Леандри покрај патот на лагите

Јани Бојаџи

Драги мои, на 10 јуни 1970, Јосип Броз, познат како другарот Тито, ја посетил Струмица, градот во кој јас ќе се родам неколку седмици по тој настан. Се зборува дека подготовките за тоа прво и последно негово доаѓање траеле со месеци и најголемиот проблем од сите бил – каде да преноќи претседателот, а тоа да биде место достојно за најголемиот син на народите и народностите на единствената социјалистичка демократија! Било решено за преноќиште да се одреди хотелот „Банско“ (не „Цар Самуил“, тој се гради 15 години подоцна) и за таа цел од излезот на сега мегапопуларното Муртино, па до хотелот во селото Банско се трасирал и асфалтирал еден тесен и прав пат, широк три-четири метри, по кој се возиме и ден-денес. Но кога Републичката комисија од Скопје дошла да провери како се справуваат со одговорната задача локалните општински другари од Струмица, се шокирала од ужасната глетка на рамното, сиво и правливо летно струмичко поле! И дале задача да се реши тој проблем – веднаш. Еден местен другар се сетил на генијална работа.

Сите леандри што струмичани ги имале по дворовите (а немаше нормална градска куќа без бујни жолти, црвени и розови црепови направени од употребени тенекии за маслинки посадени со мирисливиот цвет на леандровото дрво) да му ги предадат на Општинскиот одбор за да послужат за украсување на патот по кој ќе помине „саканиот другар“! И за неколку дена биле собрани сите леандри од дворовите, натоварени на трактори и на камиони и наредени од двете страни по целата должина на муртинското џаде. Тито дошол и заминал. Посетата била прогласена за успешна и, како што се кажувало тогаш, историска! И кога сѐ било готово, леандрите биле натоварени повторно на трактори и камиони и вратени назад во градот. И тука настанал проблемот! Кои леандри точно чии навистина се?! Оние поубавите биле препознаени веднаш и, како што најчесто бидува, биле земени не од вистинските сопственици на тие медитерански чудесии туку од други, узурпатори, што паднале на искушението да украдат малку од туѓата убавина! Боже господе! Настанал таков хаос што Општинскиот одбор со денови, недели и месеци не успевал да расчисти кои цвеќиња чии се?! И така се родила пизма и омраза меѓу соседи што се испокарале за леандрите.

Блиски и роднини кренале рака едни на други поради ленадрите. Паднале гадни обвиненија за кражба на туѓите леандри. Некаде дури имало и физички пресметки помеѓу жени на извесна возраст што во дворовите на соседите и пријателите ги препознале своите мирисливи дрвја! Работата стигнала дотаму што многу семејства ги прекинале меѓусебните врски и создале омраза, која траела со години и децении. Некои од нив траат и до ден-денес. Има луѓе во Струмица што и денеска се мразат поради леандрите! Семејства се во меѓусебен антагонизам поради расправија на нивните баби во врска со леандрите од денот кога Тито дошол во посета на градот што денеска некои, меѓу другото, го нарекуваат европски! Зошто ви ја раскажувам оваа анегдота од „среќните денови“ на комунизмот? Сакам да ви илустрирам дека некогаш работи за кои мислиме дека се прават за на некој друг да му се угоди и да му биде убаво може кај вас да поттикнат конфликти што ќе предизвикаат последици од огромни размери и поделби што ќе траат со децении и генерации! Постојат работи кон кои секој од нас создава личен однос и идентификација, која доколку биде одречена или земена од некој друг, произведува внатрешни потреси со агресија од неконтролирани размери.

