Лицемерство или лигавење – има ли разлика?

Ако не­кои по­ли­тич­ки ана­ли­ти­ча­ри хи­по­кри­зи­ја­та ја сме­та­ат за ед­на од со­вре­ме­ни­те по­ли­тич­ки бо­ле­сти, не мо­же да се одре­че де­ка тој ви­рус ја не­ма за­фа­те­но и Ма­ке­до­ни­ја и де­ка од таа бо­лест не стра­да­ат и ма­ке­дон­ски­те по­ли­ти­ча­ри. При­ме­ри за вос­по­ста­ву­ва­ње та­ква ди­јаг­но­за има мно­гу, не тре­ба да се на­ве­ду­ва­ат. Зад нив не за­о­ста­ну­ва­ат и не­кои ме­ди­у­ми, пор­та­ли и но­ви­на­ри, кои гла­вен адут во уре­ду­вач­ка­та по­ли­ти­ка им е ли­це­мерс­тво­то, она ли­це­мерс­тво што на­ро­дот го ви­ка ли­га­ве­ње кон вла­сти­те и ли­де­ри­те на пар­ти­и­те

Веќе подолго време една од темите што се наметнува во јавноста е говорот на омраза. Се оценува дека овој вид општење и однесување претставува сериозна опасност по демократијата, по кохезијата на општеството, за владеењето на правото и заштитата на човековите индивидуални права. Државата и неколку меѓународни организации тераат кампања против појавите на говор на омраза, ангажираат државни институции и божем невладини организации и вложуваат пари во одредени медиуми и новинари поединци, кои бараат примери и го осудуваат таквиот говор. Оваа кампања, поттикнувана и поддржувана главно однадвор, има свое оправдување и цел зашто говорот на омраза сѐ повеќе се шири, а сѐ помалку се контролира.
Но овде во Македонија (Северна) не му се дава вистинското место, не се обрнува внимание на еден посебен услов што е поврзан со таа кампања. Имено, тој услов во својот основен принцип налага битката против говорот на омраза да не се злоупотребува за одбрана на властите и за напади на опозициските или други организирани општествени сили, групи и поединци, кои имаат различни мислења и ставови од официјалната политика. А многумина вклучени во кампањата, свесно или несвесно, со намера или без неа, го забораваат вториот дел, важен исто како и првиот, од тој генерален принцип. Не е мал бројот на примери кога активистите и пропагаторите за спречување и елиминирање на говорот на омраза се токму оние на јавната сцена што омразата ја подгреваат и го шират нејзиното поле.
Истовремено, за разлика од говорот на омраза, сосема е заборавен или запоставен третманот на еден друг говор – говорот на лицемерството, на хипокризијата. Нему не му се дава соодветното значење иако зазема сѐ поголем простор, иако е еднакво опасен како и говорот на омразата. Зашто ако говорот на омразата ја покажува искривената искреност, говорот на лицемерството е чистата лажност. Не е тоа култура на говор, туку култура на лагата, на измамата.

Најнапред да ги објасниме поимите лицемерство – лицемер. Потеклото на зборот е поврзан со грчкиот збор „хипокрисис“, што значи да се претвораш во нешто што не си, да глумиш дека си некој друг, а не тој што вистински си. Во Елада со зборот хипокрити биле именувани театарските глумци што во претставите користеле маски претворајќи се дека се други ликови, настојувајќи да ја залажат публиката да верува во она што го гледа. Оттаму терминот хипокрит – лицемер поприми разни толкувања, но основната примена е за луѓе што се преправаат дека се она што не се. Општата дефиниција за лицемерството е дека тоа е човечка особина карактеристична за оние луѓе што проповедаат одредени верувања, идеи, стандарди, квалитети, доблести, вредности и некои други карактеристики, а всушност истите тие на големо ги кршат. Речиси секому му е позната и филозофската изрека дека во секој човек (во секој од нас) се крие по еден лицемер.
И во Библијата се спомнува, кога Исус предупредува на лицемерството и вели: Чувајте се од книжниците и фарисеите што е лицемерство. Нема ништо скриено што не може да се открие, ниту скриено што не се знае. На Мојсеевиот стол, рекол Христос, „седат книжниците и фарисеите. Сѐ што ќе ви кажат извршувајте и држете, но не се управувајте според нивните дела, зашто тие зборуваат, а не извршуваат“. Зборовите лицемер, лицемерство, се среќаваат и во старословенскиот црковен јазик уште од неговите најрани времиња.
Лицемерството си има свои други имиња, синоними што го дообјаснуваат. Тие се: дволичност, неискреност, двојност, измама, манипулација, лукавост. Тие се неговите плетки што се користат како начин на комуникација намената за оние што треба да бидат залажани. Самиот збор „лицемер“ на сликовит начин може да се протолкува и на следниов начин – „лице – мер“ е оној што мери, што го дозира обликот на своето лице и ја одредува килажата на својот збор во зависност од целта што ја посакува и околностите во кои се наоѓа. Глумец што става различна маска за секоја различна ситуација. На пример – за истата работа еднаш скока од радост, еднаш плаче, лее солзи, како мало дете. Во народниот говор лицемерството најчесто се изедначува со лигавост, со лигавење.

Во политичката теорија лицемерството се објаснува како свесна употреба на маска за да се залаже јавноста и да се стекне политичка корист. Политичките лицемери демонстрираат доблести што не ги поседуваат, искажуваат чувства што не ги чувствуваат, светогледи што ги немаат, сѐ со цел да ги наведат другите луѓе да пијат вода од нивниот извор, колку и да е таа вода загадена. Политичарите со такви морални особини често ги менуваат своите погледи и ставови во зависност од користа за добивање или останување власт, кај таквите тешко е да се одреди што е вистина што лага. Тоа нивно глумење пред јавноста некогаш е толку очевидно, некогаш прикриено, доведено до совршенство. Не останало незабележано дека колку се оди кон повисоките скали на општеството или кон повисоки позиции толку повеќе лицемерството расте.
Хипокризијата отсекогаш била и ќе остане составен дел од животот на луѓето и како алатка во рацете на политиката, насекаде во светот. И сега наголемо се продава како во политиката, така и во економијата, културата, образованието, здравството. Македонците во големи количества го примаат европското лицемерство многупати искажано со наводната поддршка. Некому ќе му звучи контрадикторно, но фактите говорат дека токму таа поддршка наместо да ја стабилизира и јакне, ја растура Македонија. Полека, полека, речиси триесет години, низ разни лицемерни комплименти европски институции и политички личности ја убиваат државата за која зборуваат сѐ најубаво, а мислат сѐ најлошо. Да не зборуваме за Бугарија, која цело време наводно ги поддржува Македонците да станат дел од Европската Унија, а всушност, не ги признава како посебен народ, дека воопшто постојат со свое име, јазик, историја. Поголемо лицемерство – здравје.

Ако некои политички аналитичари хипокризијата ја сметаат за една од современите политички болести, не може да се одрече дека тој вирус ја нема зафатено и Македонија и дека од таа болест не страдаат и македонските политичари. Примери за воспоставување таква дијагноза има многу, не треба да се наведуваат. Зад нив не заостануваат и некои медиуми, портали и новинари, кои главен адут во уредувачката политика им е лицемерството, она лицемерство што народот го вика лигавење кон властите и лидерите на партиите. Се создава атмосфера работите и настаните да не се именуваат со вистинските имиња, луѓето сѐ повеќе да го зборуваат тоа што не го мислат. Сега е време кога најтешко им е на луѓето што мислат логично, кои ги гледаат голите факти, а не веруваат во богатството од фрази и ветувања.

[email protected]