Лице има, образ нема

Не е убаво така. Да го исмевате Шилегов зашто рекол дека Сарафов го убил Ѓорче Петров. Сакате да го прикажете за неписмен. Фаќате сеир. Се потсмевате со блескав градоначалник. Немате поим дека Петре го тестираше Коцета. Дали овој знае историја? И се виде дека поим нема. Инаку ќе реагираше. Мислите Петре не знае дека Сарафов всушност го убил Карпош? Ама нема улица Борис Сарафов во општината Карпош. Ако толку сакаше да го посрами својот соговорник, можеше и друго да му спомне. На пример, споменикот на Тодор Александров во Кисела Вода. Сите знаеме дека Александров ја уби Кисела Вода. Во атентат, секако. Заради вековните стремежи на Кисела Вода да стане северна Кисела Вода. А Тодор Александров го знаеме, тој секогаш бил елемент против НАТО, наклонет кон Русите. И затоа ладнокрвно пукаше во Кисела Вода. Секако со помош на Путин. И сево ова Петре можеше да го каже, ама сакаше малку да го тестира знаењето по историја на Коце. Можеби Петре не се школувал во ЕУ и нема жена Американка, ама не е до толку необразован.

Е сега, да си школуван во ЕУ и да имаш жена Американка, не е заебанција. Тоа е сериозно достигнување. Не може секој да учи во ЕУ и да си фати Американка. Најдобрите го можат тоа. На пример, кој нормален би се фалел ако стекнал образование на „Ломоносов“, а се оженил за Украинка од Домбас? Никој, се разбира. Оти кога си завршил чколија во ЕУ, а си лапнал Американка за сопруга, нема шанси нешто психички да те направи нестабилен. Како оној Макрон, на пример.

Да, да, сите мислевме дека светската моќ го измисли Макрон за Франција да се спаси од Ле Пен, ама излезе дека и моќта знае да погреши. Тоа што знаевме дека Емануел е банкар, женет за својата професорка, најверојатно било добра маска. Нема да се зачудам ако веќе утре откриеме дека учел во Пекинг, а жена му има руски корени. Оти Французинов го покажа своето вистинско лице. Инсталиран е, сигурно од Путин, психички да прави нестабилни блескави политичари. Како наш Зоќи, на пример. Човекот што го направи „Северџанистан“ блескава држава, заврши психички нестабилен поради Макрон. Толку многу му го наруши психичкото здравје што кажува по интервјуа дека психички е нестабилен. Така оди тоа кога ќе те грабне Емануел во своите валкани француски раце. Прво се истопори во Србија и психички го направи нестабилен цел Балкан. Потоа се сретна со Путин како да му е најголем пријател, па психички ја направи нестабилна Европската Унија. Не му беше тоа доволно. Склучи договор со Кинезите вреден 15 милијарди долари за психички да ги направи нестабилни Соединетите Американски Држави. Последно му беше она со НАТО, дека е клинички мртва организација, со што психички ја направи нестабилна цела планета.

И така стигнуваме до НАТО. Клинички мртов НАТО. Но Алијансата ќе се спаси. Тоа и на мало северџанистанче му е јасно. Како тоа, сигурно се прашувате. Многу едноставно. Штом Шпанија добие влада, „Северџанистан“ станува членка на НАТО. И ете го спасот. Клинички мртвата организација пак ќе биде жива. Поради „Северџанистан“ и неговата блескавост. Таа блескавост и клинички мртви оживува. Така ќе се спаси НАТО. А потоа „Северџанистан“, како блескав НАТО-лидер ќе заведе ред меѓу членките на Алијансата. Особено ќе се позанимава со аздисаната Франција. Има да ги истресеме од гаќи.

Убаво што ги споменав гаќиве. Кај нас се одржа премиера. Во северномакедонскиот сенароден театар на апсурдот. Претставата е всушност гротеска. Се вика „Истресени од гаќи“. Приказната се врти околу еден судски случај. Обвинети, политичари, рекетари, обвинители и судии. Авторите сметаат дека публиката треба да биде доволно малоумна за да ја разбере претставата. Човек треба силно да ги намали своите мисловни капацитети за да му се допадне тоа што го гледа. Треба да има интелигенција на теле што гледа во шарена врата (или шарена револуција) за да поверува во прикажаното. Но ова е важна претстава. Го отсликува духот на времето. Како што некогаш „од глава си патевме“, па раѓавме „диво месо“, така сега „од гаќи се истресовме“. Психички станавме нестабилни и затоа гротескава ни е нормална. Оти на нормалното му го одзедовме идентитетот.

А таму кај што нема идентитет, има голема Македонија. Односно Македонија голема. Или во оригинал, „Macedonia the Great“. Ама грчка. Затоа што тие си го добија македонскиот идентитет како подарок. Поради нашата психички нестабилна политика. Па сега она „great“ има симболичко значење. Грците ни се смеат в лице. Лице на кое немаме образ. „Gr“ е скратено од „грис“, „Macedonia the GReat“. Ама и јас најдов симболика. Она „eat“, на англиски е глаголот „јаде“. Па сега имаме „Македонија“, „гр“ како скратеница за Грција и глаголот „јаде“. Македонија, Грците си ја лапнаа. Решен ребус.

Ама ние си лапнавме мал шенген.
Уф, тој глас што не го поднесувам. Но понекогаш е корисен. Мал шенген, секако. Мал чекор за Зоќи, а голем за слободоумното граѓанство шарени луѓенца. За тоа се бореа. Тој мал шенген повторно нè враќа на почетокот. Кај Ѓорче Петров. Кој исто така визионерски се борел за мал шенген, само што бил троа поскромен. Кај него малиот шенген се состоел во потегот Ѓорче – Влае – Хром. Наш Зоќи со освојувачка стратегија на Александар Македонски ја прошири оваа територија неверојатно многу. Сојузот „Северџанистан“, Албанија, Србија изгледа застрашувачки. И покрај обидите на Борис Сарафов да ја ликвидира оваа творба голема како империја.

Таму, пак, кај што има „империја“, логично се надоврзува рекет. Рекет е древна алатка за сервирање. Со неа најчесто се сервираат уцени. Ако ти не дадеш толку и толку, јас ќе те осудам на толку и толку. Рекетот честопати го практикуваат самохрани мајки. Искрено сум против ставање луѓе (особено мајки) во притвор при онакви нечовечни услови, без разлика каков криминал сториле, особено ако ги имате предвид скандинавските затвори каде што оној психопат Брејвик има и „плејстејшн“ во ќелијата. Но исто така сум против двојни стандарди, оти, според мене, и Боки ги исполнува условите да биде самохрана мајка. Но, сето тоа е дел од гротеската наречена „истресени од гаќи“. Што може да заклучиме од сево ова? Народ што се откажа да биде народ, зашто има лице, ама нема образ, но и власт и судски систем, кои штом ги истресеш од гаќи наоѓаш само рекет и политички прогони, не може да добие датум за преговори колку и да кукаат дека Борис Сарафов сака да им ја убие иднината.