Драги мои, ако во мојот роден град Струмица се случило вакво нешто заради леандри, кои сепак се само материјални вредности, можете ли да замислите какви последици ќе предизвикаат актуелните политички и идентитетски поделби во Македонија? Од ова што партијата СДСМ го прави во последните три години со поделбата на Македонци и северџани, а сега и на Македонци и Бугари, ќе бидат засегнати пријатели, другари и роднини што ќе се определат за едната или другата страна и тоа ќе донесе конфликти, кои се плашам дека многу лесно може да прераснат во меѓусебен судир, немири, па дури и граѓанска војна! Она што уште повеќе загрижува во целата оваа состојба е фактот што овие поделби апологетите на партијата на власт имаат намера од политичкиот простор да ги пренесат во живиот живот, со интервенции во личните убедувања, сопственоста, образованието и приватниот говор! Можете ли да замислите што сѐ ќе се случува кога децата на веќе раскараните семејства ќе се поделат и во училиштата, на улиците, во спортските сали и на јавните манифестации? Се плашам дека ниту се свесни ниту подготвени за антагонизмот што ќе дојде со првиот ден на предизборната агитација, а ќе се интензивира во кампањата и особено по неа.

Сосема е јасно дека борбата ќе биде немилосрдна не да се дојде на власт туку да се одбрани власта! Секој од нас знае дека зад оваа радикална политика се кријат интереси на други држави, но и личните политички и бизнис-интереси на номенклатурата на власт создавана во Струмица од времето на транзицијата, па до ден-денес, кога семејната империја во последните три години е пренесена на територијата на целата држава, но и во соседните земји Бугарија и Грција. За таа цел тие создадоа систем на омраза, кој освен реалниот живот на неистомислениците, го засега и личното духовно живеење, кое е примарната виталност кај човекот. Се плашам дека таа примитивна, необразована и заслепена од омраза псевдоелита нема капацитет да разбере дека токму тоа ќе го предизвика општествениот судир, кој може да прерасне во агонија од несогледливи рамки. Имено, човечкото достоинство и границата на толеранција може да се развлекуваат сѐ додека не почне да се иритира внатрешниот духовен и емоционален свет. Овие плутократи не можат да сфатат дека битието, длабокиот човечки живот не се состои од материјални вредности или од храна за телото. Суштината на човекот и неговата вистинска природа се во духовните честици со кои тој се доживува како единствено и комплетно битие со свој автентичен и особен духовен свет различен од другите! И кога тој свет ќе го доведете во прашање, тогаш се случува отпорот, кој може да предизвика повратен удар со жестокост од катаклизмични размери.

Најпосле, никогаш, ама никогаш овој народ не се побунил поради немаштија и глад. Сите буни и востанија биле во моментите кога го нарушиле достоинството на Македонците до границите на неговото постоење! Во последните три години тие граници се опасно нарушени, а тоа постоење сериозно е доведено во прашање. И да, бунтот никогаш не бил директно поради конкретен настан предизвикан од спротивната страна. Востанијата и војните секогаш се случувале поради нешто што не е во директна врска со причините што ги предизвикале тие востанија. Доколку се случи, така ќе биде и овој пат. Токму кога не очекувате и поради она што не ви паѓало ниту на крајот на паметот, ќе предизвикате експлозија што ќе ве разнесе на парчиња крваво месо и сурови коски, кои ќе бидат изглодани од историјата како храна за диви кучиња скитници што немаат ниту дом ниту место ниту татковина.

Се плашам дека повратната точка одамна е помината и дека безумнициве работат на инцидентот што ќе се обидат да го покажат како пожар на Рајхстагот и дека веќе го имаат подготвено списокот на обвинети за огнот што самите ќе го подметнат. И на крајот од ова, да ги потсетам, иако пред некое време им кажав: „Прирачникот за политика на владеење со создавање јавен привид“ по кој работат – е кај мене! И знам што е следното што планираат да го направат! Исто како што знам што пишува дека ќе направат доколку некој дознае што планираат да направат?! И ќе го направат тоа што треба да го направат! Самоизбраните наследници на комунистите ќе го направат истото она што го направиле оние пред нив: јавен привид дека нешто прават! Наместо покрај патот по кој минуваат да изградат реални животни вредности, тие создаваат јавен привид, лаги украсени со туѓи леандри покрај патот на животот, кој зад цвеќињата е сив, пуст и правлив! Патот самите го трасираа и наредија со леандри од двете страни. Настанот е завршен и, како што обично се случува, прогласен е за – историски! Е, сега останува да се вратат леандрите што ги одзедоа од туѓите дворови!

Авторот е режисер