што некогаш биле ниту реално сознание на тоа што впрочем се денес! Таа лумпенбуржоазија нѐ уништува духовно и социјално. Како што се уништува и самата себеси, затоа што се работи за чудовиште со две леви нозе, две десни раце, две искривени очи, нос на местото на устата и обратно. Тоа дисфункционално чудовиште наречено лумпенбуржоазија треба да се сруши и на неговото место да се изгради здрава, силна, образована, самоосознаена и самосвесна бела буржоазија!

Затоа што без бела буржоазија нема ниту „бел капитализам“! Затоа, драги мои анархисти, некогаш треба во исто време да рушиме и да градиме. Така ни било пишано! Во исто време со едната рака да ги држиме воловите и да ја ораме татковината, а со другата да ја држиме пушката и да ја браниме! Тоа е. Но нема, безбели, сега да ми кукумјавчите? Земајте во едната рака токмакот за уривање, во другата рака мистријата за градење и да почнеме. Може и ударнички, немам ништо против тоа! Јас сум пролетер.

Авторот е режисер