Легенди за јаболкото што го смени светот

Во македонските легенди за јаболкото најпозната е онаа за Златоврв кај Прилеп, каде што на височина од 1.425 метри, златно јаболко на висок крст поставиле калуѓерите од манастирот Трескавец уште во 13 век. Од колено на колено се раскажува дека некогашното златно јаболко го украле клетите Турци и го однеле во Стамбол. Златното јаболко (така се нарекува, а не е од злато) на Златоврв над Трескавец е своевиден громобран, заштитник од луњи и природни пакости. Легендите велат дека од таа карпа има глетка до Беаз куле во Солун и Солунското Поле

Како ресенец и преспанец сум живеел меѓу јаболкници како дрвја и јаболка како плодови. Тогаш несвесен, но со текот на годините откривав дека ова библиски забрането овошје, на еден или на друг начин, низ легенди и во практика, влијаело врз животот на генерации и генерации и во обликувањето на денешниот современ свет. Малкумина се оние што не знаат за Адам и Ева, за Еденската градина, за змијата и јаболкото. Според Библијата, првите луѓе, Адам и Ева, кои живееле голи во рајот, по волја на Господ, смееле да јадат од секое дрво, забрането им било само јаболкото, важело за Дрво на животот. Змијата ја натерала Ева да касне, Ева му дала на Адам. Тогаш им се отвориле очите, виделе дека се голи и почнале да распознаваат што е добро, што е зло. И Господ ги казни за стореното дело: змијата ја проколна да се влечка помешечки и да јаде прав цел живот, за првиот сторен грев преку Ева, Бог ги казни жените со умножување на маките при породувањето и го назначи мажот за господар над неа. Не остана поштеден ниту Адам, кому како маж му одреди со мака и со пот да заработува за да се храни до крајот на животот. Откако им ја укина бесмртноста ги изгони од рајската градина, така што до денес нема доказ дали некој влегол или излегол од рајот.

Оттаму јаболкото е симбол на знаењето и бесмртноста, плод на спознанието и слободата, не се малку и оние што го сметаат за симбол на првиот грев. Според некои верувања, јадењето јаболко е поврзано со злото по три емоционални линии: понекогаш служи за да се спознае злото, понекогаш да се посака злото, а понекогаш за да се направи злото. Во некои бајки низ светот се раскажува дека оној што јаде јаболко никогаш нема да биде гладен и жеден, ниту ќе чувствува болка, ниту ќе биде болен. Тоа е плод што ја одржува младоста, симбол на постојано обновување. Во библиската Песна над песните, што важи за првата и сѐ уште најдобро напишана поема за љубовта, возљубената моли: „Освежете ме со јаболка зашто сум болна од љубов“, а возљубениот возвраќа дека „љубовта е силна како смрт, љубомората – лута како пекол“.

Кога сме кај легендите, една од најстарите е онаа за златното јаболко, за божиците Хера, Атина и Афродита, кои се искарале за тоа која е најубава. Со таа кавга во која Афродита на грчкиот јунак Париз му ја ветила за невеста спартанската кралица Елена, најубавата жена на светот, всушност започнала десетгодишната војна за Троја. Нивното златното јаболко, оттогаш стана „јаболко на раздорот“, синоним за неслога и кавга што и денес е во широка употреба. Македонија низ историјата во подолг период беше означувана како јаболко на раздорот на Балканот, што се засноваше на настојувањата на Бугарија, Грција и Србија таа да биде нивни составен дел.
Од времето на стариот Рим постои поговорката „од јајце до јаболко“, што значело дека оброкот почнува со јајце, а завршува со јаболко. Позната е и легендата за Вилијам Тел, кој бил принуден со стрела да цели кон својот син, кој на главата имал јаболко, по што е крената побуна и е основана Швајцарија. Конечно, кога се зборува за минатото и за улогата на јаболкото во создавањето на новиот свет неодминливо е генијалното научно откритие за гравитацијата. Наводно, дремејќи под јаболкница прочуениот шкотски научник Исак Њутн се разбудил со џумка на глава. Му паднало јаболко од дрвото и сфатил дека тоа е дејствување на Земјината тежа. Најпросто речено: сѐ што ќе се фрли кон небото, земјата си го враќа назад. Прост заклучок од кој се извлечени многу сложени теории, кои овозможија денес човекот да лета од земјата во вселената и жив и здрав да се врати назад.

Некои од светските легенди велат оти Александар Македонски одејќи по патот на изгревот на сонцето го барал изворот на животот што има вода на бесмртноста. Кој ќе се напиел ќе станел бесмртен, ќе имал вечен живот. Кога стигнал во Индија му покажале некаков вид јаболка што животот на тамошните свештеници и факири им го продолжувал до 400 години. Кога Александар завладеал со Персиското Царство, тој и неговите „агрономи“ ја сфатиле користа од одгледувањето на јаболката и почнале да праќаат семиња и садници во плодородните македонски и елински краишта. Од таа почва, јаболкото почна да се пренесува кон северот на Европа, пат што го изоде и апостол Павле во ширењето на христијанството.

Во македонските легенди за јаболкото најпозната е онаа за Златоврв кај Прилеп, каде што на височина од 1.425 метри, златно јаболко на висок крст поставиле калуѓерите од манастирот Трескавец уште во 13 век. Од колено на колено се раскажува дека некогашното златно јаболко го украле клетите Турци и го однеле во Стамбол. Златното јаболко (така се нарекува, а не е од злато) на Златоврв над Трескавец е своевиден громобран, заштитник од луњи и природни пакости. Легендите велат дека од таа карпа има глетка до Беаз куле во Солун и Солунското Поле.

Во модерниве времиња светот го одбележуваат два американски јаболкови симбола. Едниот е метрополата Њујорк, кого го викаат и Големото Јаболко. Тоа не е некакво историско наследство, некаква мистика, туку има понов датум. Имено, во текот на 1940 година, некој музичар со име Роберт Емерих напишал мрачна балада наречена „Големото јаболко“. За многу кратко време песната била заборавена од сите, освен од легендарниот новинар Волтер Винчел, кому толку многу му се допаднала песната, што во својот дневник и во етерот на радио секојдневно Њујорк го најавувал како – големото јаболко. Оттаму, насловот на мрачната песна станал препознатлив прекар на големиот град. Постои верзија дека тоа било и неговото прво име, но вистинска употреба доживува кон крајот на минатиот век, низ финтите за маркетинг и рекламирање на Њујорк како туристичка атракција. Другото е компјутерската компанија „Епл“, чие лого е одгризано јаболко со дршка, симбол што ги опфати сите континенти. Фирмата од непознатото гратче Купертино во Калифорнија, направи револуција со новите техничко-технолошки откритија, револуција што експресно го унапреди светот.

Постојат томови книги, брошури, пропагандни упатства за лековитите својства, при што сите докази за богатството со минерали, витамини, антиоксиданти и други корисни состојки, се сублимираат само во една реченица позната во целиот свет, а која гласи: „Едно јаболко на ден – доктор не ви е потребен“. Од друга страна, една стара пословица вели „едно скапано јаболко ќе го згние и цел кош“, што во животот е пандан на поговорката „еден будала што ќе расипе сто паметни не може да поправат“.

pande.k@novamakedonija